Печат: засилени знаци на распад во ВМРО-ДПМНЕ
5 ноември 2018Се засилува кризата во најголемата опозициска партија во Македонија- ВМРО-ДПМНЕ, пишува во викенд изданието австрискиот Стандард. Судењето на експартискиот лидер Никола Груевски и други високи поранешни функционери, замрзнувањето на партискиот имот од страна на судот и пресметка меѓу прозападното и проруското крило во партијата: ова, според Стандард, се сигнали за голема криза во ВМРО-ДПМНЕ.
„Партијата која беше на власт од 2006 до 2017 и која западна во криза поради систематската злоупотреба на власта, и по три години нема спроведено никакви подлабоки реформи, кои би ѝ овозможиле нов почеток.
Бројни партиски големци, како поранешниот премиер Никола Груевски, во меѓувреме се осудени за злоупотреба на функцијата и други деликти.
(...) Минатата недела судот го замрзна имотот на партијата кој се содржи од 69 објекти- а меѓу нив и партиската централа во Скопје. Судот на тој начин сака да овозможи истрага за перење пари- затоа што партијата најави дека сака да продава дел од недвижностите.
(...) Груевски е осомничен дека прифаќал донации за партијата во милионски износи и истите ги инвестирал во купување недвижности.
Но, ВМРО-ДПМНЕ не е во потешкотии само поради криминалните активности, туку се соочува и со длабока идеолошка надворешно-политичка поделба. Тоа се виде и во неодамнешното гласање во парламентот во врска со договорот за името со Грција. Актуелното раководство под Христијан Мицкоски се спротивстави на новото име- Северна Македонија...
Прозападно и проруско крило
Но, во ВМРО постои едно крило кое го фаворизира прозападниот курс и остро му се спротивставува на проруското, екстремно националистичко крило.
(...) Некои претставници на ВМРО го критикуваат раководството на партијата, пред сѐ затоа што ја изолира партијата со својата антизападна политика. Поради тоа, влошени се и односите со сестринската партија, Европската народна партија (ЕПП). Од ЕПП се заложија за имплементација на договорот со Грција. И во Европската Комисија владее големо разочарување поради тоа што ВМРО изврши мобилизација против договорот за името.
Од ВМРО во изминатите месеци тврдеа дека новото име ќе го загрози и идентитетот. Според договорот со Грција граѓаните сепак, и во иднина, ќе се нарекуваат Македонци- се работи за компромис со Атина со кој Грција конечно ќе го отстрани ветото за членство на земјата во НАТО и ЕУ“, пишува Стандард.
На истата тема куса анализа на својот дописник од Балканот објавува и луксембуршкиот Тагеблат под наслов „Македонската опозиција се распаѓа- борба на концепти во кавгата околу новото име на земјата“.
„На лизгавиот политички паркет во Македонија, еден удар никогаш не доаѓа сам. Најпрво пред две недели седум пратеници на националконзервативната ВМРО-ДПМНЕ гласаа за уставните промени, што го разлути партискиот лидер Христијан Мицкоски. А сега најголемата опозициска партија се соочува и со засилени знаци на распаѓање: во трката со пречки за промена на името во Северна Македонија, прв настрада најголемиот противник на договорот со Атина.
Борба за преживување
(...) Во меѓувреме, потресена од внатрешни несогласувања, ВМРО се бори за своето преживување. Самиот факт што седум дисиденти од партијата го обезбедија неопходното дво-третинско мнозинство во парламентот, беше тежок удар за партиското раководство. Разлутени, од ВМРО веднаш ги исклучија непослушните од партијата. Но, во последните денови исклучувањето на партиски функционери кои важат за критичари на Мицкоски, прерасна во бран оставки на водечки партиски функционери. Меѓу нив и претседателот на подмладокот, како и претседателката на Унијата на жени: тие му префрлаат на партиското раководство дека меѓународно ја изолирало партијата која традиционално има прозападен курс.
Притоа, се чини дека и европските конзервативни сестрински партии од ЕПП го загубија трпението со ВМРО и му се закануваат со исклучување. Истовремено, ВМРО има големи проблеми и со правосудството. Поради сомнежи за перење пари и црни партиски каси во времето на поранешниот скандалозен премиер Никола Груевски, судот нареди блокада на имотот на партијата до крајот на истрагата. Груевски до 8 ноември треба да се јави на издржување затворска казна. Други кривични постапки против него и против други поранешни министри на ВМРО се во тек“, пишува Тагеблат.