На бегалците ќе им се одредува каде ќе живеат
26 мај 2016Германската влада на седница во дворецот Мезерберг се договори околу Законот за интеграција. Тоа би бил прв закон од ваков вид во историјата на Сојузната република и, според канцеларката Меркел, е „важен момент“ за процесот на интеграција на бегалците. Треба да се учи од грешките на минатото, рече канцеларката. Затоа, законот треба да го поттикне учењето германски јазик и да ги отстрани пречките кои стојат на патот на наоѓање работа за бегалците. Истовремено, тој предвидува кратење на услугите за бегалците и санкции доколку тие одбијат да прифатат понуди за интеграција. Тоа, според владејачката коалиција, се нарекува „поттик и барања“. И, токму тоа, како што вели вицеканцеларот Зигмар Габриел, е пример и основа за закон за доселување кој би се донесол во иднина. „Со овој закон Сојузната република првпат вели - не чекаме пасивно, туку одиме офанзивно во пресрет на оние кои доаѓаат кај нас.“
Поголема поддршка, но и повеќе закани со санкции
Со законот би требало особено да се отстранат бирократските пречки за бегалците кои се во потрага по работа, објасни министерката за труд Андреа Налес при претставувањето на законот. Тука се вбројува ставањето вон сила во период од три години на т.н. проверка на предноста што при барањето работа ја имаат лицата со германско државјанство или со државјанство на некоја од земјите на ЕУ. Освен тоа, законот за интеграција предвидува програма за пазарот на работа со 100.000 „мини-џобс“ за бегалците, како и олеснет пристап до обука за работа. Треба да се укине стриктната старосна граница која сега е определена за почеток на обуката за работа, а перспективата за останување во земјата за време и по обуката ќе биде обезбедена. На тој начин сигурност добиваат фирмите кои нудат обука за работа.
И учењето на јазикот би требало да се дополни со многу понуди, особено за оние бегалци кои имаат добра перспектива за останување во Германија. „Најдобриот пат за интеграција е работата, а најдобриот пат до наоѓање работа е да се учи германски“, изјави министерката Налес. За бегалците кои имаат слаби перспективи за останување, а во нив се вбројуваат барателите на азил од Северна Африка и Балканот, германската влада сака да понуди курсеви за ориентација. „И оние кои ќе мора да си заминат, треба да понесат добра слика за Германија“, оцени Налес. Првиот пилот-проект за таа цел треба да почне во втората половина од годинава.
Пакетот мерки истовремено предвидува и низа можности за санкции доколку бегалците се спротивставуваат на понудите за интеграција. Тоа е дел од концептот „барања“ на државата. „Очекуваме луѓето да ја прифатат понудата“, рече канцеларката Меркел. Оној кој не сака да го стори тоа, ќе биде соочен со кратење на услугите од страна на државата. Тоа, како што вели првиот човек на Сојузот на самостојни здруженија и организации кои пружаат услуги од сферата на социјалата и здравството Ролф Розеншток, е далеку од реалноста: „Во земја, во која досега не е можно да се понудат доволно курсеви за интеграција и јазик, да им се заканувате со санкции на оние кои евентуално вакви курсеви не би посетувале, е едноставно погрешен сигнал!“
Политиката има намера на бегалците да им пропишува и каде во државата може да живеат, а каде не. На тој начин, според намерите, треба да се спречи создавање гетоа. Во „Изјавата за интеграција“ од Мезерберг се вели: „На тој начин ќе успееме да ја зајакнеме општествената соработка и да спречиме создавање паралелни општества во нашата земја.“ Тоа за бегалците практично значи дека тие ќе треба да останат во покраината која ги прифатила како баратели на азил. Во рамките на таа покраина може да се селат по договор со властите, но може да им биде изречена и забрана за преселба.
Оној што нашол работа, може да се сели каде што сака. Тоа ќе важи и за лицата кои се на обука, за студентите и за семејствата кои не би требало да се раздвојуваат. Бегалците во иднина би требало по правило да добиваат дозвола за траен престој по пет години. Оние кои имаат добри познавања на германскиот јазик и кои може да докажат дека имаат работа од која може да се издржуваат, би имале можност за траен престој и по три години.
Владата задоволна, другите критикуваат
Владата е демонстративно задоволна од постигнатиот компромис околу Законот за интеграција. Поинаку размислуваат социјалните здруженија, синдикатите и претставниците на опозицијата.
Организацијата Про Азил смета дека планираниот закон е „проблематичен и популистички“. Законот им оди на рака на десничарите затоа што остава впечаток како бегалците воопшто да не сакаат да се интегрираат, изјави раководителот на Про Азил, Гинтер Буркарт, за ДПА. Тој оцени дека вистинската интеграција би морало да се спроведува поинаку. Според него, особено спротивна на намерите за интеграција е клаузулата за забрана за селење. „Со тоа се спречува луѓето да почнат нов живот на своја одгвоорност“. Погрешно е бегалците да се чуваат во региони каде има полоши шанси за работа. Освен тоа, правно е проблематично ограничувањето на нивната слобода на движење.
Токму тоа од политиката постојано го бара Германскиот сојуз на градови и општини кога се работи за праведна распределба на бегалците. Претставничката на УНХЦР во Германија, Катарина Лумп, потсетува дека слободниот избор на местото на живеење е право на бегалците заштитено со меѓународното право. „Затоа, ограничувањата во одделни случаи мора да се оправдаат“, изјави Лумп.
Владејачката коалиција има намера да го истурка законот во Бундестагот и Бундесратот уште пред да почне летната пазуза.